Милован Писари: Прашањето на бугарските злосторства е потиснато

10.04.2021 09:53
Милован Писари: Прашањето на бугарските злосторства е потиснато

Дали Бугарија им се придружува на Полска, Унгарија и други балтички држави по прашањето за ревизија на историјата и негирање на „нивните“ злосторства или е тоа пред сè е работа на предизборна распалувачка реторика? Имено, бугарските официјални претставници и европратеници повеќе пати вербално ги напаѓаа соседните држави заради според нив нерешени историски прашања од минатиот век, пред сè во врска со окупацијата на Србија и Македонија во двете светски војни.

За тоа разговаравме со историчарот Милован Писари, автор на книгата „На балканскиот фронт: војната и злосторствата врз цивилното население во Србија 1914 – 1918“ за убиствата на цивилите во Србија под бугарска окупација.

Колкав бил бројот на злосторства врз цивили под бугарската окупација во Првата светска војна?

По повеќе од сто години од тие настани, сè уште е тешко да се утврди размерот на тие злосторства затоа што во историографијата не постоел интерес да се истражува периодот на бугарската окупација на Србија и Македонија во Првата светска војна. Можеме да се повикаме единствено на проценките од повоениот период и на резултатите од истражувањата за потребите на Конференцијата за мир во Париз 1919 година. Делегацијата на Кралството СХС изнела податок дека околу 120.000 цивили умреле од глад и дека над 25.000 цивили умреле во бугарските логори. Околу бројката од 20.000 убиени цивили само во текот на репресијата по Топличкото востание во 1917 година, се согласуваат и меѓусојузничката комисија, која по 1918 собрала многу сведоштва и документи и хуманистот Рудолф Арчибалд Рајс. Интересно е што за гушење на востанието бугарските власти го именувале генералот Александар Протогеров, со потекло од Македонија, познат по неговите антисрпски чувства. Неговата свирепост останала запаметена не само во Топлица, туку и во Бугарија, каде пред крајот на војната имал задача да ја загуши и побуната на бугарските војници.

Иако веројатно претерани, бројките говорат за огромни размери на стравотиите низ кои поминало цивилното население во Србија и Македонија под бугарска окупација. Државата со која владееле бугарските власти била буквално спалена: особено тешки биле реквизициите кои ги погодиле сите рурални краеви. Луѓето немале веќе храна, стока, не можеле да ги обработуваат нивите. Последиците од таа трагедија траеле долго по завршувањето на војната: краевите кои биле под бугарска окупација не се опоравиле ниту во следните дваесет години, кога им се случила нова, страшна окупација.

Милован Писари

Според многу извори, покрај свештениците, Бугарите ги прогонувале и жените...

Бугарите ги прогласиле жените за најопасен непријател по свештениците затоа што „на новите генерации од мали нозе им го пренесуваат српскиот национален дух“. Не се знае точно колку жени биле убиени, но со сигурност знаеме дека дел од политиката на бугаризација предвидувал масовно силување на жените кои на тој начин морале да раѓаат „бугарски деца“. Меѓусојузничката комисија успеала да собере многу сведоштва и неколку стотици изјави на силувани жени од кои јасно се гледа не се работело за изолирани случаи, тук дека истото сценарио се повторувало од Пожаревац до Лесковац, од Скопје до Штип.

Колкави се димензиите на злосторствата што ги сториле Централните сили во Србија?

Според големината на претрпените злосторства, само Ерменците страдале повеќе од Србите, ова е еден од заклучоците кој произлегува од документите од Конференцијата во Париз. Веднаш по првите состаноци на претставниците на победничките сили се појавила потребата за формирање на посебна комисија за задача да ги утврди направените злосторства и да ги состави предлозите за казнување на сторителите. Комисијата набрзо составила извештај за одговорноста на Германија, Австро – Унгарија, Бугарија и Турција. Во првиот дел на извештајот се спомнуваат систематски терор, масовни убиства, депортации, принудна работа. Во еден пасус од заклучоците на таа комисија се наведува: „Сите најужасни стравотии од најлошите периоди на историјата на човештвото повторно се појавија на териториите на Србија под бугарска окупација“. Програмата на бугарската власт била јасна: целта била потполна бугаризација на окупраните територии која морала да се оствари преку истребување на Србите или преку нивна насилна асимилација. За тоа говорат и сведоштвата, извештаите и оригиналните бугарски документи запленети од српските власти по ослободувањето во 1918 година, кои и денес се чуваат во архивите на Србија.

