Лумпенпролетерите на новата доба

12.04.2021 12:13
Лумпенпролетерите на новата доба

Уште додека гуруто на современата филозофија на политичкиот либерализам Џон Ролс ги пишуваше своите кардинални дела „Теоријата на правдата“ и „Политичкиот либерализам“, од 1971 до 1993 година, во кои се славеа неговите идеи за правдата, правичноста и легитимноста на капиталистичкиот либерализам, историјата сурово ги демантираше неговите идеалистички замисли. Водечките земји на Западот  ‒ во истото време ‒ го започнаа и во голема мерка го реализираа веројатно најштетниот проект што човештвото кога и да е го презеде на планетата Земја. Проектот – во кој од 90‒ите, по глобалното пропаѓање на т.н. социјалистички блок, се вклучија практично сите земји на светот – беше наречен со многу имиња, но денес е најпрепознатлив како неолиберализам или глобален неолиберален капитализам.

Испадна дека овој проект (кој, за волја на вистината, ниту може да го носи префиксот „нео“ ‒ зашто не е нов туку е повеќе од век стар, а ниту е либерален ‒ зашто ги намалува практично сите слободи освоени во изминатиот век) стана досега невидена сеуништувачка светска парадигма. Која не само што пеколно го забрза уништувањето на живиот свет на планетата и го доведе во прашање опстанокот на човештвото (дури и во блиската иднина мерлива со една човечка генерација), туку го направи и она што се сметаше за невозможно. Ја сврте наназад насоката во интелектуалниот развој на човечкиот вид, доведувајќи ги во прашање практично сите вредности на просветителството: позитивизмот, хуманизмот, секуларноста, еднаквоста и слободата. Сосем незамисливо, но со глобалното остварување на неолибералистичкиот рај стана очигледно дека човештвото почна да заглупавува.

Иако достапноста на образованието се зголемува, веќе е сосем јасно дека неговиот квалитет постојано и парадоксално почна да се намалува. Но, позагрижувачки е фактот дека уште повеќе се зголемува недовербата во стручните и професионалните знаења, а филозофијата веќе нема никаков удел во јавниот диксурс. Знаењето како такво станува „непопуларно“, а верските и суеверските трендови – заедно со „риалити“ состојбата на свеста, теориите на заговор, псевдоинтелектуалното ѓубре и други интернет плиткости и баналности – добиваат сè повеќе „верници“, „фанови“ или „следбеници“.

Но, напуштањето на просветителските вредности не е некоја несакана и непредвидена нуспојава на неолибералистичката контрареволуција – таа е во самата идеолошка срцевина на неолиберализмот. Заглупавувањето на човештвото е непосредна последица на една од основните премиси на неолиберализмот. Таа беше лаконски формулирана во изјавата на „челичната“ Маргарет Тачер, во нејзиното пророштво дека „такво нешто како што е општество, не постои“. Челичната гуру на неолиберализмот не остана само на зборови, туку и го претвори во државна политика ставот дека „академските работници, со исклучок на истражувачите во природните науки, впрочем не прават ништо; може да се каже дека тоа се банда левичари што само ги расфрлаат парите на даночните обврзници“.

Така што, пропаста на социјалистичката идеја во 80-ите и 90-ите, не остави идеолошки вакуум зад себе, туку ја инаугурираше најкорозивната идеологија на сите времиња ‒ имбецилниот неолиберализам во кој профитот односно парите се единствената вредност на светот. А, неговиот реверс – консумеризмот, само го материјализира и „рационализира“ единственото вредно, претворајќи го во ѓубре, отпад, односно во ништо. Во децениите што следеа, местото на социјалистичката идеја – единствената идеологија што се темелеше на начелата на еднаквост, братство, слобода, социјална правда, научен позитивизам и секуларност – го исполнија суровиот и нечесниот, наместен и однапред добиен, капиталистички натпревар за профит. На тој начин неолиберализмот ги зголеми нееднаквостите во светот до невидени размери и ги оживеа долго време замрените верски фундаментализми.

Конечно, преправајќи се дека не е идеологија туку само „начин на производството“ и претворајќи ги комунизмот и социјализмот во најголемото зло на 20‒иот век, неолибералниот капитализам го стави светот во парадоксална состојба, во која буквално е оневозможено досегањето на каква било алтернативна или спасоносна политичка идеја. Според зборовите на Малуф, ова идеолошко малоумие произведе регресивен, дури смртоносен парадокс, во кој десниот козервативизам се доживува како револуционерен, додека левицата – ако воопшто ја има ‒ стана конзервативна, присилена да ги брани порано стекнатите права и позиции. Во овој безидеен метеж, над кој беснее неолибералниот капиталистички оркан, „светот буквално се распаѓа (...) а мнозинството луѓе на планетата веќе престана да верува во напредокот и во благосостојбата за сите“.

Една жртва на неолибералистичкиот капитализам ја опиша својата населба од 7000 луѓе, во која не постои ниту едно детско игралиште, ниту еден банкомат – а не пак банка или пошта – па локалните луѓе до првиот банкомат патуваат со автобус, додека статистиките немилосредно им ги соборуваат годините на нивниот животен век (што не се случило повеќе од еден век). Друга жртва го опиша селото во кое живее, во кое веќе нема библиотека, затворени се сите кафеани, нема веќе ни една продавница, а нема ни училиште или болница. И, што мислите, од каде потекнуваат овие сведочења ‒ од Македоња Норд или од некоја друга постсоцијалистичка земја проколната со немилосрдната неолибералистичка транзиција? Не, почитувани читатели, првата жртва зборува за Манчестер, а втората за Јоркшир, обата – се разбира ‒ во Велика Британија.

Човечката цена на разорните сила на политиките поттикнати од неолибералниот индивидуализам, корпоративниот профит и презирот кон јавниот интерес и општите добра, е подеднаква во сите земји на светот низ кои поминал разорниот вртложен столб на неолибералистичката катаклизма. Сите општества во кои последниве четири децении беше применета пророчката формула на „челичната лејди“ беа мелени и претворени во агрегации на осиромашени и незадоволни, дезориентирани и беспомошни, очајни и разјарени индивидуи, регрутирани од сите некогашни класи, создавајќи ја така толпата на новите глобални лумпенпролетери.

Ако одамна не сте го сретнале поимот „лумпенпролетер“, ќе ве потсетам дека Маркс и Енгелс го спомнаа уште во „Комунистичкиот манифест“, во далечната 1848. Од тогаш лумпенпролетаријатот ја означува толпата на најмизерните луѓе во капиталистичкото општество: оние невработените, развластените, и осиромашените јадници. Тоа се декласираните припадници на сите класи што останале без своите поранешни животи, деградирани и конечно дегенерирани елементи на општеството. Тие се незаобиколливиот производ на повторливите кризи на либералниот капитализам, нивната цена платена во човечка валута. Оваа најопасна класа на човечки мизерници, шкартот што отпаѓа од вртложната машина на капитализмот, очајот, беспомошноста и идејната дезориентираност закономерно ја претвора во толпа што го бара спасот во авторитарен водач, во армија од која е составен секој фашизам на светот.

Фотографиите се од филмот V for Vendetta (2005)

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото