Стрико Никола, да простите

17.04.2021 10:43
Стрико Никола, да простите

Стрико Никола не бил стрико ама баба ми така му се обраќала, како на постар човек. Бил селанец, земјоделец од блиското село Дихово, доаѓал во чикмакот на баба ми со коњска кола натоварена со тоа што било узреано и што натоварил: овошје, зеленчук, сирење, млеко, или дрва пред зиме.

Малку пелтечел и зборувал многу брзо. Уште од далеку почнувал да вика за да се соберат домаќинките. Невести, Ицојце, Викторија (со акцент на второто и), ајде чупе, ајде невевче слегвај, носам разни рабоќе.

Ќе слезела баба ми и стрико Никола почнувал да набројува: дојсов домати, крастајци да простиш, сирење, јајца да простиш, и стрижефне овците, шо волна излезе да простиш, сливата да простиш ногу роди годинава, ќе праиш маџун за децата да јадат, нека се живи и здрави златни на стрико, дојсов јаболка...

Баба ми многу се нервирала. „Оти да ми речи да простиш јајца и да простиш крастајци. Кажи шо си донел и не ми вели да простиш. Шо да е муабет од прост чоек.“

Дедо ми, на својот ладен и својствен мирен начин ѝ велел да не се нервира и дека стрико Никола е неук и човек од село каде најверојатно сите велат да простиш, „ако е таков зборот и муабетот“.

Нас дома од зафркавање ни остана да викаме „јајца да простите, ама овојпат велигденски“.

А да. Ко ми се вдадоа едни пци, ко зедов еден стап, да простиш... Ќе го заборавев тој стап, да простите.

Колаж: Han Cao

 

 

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото