Другата пандемија што ја игнорираме

08.04.2021 15:14
Другата пандемија што ја игнорираме


  Несомнено е ужасен фактот што 2.8 милиони луѓе починале од Ковид-19 во изминативе 15 месеци. Сепак, во приближно истиот период, барем тројно повеќе починале од загадување на воздухот. Ова би требало да нѐ вознемири од две причини. Првата е самиот број на смртни случаи од воздушно загадување – 8.7 милиони годишно, според неодамнешна студија – а втората е колку се само тие умирања невидливи, прифатени, недоведени во прашање. Коронавирусот претставуваше застрашувачка и непозната закана, поради што поголемиот дел од светот се обедини да ги ограничи неговите последици. Ситуацијата во која се најдовме беше неприфатлива – иако, полека и постепено, на многу места на крајот го прифатија, одлучувајќи да препуштат сиромашните и маргинализираните во најголема мера да го преземат ударот на болеста, смртта и принудните промени, и да дозволат медицинските лица да се сронат под обемот на работата.

Останатите форми на смрт и деструкција сме научиле да ги игнорираме, во смисла дека ни се нормализирани како некаква морална бучава во позадината. Ова е една од пречките при адресирањето хронични проблеми – од родово насилство до климатски промени. Како би изгледало кога тие 8.7 милиони смрти од воздушно загадување годишно би ги третирале како итни и кризни случаи – и би препознале дека респираториот импакт од честичките е само мал дел од разорното влијание на горењето фислни горива? За пандемијата успеавме да имобилизираме големи групи население, радикално да го намалиме воздушниот сообраќај и да го промениме начинот на кој многумина од нас живеат, како и да ослободиме огромни суми пари во форма на помош за луѓето кои се финансиски уништени од кризата. Можеме да го направиме истото за климатските промени, и мораме – но, првата пречка е недостатокот на чувство на итност, а втората е луѓето да разберат дека нештата би можеле да бидат понакви.

Во последниве 15 години посветив многу од моето пишување во обид да изнесам во преден план два нормализирани феномени - насилството над жените и климатските промени. За сите нас кои се трудиме да го привлечеме вниманието на јавноста кон овие кризи, голем дел од проблемот се состои во тоа како да се поттикнат луѓето да се зафатат со нешто што е дел од статус-квото. Итно реагираме на нешто што само што се случило, нешто што ги повредува нормите, но не и на нешта што се случуваат со декади или векови. Првата задача на повеќето движења за човекови права и за заштита на животната средина е невидливото да се направи видливо, а она што долго време било прифатено да стане неприфатливо. Секако, ова е донекаде остварено, во случајот на електраните на јаглен или фракирањето, но не и со општите причини за климатскиот хаос.


Климатските промени се невидливи, во секојдневната политичка свест, бидејќи се случуваат на рамниште прешироко временски и просторно за да се видат со голо око и бидејќи вклучуваат невидливи феномени, како на пример атмосферскиот состав. Единствено можеме да ги видиме последиците – цветањето на црешите во Кјото, Јапонија, кои годинава расцветаа порано од кога било регистирано во записите водени уште од 812 година, и дури и таму убавината на цветовите е восхитувачки видлива, додека пореметувањето на сезонските шаблони е сува статистика што лесно се промашува. Останатите ефекти често се превидуваат или се одрекуваат – пред климатските промени имаше диви пожари во Калифорнија, но тие се поголеми, посилни, побрзи, со подолга сезона на пожари, и за тоа да се препознае исто така бара да се обрне внимание на податоците.

Еден од впечатливите феномени во првите недели од пандемијата беше квалитетот на воздухот и песните на птиците. Во тишината среде запирањето на човековите дејства, многумина пријавија дека можат да чујат птици како пејат, а нивоата на воздушно загадување драматично паднаа низ целиот свет. Во некои места во Индија, Хималаите повторно беа видливи, за прв пат по децении што покажува дека една од суптилните загуби од загадувањето се глетките. Според CNBC, на почетокот на пандемијата „во Њу Делхи е забележан пад од 60% на ПМ2.5 во споредба со 2019, Сеул регистрирал пад од 54%, додека во Вухан, Кина, падот бил од 44%“. Враќањето во нормала подразбира задушување на песната на птиците, замаглување на планините и прифаќање 8,7 смртни случаи од воздушно загадување годишно.

Тие умирања се нормализирани – треба да ги денормализираме. Една опција за тоа е привлекување внимание кон кумулативниот ефект и кон мерливите резултати. Друга е да се мапира како нештата би можеле да бидат поинакви – во случајот на климатските промени, ова значи луѓето да се потсетуваат дека не постои статус-кво, туку свет што драматично се трансформира, и дека само храбра акција ќе ги ограничи екстремите на оваа промена. Енергетското подрачје исто така минува низ драматични промени: индустријата на јаглен пропадна во многу делови од светот, нафтената и гасната индустрија опаѓаат. Обновливите ресурси се во подем бидејќи постепено и стабилно стануваат сѐ поефективни, поефикасни и поевтини од енергијата генерирана од фосилните горива. Многу внимание се посвети на дејствата што го предизвикале пренесувањето на Ковид-19 од животните на луѓето, но дејствата со кои фосилните горива се извлекуваат од земјата и го предизвикуваат тоа загадување што убива 8,7 милиони годишно, притоа закиселувајќи ги океаните и предизвикувајќи климатски хаос, треба да се сметаат за далеку поскандалозно пречекорување на штета на јавното здравје и безбедноста.

Мојата надеж за пост-пандемиски свет се состои во тоа старите изговори за непостапување во однос на климата – дека менувањето на статус-квото е невозможно и прескапо – да се разобличат. Како одговор на пандемијата, ние во САД потрошивме трилиони долари и го променивме начинот на живот и работа. Потребна ни е волја да го направиме истото и за климатската криза. Администрацијата на Бајден презеде некои охрабрувачки чекори, но потребно е повеќе, и тука и меѓународно. Со намалување на јаглеродните емисии и со поместување кон користење почиста енергија, би можеле да имаме свет со повеќе птичји песни и планински глетки и помалку смртни случаи од загадување. Но прво мораме да ги признаеме и проблемот и можностите.

Извор: Guardian