САД се посоцијални од ЕУ

16.04.2021 01:32
САД се посоцијални од ЕУ

Педро Маркес

На порталот Политко пред извесно време беше објавен коментар на Педро Маркес, европски парламентарец од Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (S&D) и потпретседател на оваа парламентарна група, задолжен за Новиот зелен договор. Маркес апелира европските институции да се огледаат на владата на САД кога станува збор за начинот на кој ќе се дистрибуираат парите од 750 милијарди евра тешкиот пакет за закрепнување од последиците од корона кризата. Како претставник на втората најголема групација во Европскиот парламент, Маркес смета дека европскиот план е амбициозен и дека таа одлука претставува „историски момент“ и дека со износ еквивалентен од девет проценти од европскиот БДП пакетот е споредлив со иницијалниот план на американската влада. Но тука „престануваат сите поволни споредби, продолжува Маркес, не само затоа што владата на американскиот претседател Џо Бајден во меѓувреме тројно ја зголеми федералната поддршка за економијата во однос на европската, туку и затоа што американскиот план е замислен така што „многу побрзо ќе има ефект на реалната економија во однос на европскиот“.

Авторот особено се фокусира на фактот дека во американскиот случај голем дел од помошта ќе се реализира во форма на директни уплати за домаќинствата, па секоја возрасна личност ќе добие чек од 1 400 долари, што ќе биде трета таква уплата од почетокот на пандемијата. Од друга страна, пишува Маркес, во Европа директните уплати за граѓаните и натаму се своевидно табу, а самиот план е дизајниран така што оневозможува парите „што побрзо да почнат да се трошат на терен, онаму каде што се најпотребни“. Како резултат на тоа ОЕЦД проценува дека американските мерки во наредните 12 месеци ќе го зголемат тамошниот БДП за 3,8 проценти, додека учинокот на европскиот пакет се проценува помеѓу половина и еден процент од БДП. За нештата да бидат полоши, сите проекции упатуваат дека ни самиот износ на пакетот нема да биде доволен економијата да се извлече од кризата. Затоа Европската унија, смета Маркес, треба да испрати силна порака до членките дека мора да продолжат да ги помагаат своите економии, но и пред тоа да изнајде начин на секој родител, невработено и постаро лице да му исплати 1 000 евра.

„Тоа нема да биде волшебно решение, но за економијата ќе претставува многу потребна инјекција, но само ако ЕУ е во состојба да го надмине ова табу“, заклучи европскиот парламентарец.

Речиси истиот ден германскиот Федерален суд донесе одлука со која привремено се запира ратификацијата на планот за закрепнување додека не се разрешат одредени правни проблеми. Претходно двата дома во германскиот парламент го поддржаа законот за ратификација, но пет неименувани поединци, членови на екстремно десната Алтернатива за Германија, во меѓувреме поднесоа уставна тужба, па германската ратификација, а со тоа и имплементацијата на пакетот за помош привремено е ставена на чекање. Истовремено, деновиве европските медиуми предупредуваат дека пандемијата создаде комплетно нова класа сиромашни, меѓу кои во особено тешка положба се младите.

И додека Европа, колевката на социјалната држава, се бори со табуата и уставните тужби во добата на најголема економска криза од Втората светска војна, неолиберална Америка донесува план за закрепнување кој во најголем дел се темели токму на социјалните трансфери. Американската влада штотуку го доврши законот за помош тежок 1,9 билиони долари. Една од целите е намалување на економската нееднаквост со низа директни мерки за помош на сиромашните домаќинства, припадниците на малцинствата, родителите со мали деца и студентите. Иако планот на Бајден нема намера подлабоко да ја зафати структурата на економскиот систем, сепак најголемата државна економска интервенција после Њу Дилот на Рузвелт од триесеттите, во контекст на вкоренетата неолиберална догма, се смета за значајно поместување во начинот на кој американското општество денес размислува за јавните политики. Американскиот економски нобеловец Пол Кругман во неодамнешен коментар за Њујорк Тајмс напиша дека со овој план „ерата според која големата држава е минато, е готова“, но и дека тој план секако не претставува „враќање на социјалната држава“. Сепак, според мислењето на европскиот парламентарец Педро Маркес, дури и таквиот американски план е посоцијален од оној во ЕУ.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото