Здравствената услуга не е стока по дефиниција

23.04.2021 00:34
Здравствената услуга не е стока по дефиниција

Под притисок на пандемиските предизвици повторно дознавме што значи ефикасен и координиран јавен здравствен систем. Заговорите за понатамошна приватизација на здравството попуштија пред проблемот со кој се соочува целиот свет, а некои земји во недостаток на капацитети во јавното здравје одлучија и за привремена и делумна национализација на приватниот сектор. Меѓутоа, и покрај крајно екстремната ситуација изостанаа силни политички притисоци во насока на преиспитување на улогата и функциите на приватното здравство, односно сите оние општествени ризици кои со себе ги носи здравствената услуга во сатусот стока. Можеби за тоа ќе дојде време после стабилизацијата на пандемиската ситуација, но аргументи сигурно не недостасуваат.

И тука не мислиме само на морално-политичкиот аргумент според кој секој би требало да добие еднаква здравствена услуга без оглед на имотната состојба. Имено, здравствената услуга не ги задоволува критериумите на стока која се купува на пазарот ни според економските учебници кои инаку сметаат дека стоката е оптимален облик на организација на економското производство и дистрибуцијата. Неодамна, причините фино и темелно ги појасни американскиот социолог Дилан Рајли во новиот број на New Left Review. Таму Рајли објави своевиден политички лексикон на пандемијата со наслов „Lockdown Limbo“ во кој свое место најде и одредницата Сома, т.е тело. Вреди да се пренесе аргументацијата зашто е политички неопходна и мошне ефектна.

По саркастичната споредба на мени во ресторан и ценовник на услуги во некоја приватна поликлиника, американскиот социолог заклучува дека стоковиот облик е несоодветен за здравствената услуга и нуди три причини кои ја потврдуваат оваа несоодветност. За почеток, изедначувањето на пациентот и потрошувачот е искривена перспектива зашто ја игнорира природата на односот помеѓу пациентот и лекарот. Пациентот бара грижа од лекарот, медицинските сестри и специјалистите не затоа што како суверен потрошувач избира помеѓу услугите кои се нудат туку стручњаците одредуваат која услуга воопшто има корист за пациентот. Стоковиот облик ја поткопува самата природа на тој однос и воведува фикција на суверен потрошувач во однос во кој лаикот зависи од стручното знаење.

Вториот проблем со стоковиот облик и здравствените услуги се однесува на славниот концепт маргинална корисност. Со тој концепт економистите настојуваат да ги објаснат потрошувачките преференци и да одредат количина од некој производ која потрошувачот има намера да ја купи. Со секоја нова купена единица од производот може да се зголемува вкупната корисност за потрошувачот, но после одреден број единици може и да опаѓа. Да земеме банален пример, вториот изеден сендвич може да ви предизвика дополнително задоволство, а третиот може да ве натера да повратите. Меѓутоа, во случајот со здравјето не се работи за квантитативна акумулација на единици, туку за квалитативна состојба: здравје. Ако ви е потребна некоја операција нема да ја извршувате сè додека ви пружа уживање само еднаш, ако нема компликации. Зашто на тој начин сте оздравеле. Здравствената услуга ја оспорува логиката на маргиналната корисност зашто природата на потребата е сосема поинаква.

Третиот проблем се однесува на уште еден микроекономски концепт чија цел е да се анализираат потрошувачките преференци во контекст на лимитираниот буџет. Називот на тоа хеуристичко оружје е крива на индиференција, а се заснова на графиконот кој покажува кои комбинации на две стоки го прават потрошувачот индиферентен, односно подеднакво задоволен. На пример, ако сакате книги и капути, а капутот е двапати поскап од книгата, ќе бидете подеднакво задоволни ако купите четири капути и осум книги или шест капути и четири книги. Звучи бизарно, но микроекономијата има бизарна претстава за луѓето. Меѓутоа, во случајот на здравствените услуги заради специфичноста на болестите не можете туку така да ги менувате размерите. Не можете трансплантацијата на црниот дроб да ја замените со операција на коленото. Значи, не станува збор за избор на услуга во согласност со преференциите туку за враќање на пациентот во специфична состојба.

Ако бидеме крајно цинични, комотно би можеле да утврдиме дека либералите би требало да се побунат против приватизацијата на здравството зашто тоа ги нарушува основните својства на стоковиот облик. Но, низ историјата пазарите се создавале и со понасилни методи кои воопшто не прашувале за здравјето. Нам, пак, ни преостанува некој ефикасен политички алат кој можеме да го користиме длабоко на сопарничкиот терен без да ризикуваме обвинувања за наивност или пословична социјалистичка нееднаквост.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото