Класата, родот и возраста се испреплетуваат во обликувањето на нееднаквоста

09.04.2021 01:27
Класата, родот и возраста се испреплетуваат во обликувањето на нееднаквоста

Поимот класа во општествен контекст - економски, социјален и политички - деновиве се врати во хрватскиот јавен простор на голема врата, т.е онаа што ни ја отвора високата наука. Значи, веќе нема да му недостасуваат формални легитимации, за понатаму да не го споменуваат само озлогласените радикалистички активисти и лево-левите опсерватори. Заслугите за таквиот исчекор му припаѓаат на штотуку објавеното истражување „Општествената стратификација во Хрватска: структурни и субјективни аспекти“, кофинансирано од Хрватската фондација за наука и Универзитетот во Задар. По тој повод ја интервјуиравме Карин Дулан, социолог, која го предводеше тимот од 12 истражувачки и истражувачи меѓу кои се истакнува работата на социологот Бранко Анчиќ и Жељка Тонковиќ. Проектот траеше три години, а во него се вклучени податоци добиени од илјада испитаници, со 78 поединечни интервјуа.

Да започнеме со наодот за релативно големиот, секако значаен јаз помеѓу тоа како испитаниците во вашето истражување се позиционираат класно и каде се објективно. Најмалку е присутен меѓу работништвото, додека поголем дел од елитата се гледа во средната класа. А значаен дел од проектот се концентрираше токму на таквата разлика како факт помеѓу субјективната проекција и реалната стварност. Од каде толкава неверодостојност во самодефинирањето и до какви заклучоци евентуално ве доведе тоа?

Да, поголемиот дел од нашите испитаници класно се самопозивионираат во средната класа. Тоа е изненадувачки наод, во склад е и со другите меѓународни истражувања кои покажуваат дека луѓето се склони да се позиционираат во средина. Едно од објаснувањата е дека забележувајќи ги луѓето околу себе можеме да ги видиме и оние кои живеат подобро од нас и оние кои живеат полошо, а во нашите најтесни кругови се оние кои ни се слични по природа или пак по образование, и тоа кај поголем број луѓе доведува до заблуда дека се во средина. Но ако ги погледнеме резултатите повнимателно, тогаш можеме да видиме дека иако малку помалку од една третина од работничката класа се самоидентификува како средна класа, 45 проценти во прашалникот се означуваат дека ѝ припаѓаат на работнчката класа. Во анализите на кои работев со колегата Анчиќ од Институтот за општествени истражувања во Загреб се покажа дека значајни предиктори се како испитаниците класно го позиционираат нивниот степен на образование, занимањето, субјективната проценка на економскиот статус и она што го нарековме индекс на „класна анксиозност“. Оние со пониски степени на образование, работниците, кои тежнеат „да врзуваат крај со крај“ и кои, на пример, се чувствуваат тегобно кога се споредуваат со другите во однос на работата или платата, посклони се да искажат припадност кон работничката класа. Сознанието дека работничката класа која извршува важни работи се чувствува тегобно во врска со својата работа или платата, многу ни зборува за општествената неправда.

Напади и тензии

После социјализмот, поимот класа исчезнува од јавниот дискурс, но никако и самата класна поделба, а кон што се стремеше самиот социјализам. Имено, таа е укината на ниво на означувач кон крајот на 20 век со либералниот „крај на историјата“, со напомена за економско реструктурирање на новата доба која наводно го укинува класниот контекст. За возврат добивме низа културно-идентитетски разликувани категории. На кој начин оваа појмовна збрка дојде до израз при работата со испитаниците во вашиот проект?

