Односот кон хомосексуалноста во Африка

21.12.2010 13:52
gay_men.jpg

Во Африка не е лесно да се биде хомосексуалец. Од Сенегал до Бурунди, од Замбија преку Малави до Кенија, хомосексуалците и лезбејките се прогонуваат, се криминализира нивната сексуална ориентација и се донесуваат закони насочени против нив.

Африканските политички и верски водачи хомосексуалноста често ја критикуваат како „неафриканско однесување“. Но, судејќи според јавните пртести како против хомосексуалните личности, така и против строгите закони против нив во сите 53 африкански земји, се чини дека хомосексуалноста е раширена појава. Во некои земји, пак, ваквата строгост кон хомосексуалните личности може да се припише на странски извор, на увозниот американски христијански фундаментализам, во еднаква мерка колку и африканската традиција и обичаи.

Никаде на овој континент хомосексуалците не ги прогонуваат толку многу како во Уганда. Во септември весникот Ролинг Стоун, кој го уредуваат студентите на универзитетот Макерере во Кампала, каде што христијанскиот фундаментализам има многу силно упориште, на насловната страна беше објавен попис на „100 најголеми“ хомосексуални личности во земјата, заедно со нивните фотографии, домашни адреси и жолт наслов „Да ги обесиме“. Како последица на ова, нападнати се барем 4 хомосексуалци, тврдат известувањата на активистите за човекови права.

Иако пошироката јавност ја осуди постапката на весникот, тие во следниот месец објавија продолжение на текстот. Овојпат реагираше Врховниот суд на Уганда и донесе пресуда дека мораат да престанат да објавуваат такви пописи. Уганда е плодна почва за сите видови верски мисионери, па веќе повеќе од десет години е избрано одредиште на евангелистите од САД. Минатата година тројца американски евангелски проповедници ја посетија Кампала заради тридневната конференција на тема „прашањето на хомосексуалците“ и заканата што тоа претставува за африканските и христијански традиционални вредности. Кусо потоа, пред парламентот на Уганда се најде нов предлог закон против хомосексуалците, а неговите подносители признаа дека на тоа ги поттикнале евангелистите.

Наведениот предлог закон повикува на строги закони, а во екстремни случаи и на смртна казна. Бесот на тој предлог закон како факел се прошири низ целиот континент. Американскиот претседател Барак Обама зборуваше против него, нарекувајќи го „одвратен“, а на почетокот на 2010 година и претседателот на Уганда Џовери Мусевени се огради од него. Засега сè уште не се гласаше за овој предлог закон.

Велечесниот Капја Каома, англикански свештеник од Замбија внимателно ја проучува блиската врска на американската христијанска десницата. Дури и без влијание на евангелистите, хомосексуалноста меѓу Африканците, односно во пошироката јавност, не се толерира. Во Јужна Африка, која е најмногу либерална по прашањето на законодавството за сексуалните права, во што е вклучено и признавањето на истополовите бракови од 2006 година, се случуваат случаи на групно силување на лезбејките од страна на мажите кои со тоа сакаат да ги „излечат“ од нивната сексуална ориентација.

Неодамна бев во Малави, каде на почетокот на годината еден пар хомосексуалци се осудени на 14 години затвор заради учество во венчална церемонија. Меѓутоа, подоцна претседателот Бингува Мутхарики ги помилува, иако тој само се покори на меѓународниот притисок и попушти по посетата на фенералниот секретар на ОН – Бан Ки Мун. По десетина разговори со жителите на Малави, не успеавме да пронајдеме ниту една личност наклонета кон бранителите на Тивонгу Кибаланга и Стивен Монџеза . Многу мои соговорници го искажаа својот став дека парот не требал јавно да ја објави својата врска.

Пред африканските сонародници се наоѓа тешката борба сонародниците целосно да ги сфатат. Нивната надеж за почесен третман можеби се наоѓа надвор од Африка. Со изборот на Обама за американски претседател, значително се намали влијанието на евангелистите, кои војата кулминација ја достигнаа за време на администрацијата на Буш. Меѓународниот притисок беше клучен при ослободување на двајцата затвореници од Малави, како и при стопирањето на законот против хомосексуалците во Уганда. Со малку помош од странство, како и со просветените водачи во самите земји, можеби ќе осамне денот кога сите Африканци ќе можат да се поистоветат со јужноафриканскиот устав кој ги штити правата на сите личности, без разлика на „расата, полот, родот, бременоста, брачната состојба, етничкото или општествено потекло, сексуалната ориентација, годините, инвалидитетот, верската припадност...“

Извор: Њујорк Тајмс