На глобалниот Југ му требаат моќ и ресурси, а не репрезентациски паравани

07.04.2021 01:01
На глобалниот Југ му требаат моќ и ресурси, а не репрезентациски паравани

Нгози Оконџо-Ивеала

Според сите очекувања, Нгози Оконџо-Ивеала, некогашна министерка за финансии и министерка за надворешни работи на Нигерија, ќе застане на чело на Светската трговска организација (СТО). Оконџо-Ивеала се натпреваруваше за местото претседателка на Светската банка во 2012 година, кога поранешниот претседател на САД, Барак Обама за таа позиција го избра Американецот, Џим Јонг Ким. Во текот на нејзината кампања за претседателка на Светската банка - а сега и на СТО - многу коментатори/ки ја поздравуваа важноста на доаѓањето на црна Африканка на челното место на една голема финансиска институција како „одлучувачки момент за Африка, која долго беше под чизмата на странските сили и финансиските институции“. Меѓутоа, панафриканската левица мора да ја одбие политиката на репрезентација која е цел самата по себе. Ако поентата е црната Африканка да послужи како параван за истите неолиберални политики кои го кочеа економскиот развој во Африка, тогаш таквата репрезентација е контрапродуктивна.

Заедно со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, СТО е дел од „несветото тројство“ меѓународни институции кои управуваат со глобалниот трговски и финансиски систем во корист на главните мултинационални корпорации и нивните акционери, а на штета на екосистемите и работниците и работничките во целиот свет. Светската трговска организација е основана 1995 година, кога после периодот на студената војна кулминираше неолибералниот триумфализам. Го замени полабавиот Општ договор за тарифи и трговија (General Agreement on Tariffs and Trade, GATT), како перманентна организација која преку механизмите за решавање спорови помеѓу државите (САД неодамна саботираа еден таков) полесно може да ги санкционира земјите кои се обидуваат да ја ограничат надворешната трговија. ГАТ им овозможуваше на владите од глобалниот Југ заради развој да имплементираат скромни облици на заштита за индустриите во развој но и други трговски ограничувања. САД и европските влади бараа начин да ги ослабат овие одредби и да ги прошират принципите на слободниот пазар на услугите и интелектуалната сопственост. Во 1999 година, СТО беше разнишан од протестите на глобалната коалиција работнички организации и групите за заштита на животната средина кои го нарушија нејзиниот годишен состанок во Сиетл.

Иако поздравена како „развојна рунда“ - наводно фокусирана на потребите на најсиромашните земји - најновата серија глобални трговски преговори заглави затоа што владите од глобалниот Југ, предводени од Индија и Кина, одбија дополнително да ги отворат своите пазари за северноамериканскиот, западноевропскиот и јапонскиот капитал. Исто така, инсистираа владите на глобалниот Север да ги отворат своите пазари за земјоделските извозни производи од Југот, така што ќе ги намалат трговските бариери, особено своите огромни стимулации за домашниот агробизнис.

Затоа, на идната реководна личност на СТО треба да ѝ се постави следното прашање: на чија страна сте? Дали Оконџо-Ивеала ќе му го покаже африканското лице на Северот за да го прошири слободниот пазар и да ја зајакне моќта на главните мултинационални компании или ќе се бори за правото на владите од Југот да им ја подредат меѓународната трговија на сопствените домашни развојни приоритети? Иако нигериската влада има протекционистичка репутација - заради која заговорниците на проектот Африканска континентална слободна трговска зона) стравуваат за неговиот опстанок - Оконџо-Ивеала е позната како ортодоксна економистка чија кариера во Светската банка трае веќе неколку децении. Нејзината кандидатура за претседателка на Светската банка доби поддршка од медиумите како Економист и Фајненшл Тајмс, за кои е тешко да се тврди дека се пријателски настроени кон африканските работници и селаните.

Во текот на својот мандат, Оконџо-Ивеала го навлече бесот на нигериската левица. Многумина се противеа на нејзиниот прв голем чин на местото министерка за финансии: договорот со Парискиот клуб - групација западни и јапонски официјални кредитори - за реструктурирање на нигерискиот надворешен долг во 2003 година. Договори намалување на нигерискиот долг од приближно 35 милијарди на 17,4 милијарди американски долари, што подразбираше веднаш да се исплатат 12,4 милијарди. Многу нигериски прогресивци заговараа дека народот на Нигерија не би требало да врати ниеден долар од заемите зашто нив ги договори корумпираната воена диктатура и зашто заемодавците знаеја дека добиените средства на тој начин ќе бидат украдени. Овој одиозен долг не требаше да се признае. Милијардите изгубени во отплати можеа да се потрошат во инфраструктурата и платите на вработените во образованието и здравството.

Во вториот мандат како министерка за финансии, Оконџо-Ивеала стана јавно лице на длабоко непопуларната одлука од јануари 2012 година за укинување на субвенциите за гориво, што преку ноќ доведе до двојно зголемување на цените во јавниот превоз, како и до ненадеен пораст на животните трошоци. Милиони Нигеријци и Нигеријки ја доживуваа субвенцијата за гориво како единствена бенефиција која донесува огромно нафтено богатство за нивната земја, и не им веруваа на ветувањето на своите политички челници дека ќе ги реалоцираат овие средства во јавната потрошувачка за социјални услуги. Овој протест поттикна национален штрајк и протести на Occupy Nigeria, на кои им се придружија и уметниците како што се Сеун Кути, Воле Шоинка и Чинуа Ачебе.

Во децениите после формалниот крај на колонијализмот, многу Африканци и Африканки научија (на потешкиот начин) дека личностите на раководни позиции кои изгледаат и звучат исто како нив не значат премногу ако спроведуваат политики кои се на штета на мнозинството сограѓани и сограѓанки. Изборот на Оконџо-Ивеала - или кој било друг кандидат - на чело на СТО е важен исклучиво во контекст во кој нивното раководство отвора политички простор за земјите во развој да можат да градат индустриски политики. Постојат надежи дека претседателката на СТО од глобалниот Југ ќе биде приемчива за предизвиците кои ги претставува глобалниот пазарен систем пред периферните економии, но досегашната работа на Оконџо-Ивеала не буди премногу надеж во тој поглед. Иако „џентлменскиот договор“ помеѓу САД и европските влади (според кој раководната личност на Меѓународниот монетарен фонд секогаш ќе биде од Европа, а раководната личност на Светската банка од Америка) е неоправдан, панафриканската левица би требало да заговара и да работи на поправедна економија, наместо едноставно да се задоволи со „повеќе Црни лица на раководни позиции“.

05.02.2021

Франциско Перез е извршен директор на организацијата Center for Popular Economics.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://africasacountry.com/