Јагма за сликички од македонски фудбалери за албумот „Еуро 2020“

06.04.2021 15:01
Јагма за сликички од македонски фудбалери по пристигнувањето на албумот „Еуро 2020“

За прв пат после распадот на Југославија, колекционерите на сликички од Северна Македонија имаат прилика да ја видат фудбалската репрезентација на својата држава во албум посветен на едно Европско првенство.

Судејќи по реакциите на социјалните мрежи и по според активностите околу трафиките, најновиот албум „Еуро 2020“ од италијанскиот издавач „Панини“ предизвикува огромен позитивен интерес, кој се надоврзува на радоста предизвикана од неодамнешните победи на македонската фудбалска репрезентација.

Албумот е посветен на европското првенство кое требаше да се случи во 2020 година, но УЕФА го одложи почетокот до 11 јуни оваа година заради пандемијата ковид-19, без да го промени името.

Дистрибуцијата на албумот и сликичките во Северна Македонија започна во првите денови на април. Во текот на целото работно време во сабота, пред продавницата на „Ворлд прес“ во центарот на Скопје имаше ред граѓани од сите возрасти кои стрпливо чекаа да купат албум и сликички.

Традицијата на собирање и размена на самолепливи сликички е дел од заедничката култура во Југославија. Во седумдесеттите и осумдесеттите години, низ целата федерација, освен увозните албуми на „Панини“, популарни беа и домашни изданија како „Животинско царство“ на хрватската фирма за слатки Краш. Албумите покриваа најразлична тематика, од спорт до стрипови, oд ТВ серии до едукативни содржини.

Во 2006 година, македонскиот програмер Горан Шлакески го основа веб-сајтот slikicki.com, достапен на македонски, англиски и словенечки јазик, кој стана своевиден центар на онлајн заедница за размена на сликички. Преку овој непрофитен веб-сајт колекционерите ги документираат своите збирки и договараат средби за размена.

Некои од тие средби имаа масовен карактер, со стотици учесници кои се собираа кај фонтаната во Градскиот парк во Скопје, за што во 2014 година известуваше и „Глобал војсис“.

Освен во мрежата трафики и други продавници, сликичките за „Еуро 2020“ може да се купат и преку веб-сајтот slikicki.mk кој го води фирмата Дипрес Дооел Скопје. Цената на една сликичка е 8 денари, а се продаваат во пакетчиња од пет по цена од 40 денари. За да се пополни албумот потребни се вкупно 654 уникатни сликички.

Фото: Мета.мк

Извор: Мета

 

ОкоБоли главаВицФото