Колку Бугарите се соочија со злосторствата од Првата светска војна?

Прашањето на бугарските, како и на другите злосторства, на меѓународен план веднаш беше потиснато со волја на големите сили. Иако малите држави како Србија, Грција и Романија упорно барале казнување на злосторниците, големите сили одлучиле тие да се гонат и казнуваат во државите од каде што потекнуваат тие злосторници, во соработка со државите каде што биле извршени злосторствата, но без можност за присуство на претставници или нивно директно учество во постапките. Во практиката, освен неколку минорни случаи, никој не бил процесуиран и покрај деталните списоци доставени на учесниците на мировната конференција. Српската делегација претставила список од 500 бугарски злосторници, а само три биле процесуирани во Бугарија, чисто како формалност. Во врска со репресиите против Бугарите во краевите што ги анектирало Кралството СХС по војната, не дошло до одмазди. Единствено војводата Коста Пеќанац се пофалил дека уште во текот на војната, во знак на одмазда против бугарскиот терор во Топлица и Јабланица, со своите чети до темел запалил петнаесетина бугарски села.

Какви воени злосторства извршиле Бугарите на окупираните подрачја на Југославија во Втората светска војна?

Бугарските власти продолжиле со својата програма на бугаризација на населението на јужана Србија и Македонија и по влегувањето во 1941 година. Најпрво ги урнале сите споменици и капели посветени на жртвите на нивниот терор во Првата светска војна, а потоа вовеле свои закони, јазик итн. Иако ниту за таа окупација не постојат бројни истражувања, таа не може да се спореди со оупацијата од 1915 до 1918 година, заради поинаквиот контекст на војната. Бугарските власти се обиделе да бидат дел од новиот светски поредок: нивната репресија врз цивилите била немилосрдна заради партизанските акции, а честопати била изведувана заедно со Германците и Србите во колаборационистичките формации. Уште во текот на војната во Југославија била воспоставена Државна комисија за утврдување на злосторствата на окупаторите и нивните помагачи, слично како во СССР . Двете комисии, во соработка со новите бугарски социјалистички власти направиле списоци на злосторници, меѓу кои имало и Бугари. Некои од нив биле уапсени и осудени на смрт. Сепак, уште еднаш меѓународните околности го одредиле текот на тие судења. Настапувала Студената војна и голем број злосторници во цела Европа биле или амнестирани или „заборавени“. Акцентот бил ставен на отпорот на малубројните бугарски партизани, како и бугарската единица која по превратот во 1944 година се приклучиле на народноослободителната војска на Југославија. Работите се промениле по падот на социјализмот – сите се свртеле на величење на своето национално минато и прашањето на извршените злосторства е дефинитивно потиснато. И така до денес наспроти ретки случаи, ниту во Бугарија, ни во Србија не постојат опширни истражувања за тие злосторства, а со самото тоа не постои никаква соочување, признавање и дистанцирање од нив.

Минатата година, Архивот на Војводина ја објави мојата докторска дисертација за сите тие прашања на италијански јазик, а наскоро ќе биде објавен и преводот на српски јазик под наслов „На балканскиот фронт: војната и злосторствата врз цивилното население во Србија 1914 – 1918“. Се надевам дека тоа ќе биде мал придонес за конечно расветлување на тоа минато.

Геноцид на Евреите

Дали Бугарите извршиле геноцид врз Евреите?

На прашањето дали Бугарите извршиле геноцитд врз Евреите, одговорот е двозначен. Режимот што тогаш владеел бил подготвен во март, 1943 година да ги депртира Евреите во германските логори на смртта. Меѓутоа поради протестите на граѓаните, од комунистите до Бугарската православна црква, 48.000 Евреи не биле испратени во логорите на смртта. За жал, тоа немало ефект на окупираните подрачја на Србија (Пирот), Македонија и Тракија во Грција; бугарските власти во март, 1943 година собрале 11.343 Евреи кои живееле таму и ги упатиле во Треблинка каде биел убиени. Еден од водечките бугарски фашисти и заговорник на истребување на Евреите бил генерал Христо Луков, кој на 13 февруари, 1943 година го убиле комунистите. Во негова чест речиси 20 години, крајната десница во Софија организира маршеви за Луков, кои освен групите за човекови права и дел од партиите во Бугарија ги осудува и Светскиот еврејски конгрес.

 

Извор: portalnovosti.com

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото