Закрепнувањето на светската економија не е доволно зелено

21.04.2021 01:05
Закрепнувањето на светската економија не е доволно зелено

Тешко можевме да замислиме дека една страшна здравствена криза, како што е оваа во која се наоѓаме сè уште, може да донесе нешто позитивно, освен ПЦР тестот. Сепак, во глобалниот хаос на пандемијата, воочена е несекојдневна шанса за време на закрепнувањето и борбата со последиците кои ни ги донесе кризата, да се избориме и со уште една, климатската криза.

Сржта на идејата е остварување на двете цели одеднаш, економското закрепнување да се изведе на чист начин, со вложување во обновливи извори на енергија, со зголемување на енергетската ефикасност, како и со спроведување решенија засновани на природата.

На пример, во планот на Европската унија за закрепнување на економијата после пандемијата, централно место зазема Европскиот зелен договор, со намера Европа до 2050 година да стане јаглеродно неутрален континент. Меѓутоа, додека ваквите и слични вести од светот звучат охрабрувачки, сè уште има причини за грижа.

Светот би можел да пропушти историска прилика

Само 18 проценти од најавената количина пари кои ќе се употребат за закрепнување на економијата после пандемијата со коронавирусот, отидоа во зелени инвестиции, сведочи студијата на Обединетите нации и Универзитетот Оксфорд, со наслов Are we building back better? објавена на 10 март.

Уште еден показател дека не се вложува доволно во чиста енергија и дека светот се враќа кон старите и валкани начини за добивање на истата е и неодамна објавениот извештај на Меѓународната агенција за енергетика, во кој може да се согледа дека со економското закрепнување дојде и до закрепнување на емисиите јаглерод диоксид во енергетскиот сектор, кои во декември 2020 година беа за 2 проценти поголеми отколку истиот месец во 2019 година.

„Човештвото се соочува со пандемија, економска криза и еколошки крах - не можеме да си дозволиме пораз на ниеден фронт“, предупреди Ингер Андерсен, извршна директорка на Програмата за заштита на животната средина на Обединетите нации (УНЕП).

Како се трошеа парите

Во споменатата студија, се анализирало трошењето на парите во 50 водечки економии во светот, при што е утврдено дека од 46 илјади милијарди долари потрошени минатата година, само 386 милијарди се вложени во зелен и одржлив развој.

Иницијално се потрошени околу 11 милијарди долари, за да им се помогне на загрозените фирми, се обезбеди позајмица за малите претпријатија и готовина за физичките лица. Овие пари се потрошени како мерка за помош заради ефектот на пандемијата. Иако економистите оценуваат дека ваквиот потег беше неопходен, за да се избегне уште полош економски удар, остатокот од потрошените пари наменети за закрепнување на економијата мораше да се искористи подобро.

Андерсен оценува дека помошта за одредени компании се пружаше пребрзо, без анализирање на можните зелени предуслови. На пример, можно беше од компаниите да се бара да постават цели за намалување на емисиите со јаглерод диоксид, кои би биле во склад со Парискиот договор. Такво сценарио и се случи во неколку случаи, па така некои европски авио компании беа принудени да ги прекинат кратките летови, за да добијат финансиска помош од државните влади за време на пандемијата.

Се проценува дека над 66 милијарди долари се вложени во ниско јаглероден развој, најмногу благодарение на вложувањето на Германија и Шпанија во проекти за обновливи извори на енергија, а се издвојуваат и Франција и Велика Британија преку вложување во зголемување на енергетската ефикасност на зградите.

Од друга страна, се оценува дека Кина и Индија како приоритет сè уште ги форсираат фосилните горива, земајќи ги предвид нивните национални планови за експанзија на индустријата со јаглен, додека САД, Канада, Мексико и Австралија планираат дополнителна експлоатација на нафтата и гасот.

Да не се пропушти шансата

Една од причините заради која сега светот се соочува со неуспех за зелено закрепнување на економијата може да биде тоа што земјите немаа однапред подготвени и разработени планови за зелени инвестиции. Дел од решението е преку учење за најефективни зелени вложувања.

Од таа причина, основана е иницијатива на Опсерваторијата за глобално закрепнување (Global Recovery Observatory), со седиште во Оксфорд, која има за цел следење на трошењето пари наменети за постпандемиско економско закрепнување. На тој начин, врз основа на реални примери, економските советници можат да им помогнат на државните влади во донесувањето одлуки и нови закони кои ќе ги насочат инвестициите во зелени проекти, прилагодени на специфичните потреби на државите.

Дополнително, достапноста на информациите за тоа колкави количини пари и на кој начин се трошат, може да послужи како доказ за исполнување на ветувањата кои ги дадоа раководните лица од државите.

Во студијата особено се нагласува дека зеленото закрепнување може да овозможи подобар економски развој, истовремено помагајќи да се исполнат целите за заштита на животната средина и да се решат системските нееднаквости кои благодарение на пандемијата станаа поочигледни од претходно.

Меѓународниот монетарен фонд проценува дека светската економија во 2020 година опаднала за 3,5 проценти, што значи дека на светот му претстојат неколку години економско закрепнување, така што и натаму има време од непријатната ситуација во која нè стави, сега веќе мошне озлогласениот вирус, да создадеме нешто позитивно, а тоа да не е ПЦР тест.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Anna Beeke

Извор: https://klima101.rs
 

ОкоБоли главаВицФото