Јанко ле, банко убава!

19.04.2021 13:02

Нишна се блага јаболка,
удари бегот у сарај,
излетна пиле од сарај,
на крилја ферман изнесе
и на ферманот пишано:
„Што е до седум години,
секи на војска да иде:
кој има сина да прати,
кој има чичо да прати,
кој има вујко да прати.“
Јанко си нема ни сина,
Јанко си нема ни чича,
Јанко си нема ни вујко,
тој има до девет ќерки,
најмалата е Тодора.

Тодора итра, разумна,
на татко вели говори:
„Иди си, тате, на пазар,
купи ми коња ранена,
ранена коња седлана,
купи ми руво низамско,
купи ми пушка далјанка,
купи ми сабја огњанка,
збери ми верна дружина,
се таткова ми роднина,
јас ќе си идам на војска!“

Ошол татко и на пазар,
купил и коња ранена,
ранена коња седлана,
купи и руво низамско,
купи и пушка далјанка,
купи и сабја огњаика,
собра и верна дружина,
се таткова и роднина,
ојде Тодора на војска.

Кога ојдоа кај царот,
наѕрнала ми царица,
и скоро се поврнала,
на царот вели говори:
„Царе ле, царе везире,
во војска имаш девојче,
дали ќе да го познаеш?“
Наѕрна царот прегледа,
не може да го познае.
Царот и вели говори:
„Оти ме мене излага?
Во војска немам девојче! “
Царица вели говори:
„Царе ле, царе везире,
ја ги одведи во бавча,
сите ќе ќитки да берат,
сите по една ќе скинат;
тоа што си е девојче,
тоа ќе скине две ќитки:
една на глава ќе качи,
друга на појас ќе затне.“
Па ги одведе во бавча.
Сите скинале по ќитка,
Тодора итра, разумна
и таа една скинала.
Не можел да ја познае.

Царица вели говори:
„Царе ле, царе везире,
ја ги одведи на пазар,
тоа што си е ергенче,
ќе да си купи тамбурче,
тоа што си е девојче,
ќе купи фурка, вретенче.
Сите ќе дрнкат, ќе пеат,
Мома ќе преде, ќе пее.“
Па ги одведе на пазар.
Сите купиле тамбури,
Тодора итра, разумна
и таа купи тамбура.
Сите си дрнкат и пеат
и таа дрнка и пее.
Не можел да ја познае.

Царица вели говори:
„Одведи војска во поле,
таму ќе камен да фрлат;
тоа што си е ергенче,
пет сажни напред ќе фрли,
тоа што си е девојче,
пет сажни назад ќе фрли.“
Па ги одведе во поле.
Сите си камен фрлале,
Тодора итра, разумна
и таа камен фрлила,
пет сажни напред фрлила.
Царот и вели говори:
„Оти ме мене излага?
Во војска немам девојче!"

Па си служила три годин.
Дојде ми време за дома.
Сите ми коња чешале,
чешале коња седлале,
седлале и па свиреле;
Тодора коња чешаше,
чешаше, коња седлаше,
лепа си песна пееше.
Тогај ми царот е познал
оти имало девојче.
Јанко ле, банко убава!

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото