Деценија од „арапската пролет“: Автократите сè уште се на власт

12.04.2021 01:12
Деценија од „арапската пролет“: Автократите сè уште се на власт

Пред точно десет години, голема маса луѓе се собраа на плоштадот Тахрир во Каиро и бараа да си замине претседателот Хосни Мубарак. Во Вашингтон, претседателот Барак Обама донесе пресудна одлука, повикувајќи го да си замине од власта.

Рекацијата на другите моќници во арапскиот свет беше мошне брза, се присети Обама во своите неодамна објавени мемоари.

Шеикот Мухамед бин Заед, де факто владејач на Обединетите Арапски Емирати - мала земја со моќна армија, заснована на американско оружје и американска обука - му рече на претседателот дека САД веќе не ги смета за доверлив партнер.

Тоа беше „предупредување“, напиша Обама, дека „стариот поредок нема намера да се повлече без борба“.

Една деценија подоцна, конфликтот помеѓу стариот поредок и востанието ширум Блискиот исток во 2011 година, познати под заедничкото име „арапска пролет“, го оставија во рушевини целиот регион.

Војните во Либија и Јемен овие држави ги сведоа на мозаици со завојувани вооружени одреди. Автократите се држат на власт во Египет, Сирија и Бахреин, гушејќи го секое наговестување на опозицијата. Тунис, кој се слави како единствен успех, не успеа да ги ожнее последиците на демократијата, заради економската криза во таа земја.

Надежите дека ќе дојде нова ера главно се срушени. САД навистина се покажаа како недоверлив партнер. А другите сили кои сакаа да го потчинат регионот - Иран, Русија, Турција, Саудиска Арабија, Емиратите - само ја зголемуваа својата моќ.

Најголемата надеж која ја пропагираа интелектуалците, беше дека „арапската пролет“ барем ќе направи луѓето да ја почувствуваат демократијата. Тие тврдат дека нееднаквоста и опресијата кои доведоа до револт, а се влошуваа со текот на времето, значат само дека ќе има уште востанија. Тоа неодамна се покажа и во Судан, Алжир, Либан и Ирак.

Искрата која ја запали „арапската пролет“ беше случајот на еден продавач на овошје во Тунис. Полицијата го претепа и ја конфискуваше неговата електронска вага. Тој одлучи да се запали, а неговата смрт ги кристализираше фрустрациите кон владејачите во целиот регион, оние кои владееја со сила, чии соработници енормно се богатеа, додека масите остануваа во сиромаштија.

Откако демонстрантите во Тунис го натераа долгогодишниот автократ Зин ел Абидин Бен Алија да се повлече и да побара егзил, дојде до ерупција на демонстрации во Египет, Либија, Јемен, Бахреин и Сирија. До почетокот на 2012 година, три други претседатели ја напуштија власта.

Изборите во Египет го зајакнаа исламистичкото Муслиманско братство, а потоа армијата реагираше и го симна од власт претседателот Мухамед Морси.

Во Либија, САД и нивните сојузници ги бомбардираа силите верни на поручникот Муамер ел Гадафи и ги поддржаа бунтовниците. Но опозицијата не успеа да се обедини, делумно и затоа што регионалните ривали ги поддржуваа завојуваните фракции. Земјата сè уште беше поделена.

Во Бахреин, саудиските тенкови помогнаа да се скрши востанието на шиитското мнозинство против сунитската династија.

Во Јемен, долгогодишниот автократ се повлече од власта, но потоа им се продружи на бунтовниците кои го преземаа главниот град, започнаа граѓанска војна и кампања со бомбардирање која ја предводеше коалицијата со поддршка од Саудијците.

Сирија е симбол на најлошото сценарио: востание кое се претвори во граѓанска војна, во која страдаа цели градови и со тоа ѝ се отворија вратите на Исламската држава и другите џихадисти. Милиони бегалци тргнаа кон Западот, а странските сили мораа да се вмешаат во конфликтот. Најпосле, претседателот Башар ал Асад остана на власт.

„Сè се влоши од 'арапската пролет'“, вели Мухамед Салех, сириски писател од Хомс. „Единственото што се промени е тоа што повеќе странски сили ја контролираат Сирија. Сирија е уништена.“

Поранешните учесници во востанијата денес се сеќаваат со измешани чувства на горчина и носталгија, и посочуваат разни причини за неуспеците: неконзистентна поддршка од Западот, интервенција на други сили, неспособноста на демонстрантите да извршат транзиција во политиката и да ги предизвикаат елитите кои се закопани во ровови.

„Ние не знаевме што е тоа конфликт, што е демократија, што е политика“, вели Башар Елтали, кој обезбедувал техничка помош за бунтовниците во Либија, а денес работи како аналитичар за конфликти. „Мислевме дека е доволно ако се ослободиме од злосторниците, но не сфативме дека злосторникот ја раширил својата магија во сите нас“.

Многумина ги обвинуваат САД дека не пружиле доволно поддршка, во страв дека тоа ќе влијае на нивните интереси. Другите сили, кои географски се поблиску и кои помалку ги интересира демократијата, влегоа во тој вакуум.

Саудиска Арабија и Емиратите ја поддржуваа монархијата во Бахреин и обезбедија пари за египетската влада. Тоа беше почеток на интервенционистичкиот пристап.

„Поминавме долг пат од седумдесеттите, кога бевме мали патчиња. Тогаш ни беше неопходна американска заштита и американска дозвола“, вели Абдулкалек Абдула, политички научник од Емиратите. „Сега постои одредено ниво на самодоверба, кое ни овозможува да бидеме поасертивни во регионот и понезависни од Америка.“

Некои поранешни американски функционери, кои за нашиот весник зборуваа анонимно, велат дека ги запрепастило бомбардирањето на Триполи кое во 2014 година го спроведоа силите на Емиратите, со американско оружје и опрема. Тоа беше во спротивност со американската политика. Но кога САД се пожалија, Емиратите возвратија со лутина зашто нивните дотогашни партнери не го поддржаа човекот во Либија што го поддржуваа тие.

Саудиска Арабија и Емиратите не ги известија Американците ни пред почнувањето на воената кампања во Јемен 2015 година. Тие им даваат пари и политичка поддршка на Кралот на Јордан и на новата влада на Судан.

Иран во Сирија испрати вооружени одреди за да го зајакне Асад, руските бомбардери ги напаѓаа упориштата на бунтовниците, а Турција од огромните предели на северот од земјата направи свој де факто протекторат. Најактивните разговори за иднината на земјата сега се водат помеѓу овие три држави.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report