Репортери без граници: Културата на неказнивост продолжува во Mакедонија

20.04.2021 11:46
Репортери без граници: Културата на неказнивост продолжува во Mакедонија

Најновиот извештај на Репортери без граници за сите земји во светот е објавен денеска, Северна Македонија бележи подобрување од две места во глобалниот индекс, но се соочува со критики за заканите и нападите кон новинарите и медиумите.

Северна Македонија се наоѓа на 90-тото место од 180 светски држави според последниот Индекс на слободата на медиумите на Репортери без граници за 2021 година. Во споредба со лани државата има напредок од две места и се наоѓа во група на држави заедно со Лесото, Молдавија, Перу и Унгарија.

И покрај подобрувањето, земјава сè уште се наоѓа во долната половина на државите од регионот според слободата на медиумите. Најслободни медиуми во регионот, според новото рангирање, има Словенија (36), а подобро пласирани од С. Македонија се и Хрватска (56), Босна и Херцеговина (58) и Грција (70), Косово (78) и Албанија (83). Во соседството единствено полошо позиционирани од земјава се Србија (93-то место), Црна Гора (104) и Бугарија (112 место).

С. Македонија во минатогодишниот извештај имаше скок од три места, а пред две години подобрување од дури 14 места на Индексот. Најлош пласман според Репортери без граници државава имаше во 2014 година (123 место), додека во 2009 година беше на високото 32-ро место во светот, што е највисок пласман според овој извештај.

Во извештајот за Северна Македонија од Репортери без граници потенцираат дека во земјата и понатаму останува присутна културата на неказнивост.

„2020 беше вонредна година за Северна Македонија. Парламентот беше распуштен, на власт дојде техничка влада и потоа предвремените парламентарни избори мораа да бидат одложени поради пандемијата со Ковид-19 и вонредната состојба. Ситуацијата на медиумите се влоши, високи владини функционери продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека сајбер-малтретирањето и вербалните напади врз новинари пораснаа врз новинарите на социјалните мрежи. Сите овие случаи само повторно ја покажаа вкоренетата култура на неказнивост. Истовремено пандемијата го усложни известувањето на новинарите. Организациите кои ги претставуваат медиумите силно се спротиставија на разни предложени измени на Законот за медиуми кое би овозможило државно рекламирање во медиумите. Овие организации сметаат дека тоа може да го охрабри клиентелизмот. Министерството за правда изработува измени во кривичниот законик кои би ја направиле работата на новинарите и медиумските работници побезбедна“, стои во извештајот на Репортери без граници за Северна Македонија.

Овогодишниот извештај на Репортери без граници е насловен „Новинарството, вакцина против дезинформации, блокирано во 130 држави“.

„Податоците во индекост покажуваат драматично намалување на пристапот на луѓето до информации и зголемените пречки за известување. Пандемијата со коронавирусот беше искористена како изговор за да се оневозможи пристапот на новинари до извори на информации и известување од терен. Дали овој нивен пристап ќе биде вратен по крајот на пандемијата? Податоците покажуваат дека новинарите се соочуваат со сè поголеми потешкотии да известуваат и да покриваат чувствителни теми, особено во Азија, Блискиот Исток и Европа“, се наведува во извештајот.

Скандинавија има убедливо најслободни медиуми. Норвешка оваа година се наоѓа на првото место според индексот, а во првите пет се уште и Финска, Шведска, Данска и Костарика.

На дното на листата, на последното 180-то место е Еритреја, додека во најлошите пет се уште и Северна Кореја, Туркменистан, Кина и Џибути.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото