Еве зошто се случува да заборавиш по што си тргнал во друга соба

19.04.2021 01:45
Еве зошто се случува да заборавиш по што си тргнал во другата соба

Утрово влегов во спалната соба со намера да направам нешто, но, во моментот кога го пречекорив прагот сфатив дека не знам што впрочем сакам да направам. Да земам пари од паричникот? Да земам нешто од ормарот? Постоеја неколку опции, но на крајот се убедив дека сигурно не е ништо многу важно, штом толку брзо заборавив за што се работи. Подоцна сфатив дека впрочем сум тргнал по полначот за телефонот, кој беше до креветот. Се сетив кога телефонот ми се исклучи среде важен повик.

Доколку и вам ви се случуваат вакви сцени, и сте загрижени дека стареете и сè почесто почнувате да заборавате зошто сте влегле во некоја просторија, научниците од Универзитетот Бонд во Австралија можеби имаат некои одговори на прашањата што ве интересираат.

Овие иритантни багови во меморијата веќе неколку години во науката се нарекуваат „Ефект на поминување низ врата/The Doorway Effect“ или „location updating effect“, што е назив за феноменот кога некои луѓе забораваат нешта при влегувањето во друга просторија. Станува збор за нешто што се случува многу почесто отколку што мислите. Овој израз е скован и првпат е употребен во едно истражување од 2011 година кое е спроведено на Универзитетот Нотр Дам, а кое откри дека луѓето забораваат нешта кога ќе го пречекорат прагот зашто нивниот мозок се освежува и не е веројатно дека сеќавањата од другата соба ќе бидат релевантни во новата соба.

Сепак, новото истражување објавено во журналот BMC Psychology откри дека, иако овој ефект постои, се случува само кога мозокот навистина се напрегнува.

Оливер Бауман - асистент професор по психологија на Универзитетот Бонд и еден од авторите на ова истражување - и неговиот тим ги повториле претходните истражувања за да согледаат што се случува додека мозокот е во акција.

За да го направат тоа, 74 волонтери требало да се движат низ компјутерски генерирани 3Д соби во кои требало да се сеќаваат на објекти од претходните соби додека носат очила за виртуелна реалност. Сепак, истражувачите не забележале дека овој ефект се случува во оваа фаза од истражувањето. „Тогаш ја направивме задачата потешка и баравме да бројат наназад додека ги бројат задачите и се движат, за да ја оптовариме нивната меморија“, рече Бауман во соопштение за медиумите.

Истражувачите забележале дека овој ефект почнал да се појавува тогаш. Учесниците заборавале, а тоа ги довело научниците до заклучок дека преоптоварувањето на меморијата на испитаниците почесто доведувало тие да забораваат нешта.

„Со други зборови, овој ефект се појавува кога когнитивно сме во ранлива состојба“, додаде Бауман.

Овој тим научници го утврдил овој проблем значително помалку отколку што тоа било случај во претходните истражувања. „Веруваме дека ова се случува зашто во нашиот експеримент собите се дизајнирани така што се визуелно идентични. Нема промена на контекстот кога ќе се пречекори прагот, што секогаш беше случај во претходните истражувања“, рече Бауман.

И покрај тоа, тој верува дека она што го наведуваат претходните истражувања, дека луѓето не забораваат само заради пречекорувањето на прагот, туку и заради промената на опкружувањето. „Добар пример е кога одите од еден дел од продавницата во друг“, вели тој. „Или кога влегувате во лифт за да отидете на некој друг спрат на продавницата - тогаш почесто се случува да заборавите што треба да купите“.

Тој објаснува дека мозокот ги расчленува информациите од различните опкружувања и ги складира во различни мрежи информации кои им припаѓаат на различни контексти. „Сето тоа ни дава поголем капацитет, отколку ако би имале еден огромен работен простор каде сè е поврзано“, додава Бауман. „Сепак, тоа доаѓа со одредена цена. Со преминувањето во поинакво опкружување можеме да изгубиме одредени информации“.

Овој интересен феномен за нагло заборавање е почест отколку што мислите. Едно неодамнешно истражување од Универзитетот во Единбург откри дека мажите и жените во своите дваесетти редовно забораваат зошто влегле во некоја просторија или каде ги оставиле своите клучеви. Половина испитаници во ова истражување се изјасниле дека најмалку еднаш неделно забораваат зошто влегле в соба.

Меѓутоа, колку заборавањето и да е фрустрирачко, можеби и не е толку лошо колку што ни се чини дека е. Во повеќето случаи, нашата тенденција да ги сегментираме нашите животи во различни настани навистина има предности. Нашиот капацитет за информации е ограничен, така што не можеме одеднаш да запамтиме премногу информации.

Сепак, за нас е покорисно да ги знаеме информациите за моменталната ситуација, отколку да се сеќаваме на сè што ни се случило неодамна.

Сепак, доколку сакаме да побегнеме од магијата на овој ефект, најдобро е да се обидеме да останеме фокусирани. Затоа, продолжете да размислувате за садовите за перење кога следниот пат ќе влезете во кујната и нема да завршите со уште една ужинка во рацете, со уште една епизода од серијата.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Aslak Vibæk, Peter Døssing

Извор: https://www.vice.com

ОкоБоли главаВицФото