Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

19.04.2021 12:08
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) соопшти дека добтиник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на  конкурсот.

 „Витезот и византијката“, Кица Колбе, „Или-Или“

Во Тоскана живееше сам. Како што велеше Виторио, без маче,без куче, без жена, без деца.Мештаните веќе го викаа „il solitario“, „осаменикот“.Тоа еднаш му го откри Роберто, градинарот, кога прв и последен пат се обиде да му биде стројник да најде жена во Амбра. Одеднаш, во тие четворица млади што трчаа кон трамвајот, го виде животот како сцена во филм. Тој остана да чека, тие заминаа. Го фати ужас од помислата дека, како во сон, му поминаа десет години од животот.Можеби тие навистина ќе беа најубавите, како што постојано го опомeнува Виторио.Студена, длабока тага и празнина му се сви околу срцето.Се сети дека девојката ниту во еден миг нe погледна угоре, кон него.Сепак, знаеше дека таа следеше се'!Таа не мораше да се сврти и да погледне угоре, кон него, за да му стане јасно дека оваа девојка не е онаа на која мигновено помисли. Ненадејната силна желба во него непознатата девојка да е токму таа, Византијката,го зачуди и го збуни.Доволен беше погледот врз една загадочна безимена девојка за да посака таа да е една друга млада жена, онаа од времето кога тој беше како тројцата момци.Сфати дека токму тоа го фасцинираше кај римската четворка.Тие беа како нив!Тогаш, во Бон, пред десет години.И тие беа неразделната, прочуена четворка.Тој, Јоханес Клеман и Андреас Вагнер.Секако, и таа. Наталија Поленак. Иако, да беше по негово, таа не ќе беше никогаш со нив во кабинетот на професорот. Ама професорот Фон Блументал сакаше при секоја средба со него да биде присутна и новата колешка на постдипломските студии во Бон во летниот семестар 2004-тата.

Како тоа токму сега, по толку години, во најобичните четворица млади луѓе, се препозна себеси? И оние кои некогаш беа неговиот свет на студиите во Бон.Кои ги отпиша, заедно со светот. Ликот на професорот сето време лебдеше пред него.Тој му се насмевнуваше само со благоста на погледот на неговите синозелени очи. Тој поглед порано веднаш го смируваше, кога беше збркан и возбуден. Го слушаше во себе неговиот длабок, а толку пријатен глас!Како се' да јуреше кон него од минатото, како топол виор, од кој му застануваше здивот, а срцето му се исполнуваше со длабока меланхолија. Колку ќе беше подобро да не си забранеше да копнее по што било, се сепна. Меланхолијата е опачината на копнежот, затоа што таа ја нагризува надежта, се сети на мислата на професорот од еден негов есеј за германскиот романтизам.Сфати дека сиве овие години се скри пред светот од страв од пораз и од повредена гордост.Тогаш првпат му стана јасно колку беше горд во младоста! Погорд и од младиот римјанин со долгата црна коса.Беше ли тоа момче привидение на него самиот? Онаков каков што тој беше пред десет години? Сигурен во себе, полн со себе! Со брз, бистар, продорен поглед. Сето тоа за миг го повика времето на студиите во неговиот ум. Кој или што му ги покажуваше младите луѓе како актери на сцена?

 

 „Ши“, Сашо Кокаланов, „Или - Или“

Беше мартовска квечерина, студен завршеток на еден облачен, сив ден, во барот беше спарно и очилата му беа замаглени. Не се потруди ниту да ги избрише, очигледно, додека се преправаше дека чита весник, со подотворениот лаптоп како зинат крокодил на масата. Потоа, гледаше вo менито без намера да порача храна. Пиеше вињак со мраз. Го затвори лаптопот за да не го потсеќа на недовршената работа. Првпат во животот пишуваше роман. Романот беше разнесен на парчиња, всушност таков беше од раѓање, без изгледи да добие на целост и на смисла. Можеби тоа беше така поради начинот на кој го пишуваше романот.Имаше еден црн тефтер во кој бележеше кога ќе му надојдеше инспирација.Тоа беа мисли, само делови од мисла, но некогаш цели пасуси, а некогаш, пак, само едно единствено зборче. Доаѓаа во различни денови и во различни расположенија и кога ќе ги внесеше во тефтерот не ја добиваа формата на садот во кој ќе ги истуреше (мислата не е течност) туку си ја задржуваа конотацијата во која настанале како зачувано моминско презиме. Затоа, кога го читаше тефтерот, тоа не беше роман во зачеток туку тревник во парк, со лисја во различни форми и бои, паднати од различни дрвја и измешани без никаков ред, како што ги носеле воздушните струења. Каде е сега тефтерот и зошто пишува во лаптоп? Ќе дојдеме до тоа, полека. Есента му беше плоден период во создавањето на романот. Дури си имаше развиено и некаков ритуал на прошетка во Градскиот парк. Сами: тој и тефтерот. Пешачеа, мислеа на обични работи, ги гледаа формите и боите на лисјата, а кога ќе седнеше на некоја од клупите, небаре почнуваше да врне, не да капе, не да заросува, ами да истура- се полнеа страниците во тефтерот. Павлов рефлекс на пишувањето. Тој, тефтерот и клупата. Некоја чудна вознемиреност, прескокнувања во пулсот, студена пот, наежавеност,и потоа раката го стиска пенкалото, а тоа испушта мастило. Се' се ова флоскули, но таков е и неговиот роман. Некои писатели овие мигови ги опишуваат како пријатно треперење, други како болно отсекување на дел од себе, а тој само како празнина. Не празнење, празнина. Ништо. Пополнување на ништото со друго ништо, негово ништо.

Кога бурата ќе заврши, а тоа најчесто е нагло, се чувствува како да заспал во густа влажна дабова шума, а се разбудил во градски урнатини по страшен земјотрес, со сериозни дупки во сеќавањата на најблиското минато. Одеднаш почнува да ја слуша бучавата, да го чувствува бодежот во бутот од искршената клупа, смрдеата од езерцето... Сетилата му се враќаат едно по едно, писателот се беше симнал од него на некоја претходна станица, па сега седи на клупата без никакво полнење, осамен и сам.

Средбата! Се случи на мовче, на едно од оние мовчиња во паркот што ги премостуваат каналите полни со крастави жаби, нервозни полноглавци, по некое тажно тромаво рипче, уплашено водно змијче и вода позеленета од многу изгниени спомени. Но, оваа средба не беше спомен што може брзо да изгние, беше попрво почеток, вистинското раѓање на неговиот роман.

 

 

 Кон претходните делови