Хусто Хорхе Падрон (1943 – 2021)

12.04.2021 10:51
Хусто Хорхе Падрон (1943 – 2021)

Почина поетот, есеист и преведувач Хусто Хорхе Падрон, голем пријател на Македонија. Падрон почина денеска во Мадрид, како последица од компликации од ковид-19.

„Готово е, ја изгубив љубовта на мојот живот, мојот еден и единствен сопруг, мојот животен партнер. После 35 години, 24 часа на ден заедно, проклетиот ковид нѐ раздели засекогаш. Но, ти ветувам љубов моја, дека секогаш ќе се борам да ги бранам твоите соништа, да ја ширам твојата прекрасна поезија која усреќи толку многу читатели низ целиот свет“, стои меѓу другото во емотивната објава на неговата сопруга Филипова.

Роден во 1943 година,  е во Лас Палмас, на Канарските Острови, каде што завршува основно и средно образование, а почнува да студира, паралелно, право и филозофија во Барселона. Дипломира на Правниот факултет во Барселона и, по дополнителните студиски престои на универзитетите во Париз, Стокхолм и Осло, станува адвокат во Лас Палмас.

Во шпанската поезија се појавува со својата книга „Темните огнови“ во 1971 година и оттогаш, од година в година, неговото име се повеќе се афирмира, набргу стекнувајќи и меѓународна афирмација. Важи за еден од најпреведуваните и најнаградуваните современи шпански поети.

Беше генерален секретар на Шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“. На неговите страници има претставено многу современи поети и поезии во тројазично издание (на шпански, англиски и на јазикот на оригиналот), меѓу кои и македонската поезија, на која и беше посветен еден број.

Поезијата на Хусто Хорхе Падрон е преведен на повеќе од четириесет јазици, a објавени му се 82 книги на странски јазици. Добитник е на многубројни национални и меѓународни награди и признанија за поезија и е долгогодишен учесник на Струшките вечери на поезијата, двократен добитник (1989 и 2002) на наградата „Нова Македонија“ за најдобра песна напишана на СВП, а главната награда „Златниот венец“, ja доби во 1990 год. Во 2019 година ја доби наградата „Ацо Караманов“ на „Карамановите средби“ во Радовиш. Беше член на МАНУ (надвор од работен состав) и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

 

ОкоБоли главаВицФото