Текстилни текстови (1)

16.04.2021 12:03
Текстилни текстови (1)

 

РАСКАЗИ ОД ВЕШТАЧКИ МАТЕРИЈАЛИ

Расказите од вештачки материјали се лесни за пишување и за одржување. Не траат долго, но се ефектни и податливи за разни писателски искушенија. И слабости. Не се ни туткаат. Полиакрилни и полиестерни приказни со нежни паспули од синтетички тафт или зенана. Ах, мазната, грешна, помамна зенана. Тешки драперии од релјефна тревира за проѕирна, лелеава нарација од маркизет.

Расказите од природни материјали: од свилата, од кожата, од волната, од памукот или од ленот на писателските души, треба да се избегнуваат, зашто се тешки за пишување и за одржување. А може и некој итар и досетлив критичар да се истопори во нив, да си ги облече како костум и вистински да блесне на свадбата на измислиците.

Расказите од вештачки материјали се совршено природни за неопитниот допир со раката на читателот. Иди излажи шивачка, да те видам, ама среќа, тие не читаат.

 

ОРГАНЗАТА НЕ Е ОРГАНТИН

Одамна не сум видела, не сум носела, не сум ни допрела органза. Знам точно како изгледа, знам точно како прва почнува да ги милува прстите, наместо тие неа. Одамна не сум ни помислила, ни сонувала органза, речиси ја имав заборавено како тактилно чувство, што ретко ми се случува за која било ткаенина.

Органзата е чувар на минати времиња и страсти, на смалени љубови потпикнати во длабоките плакари на животот. Како дете, мајка ми не пропушташе да ми рече „Пипни!“ секогаш кога ќе влезеше органза во нашиот дом. Може да биде од свила, од вискоза или од полиестер. Органзата не го предодредува материјалот од кој е направена, туку ткаењето, структурата. Таа е толку воздушеста и проѕирна, создадена од најтенката и најскапата нишка добиена со две усучени влакна.

Одам по ѓеврек. Излози на сите страни, не барам ништо да видам, а здогледувам... органза. „Не е можно“, си велам. „Никој не работи органза одамна.“

-Добар ден. Белата кошула на излогот е од органза?

-Мислам органтин – ми вели продавачката со глас како да се разбира во материјали. О-то ја залажува, чула-не дочула. Органтинот е нешто сосем друго. Штиркан, ретко ткаен памук.

-Може ли да пипнам?

Органзата почнува да ми ги милува прстите, наместо тие неа. („Органза од полиестер“, си потврдувам самата себеси.) Прстите знаат, прстите имаат сеќавање. Продавачката втренчено гледа во мене, очекува да кажам нешто. Молчам. Ја врти етикетата и клима со главата.

- Органза, 100% полиестер. Како знаевте?

- Мајка ми знаеше, јас само се сеќавам на нејзиното знаење.

- Сакате да пробате?

- Не, благодарам. Сакав само да пипнам.

 

РИПС ИЛИ ГАБАРДИН

Рапавите материјали, како и рапавите пријателства, се потрајни. Рипсот има рецки по должината на ткаењето кои ги кријат и староста и нечистотијата, и ветвоста и заматениот сјај; за разлика од мазниот габардин, на чијашто површина се наталожува и се гледа сѐ: од домашен прав, магла, зачаденост, зли мисли и врели погледи. Рапавите материјали и подолго траат, во нив времето може да се потпикне и во рецките и да не биде очигледно на прв поглед, како кај мазните пријателства. Во рецките можат да се потпикнат и многу повеќе тајни и длабочини што не треба да се видат.

Дали костимите на секојдневието ги кроиме од рипс или од габардин, зависи само од нас. Пријателствата од рипс се рапави и долготрајни; пријателствата од габардин се мазни, блеснуваат и исчезнуваат.

Колажи: Ulla Jokisalo

Извор за текстот: Оливера Ќорвезироска - Престапни години; Бегемот 2021.

 

ОкоБоли главаВицФото