Морис и фустанот со боја на мандарина

16.04.2021 16:34
Морис и фустанот со боја на мандарина


Деновиве, во издание на Темплум, излезе сликовницата „Морис и фустанот со боја на мандарина“, од канадските авторки Кристин Балдачино и Изабел Маланфан.

Морис е мало момче со бујна фантазија. Сака да црта, да пее, и си ја сака својата мачка Мо. На училиште обожава да си игра со облеката, особено со прекрасниот фустан со боја на мандарина. Фустанот го потсетува на тигри, на сонцето и на косата на мајка му. Но, другите деца не го разбираат тоа. Велат дека фустаните се само за девојчиња. Затоа Морис не е добредојден во вселенскиот брод на неговите соученици – тие велат дека астронаутите не носат фустани.

Од сите ограничувачки поларизации и стереотипи во нашата култура, ниедна не е толку упорна како родовите очекувања на кои ги учиме децата уште од рана возраст. Денес ситуацијата е само малку подобрена, благодарение на повремените детски книги кои ги охрабруваат малите девојчиња да ги надминат ригидните родови очекувања за нивното однесување, да бидат бунтовни, храбри и полетни.

Но, што е со малите момчиња кои не се вклопуваат во општествените препораки за тоа како да го изградат сопствениот идентитет и кои не разбираат зошто не им се дозволува да уживаат во истите нешта како и девојчињата? Културните стереотипи допуштаат момчињата да уживаат во фудбал, колички и спорт, но нема место за оние момчиња кои преферираат нешто поинакво.

Една таква приказна раскажуваат писателката Кристин Балдачино и илустраторката Изабел Маланфан. Балдачино со огромна нежност пишува за момчето кому му се потсмеваат поради нештата што му се допаѓаат. Убавината на нејзината проза се состои во нејзината едноставност, која делува смирувачки. Но авторката вешто успева и во создавањето моменти на возбуда. Замислените светови во кои патуваат Морис и неговите соученици се богати и разновидни, и им даваат глас на силно креативните фантазии на малите деца.

Според Балдачино: „Главниот фокус на книгата е булингот меѓу децата. На децата им треба простор за да можат да откријат кои се“, вели таа. „Книгава е посветена на луѓето кои само се обидуваат да бидат она што се и слободно да го изразуваат тоа. Морис е препуштен да се открие себеси“.

Приказната на Балдачино силно оживува со помош на искусната илустраторка Изабел Маланфан и нејзините соновни илустрации. Нејзините впечатливи шарени слики топло ги доловуваат ранливоста на Морис и неговата жива фантазија.

Морис не дозволува отфрлањето од неговите соученици да го обесхрабри. По неколку дена минати дома со неговите боички и со мачката и тој си ја враќа самодовербата. Се враќа на училиште горделиво носејќи си го фустанот и наоѓа умен начин да ги поведе своите соученици на прекрасно вселенско патување.

Морис и фустанот со боја на мандарина е трогателна и богата сликовница. Тој е лик кој на многу читатели ќе им делува близок и познат. Книгата порачува дека не само што е во ред да бидеш она што си, туку и дека тоа е важно, и едновремено треба да ги поддржуваш другите во тоа.

Рецензија за книгата:Бојата на радоста

 

ОкоБоли главаВицФото