Класната анализа ја обележуваат разни напади и тензии. За некои класата не е соодветен поим во контекст на постиндустриските општества па така пишуваат за смрт на класата. Други, пак, кои сметаат дека класата е важен поим, не се согласни околу значењето на поимот: неовеберовците имаат едно сфаќање, бурдиевците друго, неомарксистите трето итн. А дополнителен слој во нашиот контекст беше оспорувањето на овој поим како идеолошки неподобен. Како што и споменавте во прашањето, поимот исчезнува од јавниот дискурс во деведесеттите. Додека во Југославија пред деведесеттите поимот критички се користеше за да се укаже на јазот помеѓу теоријата и практиката во социјализмот, тој парадоксално беше занемарен во капитализмот. Дотолку ми беше интересно што во нашето истражување луѓето покажаа дека тој поим нешто им значи и дека со него можат да го опишат хрватското општество. Од друга страна, во нашиот емпириски материјал немаме многу докази за постоење класна свест во мановска смисла на значајноста на класната припадност и препознававањето на спротивставените класни интереси. Додуша, заради сеќавањата на социјалистичкото минато некои имаат визија за бескласно општество. Како што рече една учесничка во интервјуто кое се спроведуваше во рамки на проектот, таа би сакала „сите да сме тука некаде“ и тоа „го влече од социјализмот“.

Проектот ја истакнува можноста за дефинирање на класата според занимањето или според различните видови капитал: финансиски, општествен, културен. Пред шест години во интервју за Новости на колешката Бранимира Лазарин ѝ одговаравте на прашањето за вториов модел, а во насока на теоријата на Пјер Бурдие. Тогаш ги истражувавте класните поделби во загребските средни училишта, но принципот за дефинирање останува ист. Што сè добивте со тоа, на штета на едноставноста и операбилноста на пристапот врз основа на професијата?

Без навлегување во теоретски препирки, во истражувачка смисла пристапот на класата кој се темели на занимањето е поедноставен за операционализирање. Со само неколку прашања можеме да одредиме кој ѝ припаѓа на која класа и таа класификација во нашето истражување се покажува како добар предиктор за класна самоидентификација. Но бурдиевскиот пристап, иако многу покомплексен за операционализација, дава една пофина анализа на класната стратификација. Само еден пример, личност која долги години е невработена, се храни во народна кујна, живее во трошен стан кој го добила на користење од градот во кој живее и добива социјална помош од 800 куни месечно (околу 100 евра), во пристапите кои се засноваат на занимањето не е ни вклучена во анализата. Пристапот кој се темели на економскиот, општествениот и културниот капитал пак, ја препознава како ниска класа и со неа послоевито може да се објасни нејзиниот животен пат. Бурдиевската анализа, на која во рамки на проектот многу работеше колешката Тонковиќ од Катедрата за социологија од Универзитетот во Задар, нè насочи и кон утврдување на разликите помеѓу класите според урбан или рурален клуч - оние со помалку капитал во поголема мера живеат во рурални подрачја, оние со повеќе во големите градови - потоа и според возраста, па така според количината капитал ги добивме разликите помеѓу помладата и постарата средна и работничката класа, а и нè насочи кон утврдување на поголемиот удел на мажите во доминантната класа, односно поголемиот удел на жените во ниската класа.

Улогата на културниот капитал

Културниот капитал најмногу ја релативизира сликата на поедноставното класно позиционирање, земајќи го предвид општествениот код на помладите генерации. Во таа смисла, анкетните прашања во вашето истражување се занимаваа со бројот на книги кои ги поседуваат испитаниците - на пример, елитата ја карактеризираат повеќе од 100 наслови - и зачестеноста на посетата на театри, изложби итн. Дали можете да го појасните аналитичкото значење и односот на овие критериуми, ако претпоставиме дека сепак не може да се воспостави однос во кој, да речеме, стотина книги повеќе во домашната библиотека сепак не се еднозначно заменливи со стотина евра повеќе во месечните приходи?

