Катето и Витето

14.04.2021 13:18
Катето и Витето

Во времето на битолските конзулски времиња, семејството на баба ми Викторија било гркофилско до даска. Мојот прадедо ги пуштил ќерките да учат грчки сколии.

Постарата Катарина, после завршеното школо, едно време била омажена во Соровиц во Грција, па после неколку години сосе својот чеиз собран во преубава касела и со сингер машината се вратила во Битола. На прашањето зошто го оставила Николе, рекла: „Пиеше; јас седев оти си мислев има некоја мака кутриот, ко видов оти пие оти му е слатка ракијата, па си дојдов“.

Таа никогаш после не се омажи и немаше деца, ѝ помагаше на баба ми да ги подигне своите шест. Беше и тетка и мајка и баба тетка на сите нас, внуците. Во нејзината куќа сè беше дозволено. Ќе зафатеше еден казан со тесто за палачинки, и ние секој, на еден бакарен мангал, во свое мало тавце сами си печевме палачинки, во мали џезвенца си правевме благо какао кое стигаше од Америка, правевме куќи на дрво изнесувајќи го цел намештај надвор, се преоблекувавме во нејзините фустани и чевли... Таа никогаш не повиси тон. Само тоа го велеше: „Златни на баба, играјте ми, ми ја веселите куќата“. Навечер раскажуваше најубави приказни на светот, со неповторлива дарба.

Почна да чита и српски, па ќе речеше: „Ко фати еден кијамет, едни виулици, едни дождои како од кобила“. Зошто како од кобила? „Шо знам, така пишеше во книгата“ (као из кабла).

Сестрите зборуваа грчки меѓу себе, па така научија нашите родители, па и ние од нив. Многу поретко зборуваа македонски, освен ако дојдеше некоја пријателка која не знае грчки.

Еве еден муабет што им го запаметив и ќе ви го претставам како дијалог меѓу Катето и Витето, така се викаа нагалено. Меѓу сестрите имаше 18 години разлика, помеѓу нив имале брат кој учел во некаков француски колеџ и кој умрел млад.

К: Вите, убаио чоек поубо стареи, грдио и млад је грд, исто му се фаќа.

В: Кујзнаи, ете ти беше ногу лична, оти сега окоске.

К: Еми, ногу сум слаба, затоо.

В: Шо не јадиш троо поќе?

К: Овoј Хајле Селасие цар је? Ете пред него сите царцки убајни. Со една уста, толку можи чоек да јади. Шо дека толку богат? Па во еден кревет спие, па со еден јорган се покрива. А јас, ако се попраам, ќе се збабуњосам.

Наравоучение: таква е староста - грдост; нема бегање, или ќе окоски човек или ќе се збабуњоса. Антикварите ценат патинирани и нереставрирани предмети. Добиваат на цена несветнатите старудии чија мајсторска и професионална реставрација чини многу повеќе од нивната вредност. Некои ги оставаат такви, нагризени од забот на времето. Дилема: ботокс или не. Тотална промена на личен опис со естетска операција; или остај, не фаќај ништо, џабе ти е. Уосталом, оној Јован Дучиќ рече дека секоја жена е убава освен освен онаа што мисли дека не е и онаа што мисли дека е.

Во секој случај, денес не излегувам од дома. Не за друго, многу студи, а и ќе заврне.

Јас, инаку, нити окоскев нити се збабуњосав. Едноставно, секој ден по малку се чваркосувам. Ковидирам и чваркосувам.

Колажи: Han Cao

 

 

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото