Зошто престанав да свирам клавир

21.04.2021 11:52
Зошто престанав да свирам клавир

Прва ни раскажа Калиопа Петрушевска, зошто престанала да свири клавир. Денес ѝ е реденден и наместо вистински подарок ќе ѝ подарам мала приказна за која се надевам ќе ја насмее.

Овде во Брисел во моето соседство има дуќанче со полски производи. И покрај навидум оригиналните етикети на шишињата, оддалеку мириса на метил алкохол, па никогаш не ги купувам вотките од типот пшеничнаја, житнаја, рускаја, сладка вишновка, лимонаја, столичнаја... А, признавам, сум била во искушение. Ама пусти страв лозје чува. Затоа купувам чадено сирење, домашни пирошки, колачи кои личат на ванилици, руски вареники и пелмени.
Елем, баш некаде после написот на Лопе, влегувам во дуќанчето кое е баш отспротива Музичката академија, и се втурнувам меѓу разните конзерви унгарски гулаши и паприкаши; налетувам на куп стари ноти оставени од некоја жена, веројатно професорка по клавир, која напишала „servez vous“, послужете се. На врвот од купот е Черни, а подолу се Бетовен, Моцарт и Бах. Додека ги листам и потпевнувам, полската продавачка ми вели, земи ги слободно, постојано носи други.

Зедов две и додека одев накај дома размислував како и зошто престанав да одам во музичко училиште. Не заради Черни и не заради скалите кои упорно ги вежбав, нели, што се мора није тешко. Памтам и дека професорката по солфеж Нада Костовска Гајиќ, инаку сестра на Драги, се јавуваше и по дома, тврдејќи: „голема штета, има апсолутен слух“; на што мајка ми одговараше: „нејќе, Надо, со сила убавина не бидува“.

Главната причина зошто престанав да свирам клавир беше професорката по клавир. Беше убава но не мила жена. Имаше обичај да пее по мелодијата која ја свирев: „Милче, кршиш лева рака, прстометот го припази, десна рака круто држиш“. Кога од нервоза ќе престанев да свирам, ме прашуваше: „Нели си го вежбала натаму, како не те срам?“
Згора на тоа, пушти едни мустаќи, черкески, црни, со едни јаки влакна, шо мустаќ, од оние што сенка фрлаат. И ич не ѝ стоеја убаво.

Е тука сопрев за навек. А клавирот си го донесов во Брисел. Среќен роденден, Лопе, и сè најубаво.

Колаж: Han Cao

 

 

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото