Кралот Глуварче

07.04.2021 10:46
Кралот Глуварче

Еднаш, во една убава нива на крајот на светот си живеел еден Крал - Глуварче. Неговиот посебен талент се состоел во тоа што кога ќе дувнел ветар, парченца од него се расејувале толку многу далеку, што им влегувал на луѓето во сите дупки што ќе ги начекал отворени (оти нели, луѓето дупките секогаш ги пополнувале со капи, шалови, маски, ракавици и слично) и откако ќе влезел, им вдахнувал дух на инспирација. Некои ги инспирирал да готват, некои да посадат убаво цвеќе, а некои да компонираат симфонии, или обични, најобични песнички што луѓето наеднаш почнувале да си ги свиркаат со уста.

Еден ден, на една улица во најголемиот град на светот се случило да се разминат два човека свиркајќи ја истата мелодија.

- Чекај чекај.... се зачудил едниот од нив. – Што свиркаш?

- Незнам, - одговорил другиот.

- Ај свирни пак!

- Уф....се збунил другиот ...како беше...!?...не ми текнува...

Кралот Глуварче освен што ги инспирирал луѓето, знаел уште една прекрасна вештина – можел да направи од едното уво да влезе, а од другото да излезе. Така луѓето откако ќе ги исвиркале неговите мелодии, веднаш ги заборавале, но во душата им останувало чувството како да биле на некое најчудесно место на светот. И ако се сетеле да го прашаат Кралот Глуварче каде се наоѓа најпрекрасното место на светот, кралот таинствено ќе се насмевнел и со лесен допир на предниот дел од дланката ќе ги лупнел по челото велејќи:

- Сѐ е внатре: влезната врата е на челото, а излезот, просто како гравче-тавче!

- Каде, Кралу!?

- На тилот. Во задниот мозок! Но бидејќи е далеку од очите, далеку е и од срцето...

Потоа Кралот продолжувал да си глувари на нивата како ништо да не било, а ваму отворал и затворал светови. Тоа да видиш...


Цртежи: Monika Beisner

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото