Во Словенија сè повеќе луѓе намерно се заразуваат со коронавирус

13.04.2021 12:58
Во Словенија сè повеќе луѓе намерно се заразуваат со коронавирус

Во Словенија властите се згрижени поради опасната појава на намерно инфицирање со коронавирусот со цел полесно движење и патување, со оглед на тоа дека прележувањето на Ковид-19 се третира како и имунитетот стекнат со вакцинирање.

„Забележуваме тренд на зголемување на бројката на оние кои сакаат што побрзо да се заразат за да добијат потврда која ќе им овозможи полесни патувања и преминување на границите, што е опасна пракса која никако не можеме да ја препорачаме“, изјави денеска на прес-конферениција епидемиологот Матеја Логар, која го води владиниот стручен совет за Ковид-19. Таа нагласила оти поради тоа, како и поради зголемениот број на случај со „мамење“ на тестовите за коронавирусот, се размислува за рестрикции односно за промена на правилата за патување. Логар наведува дека меѓу останатото се размислува и за тоа оние кои заздравеле од Ковид-19 да се симнат од листата на исклучоци за тестирање за време на преминување на границите, но дури во фазата кога вакцината за имунизација ќе биде доволна за поголемиот дел од популацијата.

На опасноста за намерно изложување на вирусот предупредува и инфектологот Томаж Зовко од љубљанскиот УКЦ. „За оваа болест сѐ уште не знаеме многу. Таа е непредвидлива и може да има трајни последици. Не знаеме точно какви долгорочни последици има болеста особено за помладите пациенти, иако кај некои тие се многу непријатни“, предупреди тој.

Зовко истакнува дека неспоредливо побезбедно е да се спречи инфицирањето и болеста и да се вакцинира, отколку да се заразува и да се смета оти на тој начин ќе се стекне имунитет. Освен тоа, сите кои можеби намерно се инфицираат во контакт со другите луѓе со тоа ризикуваат и потежок тек на болеста, затоа мора да се постапува одговорно за лична и заштита на другите.

 Извор: HINA