Никој не е престар за сликовници

14.04.2021 11:28
Никој не е престар за сликовници

„Моето дете ги прерасна сликовниците.“

Често ја слушам оваа формулација кога воодушевено зборувам за некоја нова сликовница или кога на пријателите им се нудам за навните деца да донесам некоја сликовница. Ваквите работи родителите ги говорат со некаков вид гордост, поради она што се имплицира: моето дете сега самото чита и веќе не му е потребна помошта на илустрациите.

Кога ќе ми го кажат тоа, си помислувам „Кутро дете“, но и „Кутар родител“. Никој не ги прераснува сликовниците.

Или, макар, никој не би требало да ги прераснува.
Па сепак, мнозина родители мислат дека нашите деца развиваат нови вештини, и пуштаат сликовниците да ги прекрие прашина.

Иако и на целокупната детска литература понекогаш се гледа презриво, како помалку вредна од „вистинската литература“, сликовниците се особено на удар. Ги претставуваат како минлива фаза, нешто наменето за пред спиење или во некоја пауза меѓу часови на училиште. Дури и ознаките на сликовниците стануваат претесни. На пример, многу сликовници имаат ознака „За деца од 4 до 8 години“. Ама се случува дури и нив родителите да ги исфрлаат порано очекувајќи децата веќе во градинка да научат да читаат.

Немојте да упаднете во таа замка.

Прво, почнете да го цените она што сликовниците, вистински мали волшебници на книжевниот свет, го можат и умеат. Тие успеваат во две уметности: во визуелното и текстуалното раскажување. Секој кој некогаш читал сликовница на некое дете се уверил во таа магија. Почнете да читате наглас и детето се смее, не поради прочитаното туку поради нешто што видело во сликите.


Замислете го глушецот кој мртка низ спалната соба во „Лека ноќ, Месечино“ (Goodnight Moon), или конструкцијата направена од сè што може да се најде по дома во „Ноќната кујна“ (In the Night Kitchen). Тие елементи раскажуваат друга приказна. Децата од сликите можат да воочат како една ситуација предизвикува друга.

Затоа децата ви зборуваат да не ги вртите страниците толку брзо, или да се вратите; затоа иста приказна сакат да слушаат одново и одново. Учат внимателно да ги воочуваат знаците, да го изведуваа значењето и да продираат подлабоко. Ги учат релациите меѓу сликите и зборовите и, понекогаш, излишноста на зборовите.

Едукаторите тоа го нарекуваат „визуелна писменост“. Живееме во високо визуелна култура, и ако ви е важно поттикнувањето „вештини за 21 век“ ‒ учењето на децата да комуницираат низ слајд‒шоуто на Гугл, да пишуваат сметачки код или да направат видео‒презентација ‒ тогаш охрабрувањето на децата да читаат што повеќе сликовници токму служи за та цел.

Но, најфасцинантното кај сликовниците е што го комбинираат учењето и задоволството. Во целокупната книжевност ништо не предизвикува толку големо читачко задоволство и радост како сликовниците.


Децата претставени во модерните книги имаат различни етнички потекла и родови, доаѓаат од различни класи, ја пресликуваат верската и географска разноликост на светот. На страниците на тие книги децата патуваат со јавен превоз, растат во истополни заедници и се соочуваат со емотивни и физички предизвици; истражуваат замислени и фантастични светови во кои некогаш полесно се согледуваат детските проблеми.

Според Схоластичко истражување од 2019, иако 55% од децата на возраст од 6 до 8 години редовно читаат, само 11% продолжуваат со тоа во периодот од 15 до 17 години. Во време кога ламентираме над писменоста на децата, посебно поради тоа што не читаат во слободно време, зарем би требало на клинците да им зборуваме да ги прераснат книгите во кои уживаат?

Помислете и на експлозивната популарност на графичките романи и како успеаја од орди деца кои не читаа да направат деца кои голтаат книги, прво такви, а потоа и други.


Јас и понатаму читам сликовници. Ако сте искрени, ќе признаете дека и вие тоа го правите. Што се сите оние манги и графички романи и скапоцени книги-за-на-столче и онлајн стриповите во кои постојано зјапаме ‒ а да не зборуваме за прилозите на Инстаграм или клиповите на ТикТок ‒ ако не, суштински, сликовници за возрасни?

Неодамна си ја купив „Marshmallow“, сликовница од 1942, за зајак што ги узурпира привилегиите на семејната мачка. Приказната успева да ја фати суштинската емотивна вистина ‒ во случајов, дека „секому му треба неговото место“.

Посакав да му ја читам на својот единаесетгодишник. Мојот четрнаесетгодишник, кој подеднакво сака да црта и да чита, нè слушна. „Ќе ми го однесеш тоа во собата, кога ќе завршите?“, ме праша.

Осетив олеснување и гордост.

Илистрациите во текстот се од книгата „A Velocity of Being: Letters to a Young Reader“ (2018)
Извор за текстот: New York Times International
Избор и превод: П. В. 

ОкоБоли главаВицФото