Поедноставено, Бурдие разликува доминантна класа, ситна буржоазија и работничка класа, при што кај доминантната класа идентификува две фракции: онаа со поголем економски и помал културен капитал и онаа со поголем културен, а помал економски капитал. Значењето на тоа се состои во препознавањето дека во општествата немаат моќ и одговорност само оние богатите со економски капитал туку и оние кои имаат поголем културен капитал во однос на другите. Последниве се оние кои во минатото иницираа и учествуваа во борбите за поправедно општество, и тука, да речеме, мислам на студентските протести, на Праксис, но и на оние кои одредуваат што е легитимен културен вкус, демонизирајќи ги оние чии вкусови во музиката или читачката пракса отскокнуваат од тоа.

Покрај прашањето за класната (не)освестеност, во проектот допирате и до чувството на (меѓу)класно сожалување, а во врска со тоа некои испитаници искажуваат еден вид социјално-политичко предзнаење и сензибилитет од времето на социјализмот. Еден од одговорите на испитаниците го вклучува и стравот од фашизам заради растечкиот јаз помеѓу најбогатите и најсиромашните. Меѓутоа, дали имаше и изразување - на поексплицитна или помалку директна - класна вина, па и класен презир, од друга страна? Таквите рефлексии не се ретки во јавното секојдневие, но веројатно тематската анкета е една сосема нова ситуација?

На инстанцата класен презир наидував во интервјуата што ги спроведував во рамки на проектот. Општиот заклучок е во контекст на насловот на книгата на Пистон од 2018 година „Сожалување за сиромашните, презир за богатите“. Во интервјуата богатите се опишани како луѓе што не го заслужиле богатството туку или го наследиле или се збогатиле од општествениот имот. Опишани се како луѓе што немаат емпатија кон другите, како снобови. Оние на дното, најсиромашните членови на нашето општество, се сожалуваат, генерално луѓето не мислат дека е во ред некој да мора „да копа во контејнер“. Додуша, на исклучоци во однос на ова наидов кај две вработени во народна кујна каде го спроведував истражувањето. Тие правеа разлика помеѓу „заслужни“ сиромашни кои имаат здравствени потешкотии, или се мигранти, кон кои искажуваат емпатија, и „незаслужни“ кои можат, а не сакаат да работат. Според една од нив, последниве не заслужиле да добијат помош од државата. Накратко, во интервјуата пронаоѓаме примери за она што Реј го нарекува „душевна економија на класата“. Класата не е изразена само преку тоа во кое училиште сме учеле, кое занимање го имаме или што можеме да си дозволиме, туку и дали се грижиме дали ќе можеме да ги платиме сметките, дали имаме чувство дека нè гледаат од високо.

Како најактивен момент и повод во класната рестратификација се покажува моментот на заминување на работникот во пензија и, автоматски - во пониска класа, или барем е така во повеќето случаи. Пензионираните работници се регрутен базен од најнискиот општествен слој, а генерално на класен пад понагласено се изложени жените, особено во руралните краишта. Какви заклучоци донесовте во однос на таквите резултати од истражувањето, и дали би можеле да истакнете уште некои од сличните специфични места?

Како што вели Аткинсон, кој пристап за класата и да го избереме - оној што се фокусира на животните шанси, на животните стилови, на експлоатацијата - се отвора важното прашање за врската помеѓу класите и другите форми на нееднаквост. Нашето истражување сугерира дека интерсекционалноста е важна за разбирање на општествената стратификација во Хрватска денес. Класата, родот, возраста се испреплетуваат во обликувањето на нееднаквоста. Во нашиот примерок оние кои имаат најмногу капитал се во активен работен век и во малку поголема мера се мажи. Живеат во поголемите градови. Ниската класа, пак, во најголема мера ја сочинуваат лица постари од 61 година - дури 61 процент. Тоа се луѓе кои зависат од ниските старосни пензии, почесто живеат во руралните краишта. Тие во поголема мера се жени. Но важно за поимот интерсекционалност е тоа што не ги зафаќа само односите меѓу различните оски на нееднаквоста, туку тоа е и критички проект за општествени промени.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографиите се од филмот WR: Mysteries of the Organism (Душан Макавејев, 1971)

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото