Поезијата на Богомил Ѓузел

23.04.2021 11:49
     Поезијата на Богомил Ѓузел


„Ми треба црна ноќ и длабока земја
За песната два збора
За љубовта ни еден“ (Одисеј во пеколот)

Богомил Ѓузел е значаен, не само како македонски, туку и поет од европски и светски ранг, луциден и виспрен, сè страно начитан и длабоко љубопитен интелектуалец, есеист, прозен и драмски автор и преведувач.

Зад него стојат повеќе од пет децении творештво - почнувајќи од првата книга поезија „Медовина“, објавена во 1962 год, неговиот опус брои повеќе од 15 поетски збирки (заклучно, со книгата „Песочник“), меѓу кои спаѓаат и 3 избори од неговата поезија на англиски јазик, по еден избор на француски и словенечки јазик, односно, неколку избори на српско-хрватски. Освен тоа, Ѓузел има објавено 2 книги проза (раскази, патеписи), 6 драми, 2 книги есеи, како и редица извонредни преводи на делата од Шекспир (9 драми), поезијата на Т.С.Елиот, В.Хју Одн, Емили Дикинсон, Волт Витмен, Шејмас Хини, драмите на Бернард Шо, Харолд Пинтер, Сем Шепард, прозата на Луси Керол и Р. Киплинг и други.

Богомил Ѓузел потекнува од Македонија, живее во Македонија и пишува на македонски јазик, но неговото творештво не може да се сведе и да се ограничи исклучиво на македонскиот културен простор, бидејќи одамна (поточно, уште од самиот свој почеток) беше ги прескокнало националните јазични и книжевни граници, стоејќи рамо до рамо со тековите на европската и светската современа литература. Ѓузел е ценет и признаен кај нас, но, така е, можеби, уште повеќе во меѓународните поетски и академски кругови, за што сведочат најмалку три показатели: едниот од нив е дека единствената постоечка монографија за творештвото на овој плоден, сестран и ерудитивен автор е книгата на полскиот славист Лех Мјодински, под наслов „Природа, интелект, култура“, инаку, првично сработена како докторска дисертација (во 1991 г).

Друг показател е фактот, дека Ѓузел, по лична покана, досега настапувал на повеќе угледни поетски манифестации во светот, меѓу кои спаѓа и фестивалот во Сан Франциско 1981 г, каде ги читал своите песни заедно со нобеловците Чеслав Милош и Исак Сингер.

Како трет показател, ќе го споменеме угледниот американски поет од српско потекло Чарлс Симик, кој го започнува својот предговор кон англискиот избор „Волкот пред врата“, на следниот, сликовит начин: „Еве ситуација, која можела да произлезе од некој расказ на Хорхе Луис Борхес. Поет од светски ранг пишува на мал јазик, во мала земја, во прилично оддалечен дел од светот. Неговите песни се величествени, но никој не ги чита – а како би можел? Нема многумина преведувачи од македонски јазик, а издавачите, кои обично губат пари со преводите на романи и песни од големите јазици, се претпазливи во врска со можноста да сторат нешто околу тоа, дури и тогаш, кога ја признаваат извонредноста на неговото дело“.

И, додека сме уште кај првичните и неопходни хронолошки и ретроспективни показатели – во оваа прилика, мора да констатираме уште еден објективен, не помалку значаен податок – дека за творештвото на Ѓузел во македонската книжевна критика и есеистика до сега се напишани и објавени незадоволително и недозволено мал број прилози, анализи, толкувања. Дел од аргумените во врска со тоа се должат на фактот, што оваа поезија, со оглед на сопствениот ерудитивен набој, стилско-реторичкиот габарит, тескобната атмосфера и ритма – можеби, навистина, и не е толку податлива, читлива, „питка“, или податна за интерпретација. Сепак, тоа не може да послужи како соодветен (или траен) алиби за евидентниот аналитичко-рецепциски јаз во третманот на ова комплексно творештво.

Овој непореклив факт, иако предизвикува жалење, сепак, може да послужи и како самокритично преупредување (или, неопходно програмско зацврснување) на современата македонистика – која, по малку заборава, дека е должна да им посвети, заслужено и достојно, академско внимание на своите големи и потврдени автори, корифеи на македонската Реч (оти, нелагодниот пропуст во однос на Ѓузел, за жал, ниту е единствен, ниту пак редок пример).

2. Хронолошки (или, периодизациски гледано), Ѓузел припаѓа на тн. трета генерација автори од современата македонска литература, кои остварија блескави поетички исчекори и автентични дела, со кои непобитно се потврди фактот, дека македонската литература има (и може да понуди) свои достојни претставници и во поширокиот книжевен простор.

Заедно со поетот Радован Павловски, тој е автор и на првиот поетски манифест во македонската литература „Епското на гласање“ – значаен, не само поради својата пионерска (историска) појава, туку и според својата концепциска зрелост, која го пресвртува традиционалниот, и дотогаш неприкосновен, епски модел или патос во современа, видно изменета улога и позиција, во која, наместо еднодимензионалниот, плошно претставен, апстрактен и нормативен историски (или, епски) лик, овојпат, во улога на трагичен анти-јунак настапува самиот поет – неговата современост, однатре разломената лична интима, несопирливата (или, инаетлива) либидинална екстаза, но и подземната анксиозност на Историјата престорена во Егзистенција, која, место да биде заклучена во минатото, кому што органски му припаѓа – трауматично се враќа и повторува во волчјото секојдневие на Злото.

Поетското творештво на Ѓузел не е лесно, ниту е едноставно да се анализира! Тоа впрочем може да се направи од повеќе агли, од повеќе аспекти, од повеќе проблемски или типолошки поаѓалишта и може да се чита од книжевно-историски, книжевно-теориски, книжевно-критички, но и од аспект на философијата (на книжевноста) и денес омилената културолошка анализа. Во ова предавање, ќе се обидам да ги вкрстам методолошките перспективи и насоки на читање, со оглед на фактот, дека примарно доаѓам и настапувам од полето на компаративната книжевна наука и нејзиниот витален принцип – авторскиот профил и творечкиот влог – да го согледа, не само низ призмата на потесно оградените, примарно филолошки (книжевно-национално обоени) интереси, туку, и во една глобална, типолошка перспектива, во рамките на длабокиот и универзален дијалог, што ја отвора неговата литература кон универзалните антрополошки вредности и константи.

Според мнението на хрватскиот критичар, Марко Погачар, Ѓузел ѝ припаѓа на тн. „растемелена генерација“, родена во времето на „суровото чергарење“, сеприсутниот „Angst“ (епохален трепет, страв, немир) и „хтонскиот фатализам“. Епохата, во која твори Ѓузел, според својот општ духовно-историски профил, е треперлива, несигурна, кризна, сеизмички активна; ама, таква е (можеби, и уште повеќе) и на локален, регионален и роднокраен план. Дури и „средината“ на 20 век најмалку се покажа како таква (или, најмалку го оправда своето име) – донесувајќи радикални – историски (воени), политички, идеолошки, духовни – резови, во речиси сите подрачја на животот.

Со оглед на тоа, во првата (не само хронолошка, ами и типолошка) фаза од неговото творештво, преовладува номадскиот принцип, креативното и, не помалку, спасоносно талкање низ коридорите, патиштата, пустините на различните култури, географски, како и духовни простори и низ различните времиња (исконските, митолошки прапочетоци на постоењето, како и бесмртните проблесоци на големите антички цивилизации). Тоа е првичната, космополитска фаза на длабење низ палимпсестот, слоевитоста на македонската и европската духовна традиција, кога поезијата е медитативна и затоа „мнемотехничка уметност“, но исто толку и номадска сојузничка, пустинска љубовница, ерективен непокор пред застоеноста/зачмаеноста/седентарноста.
Тука ќе сретнеме впечатливи, живописни и оксиморонски скроени, поетски искази, од типот: „со песната се селам, со гладта се задомувам /на циглата од мојот сон“ (Пат до Легена града), или „ каменот што мадро седи/не ќе пушти корен“. Поетот ги моли наречниците „наречете ме пат за да ве славам“ , тој го воспева своето „пешачко семе“, како своја единствена животна и творечка константа. Привлечен од моќта на Ориентот, како суштествен, парадигматичен, номадски предизвик, „ме скокотка Азија/морниците коњаници по снагава“, Ѓузел повикува „елате хуни, татари и монголи/скинете ја влечугата обвиена/околу телово континент“. Тоа е гласот на поетската ек-статичност : да не се биде окован во и со себе, во и со земјата (земјината тежа на коренот, теророт на локалното или на овоземното), да се оттргнеш од покорноста, малодушноста, резигнацијата, да от-патуваш! Кон тоа, природно, се надополнуваат елементи од богатиот асоцијативен спектар на одисејскиот интертекст „ Дом нека ми биде – кај што ќе бидам/местата што патем ќе ми се случат/и онаа Итака во која и така/ќе ме закопаат“ (Во потврда на Кавафи) .

Домот, (не)вдоменоста, здомувањето претставуваат неодминливи, при тоа, мошне провокативно срочени мотиви или пунктови, кои во поезијата на Ѓузел се повторуваат секојпат во различни, неочекувани, потресни контексти: лично-исповедни, универзално – цивилизациски, локално –епохални, па се’ до автопоетички и, затоа, првенствено фигуративни. Насловот на една од неговите песни се покажувува воедно како авто-поетичко мото на самиот автор и како негова интимна, егзистенцијална шифра: „ отуѓен дома, задомен во туѓина“.

Поезијата е „учење од азбуката на твојот песок“, учење (изучување) на пустината, како егзистенцијален простор, како метафора на празнината и напуштеноста, како лексикон на опстанокот. Пустината како неминовност на аскетизмот, личното само-одрекување од прелагите, од привидите, расоблекување на „баластот од непотребни облеки“, допир со есенцијалното. Една од највпечатливите песни на Ѓузел е токму поемата „Пустинска жена“, посветена на неговата животна сопатничка Лилјана Дирјан, и самата врвна поетеса, со препознатлив и вреден творечки ракопис.

Еросот или мотивот на љубовта секако е еден од круцијалните за проникнувањето во севкупното творештво на Ѓузел – а неговата книга, под наслов „Она“, всушност, претставува голема љубовна поема (и како таква е единствена од тој вид во македонската литература). Во обликувањето на љубовта, Ѓузел ја надраснува личната интима на љубовниот пар, оти во љубовта како парадигма истовремено се прекршуваат повеќе – алхемиски, космолошки, дури и метајазични – аспекти на нејзиното восприемање. „Без Јас и Ти светот би бил мртов“ – пишува поетот, со тоа јасно покажувајќи го својата онтологизација на љубовта - љубовта е самиот свет по себе, негова аксиом, негова претпоставка и неопходен предуслов - а не само изделен/вграден феномен во истиот тој свет. Несомнено, Ѓузел во своите епсни негува своевиден еротски пантеизам. Отаде, лирското Ти е мултиформен либидинозен флуид, во кого еднаш ги насетуваме сликата на вечната Жена- Анима; втор пат ги разоткриваме женските атрибути на природата и мајка Земја; трет пат фигуративно се опишува апсолутот на песната, самата поезија. Еротскиот копнеж при тоа се смета за иманентно творечки, симултано естетски (ако се потсетиме, и во манифестот„Епското на гласање“, поезијата се смета за постојана екстаза). Покрај тоа, во мотивот на љубовта се преплетуваат и одеци од интертекстот на алхемијата: кога се воспоставува приматот на огнот како елемент, со примордијално конститутивни моќи „прочисти ги пламену нашите животи/еден оган постои за да биде голтнат од друг“. Или, уште поексплицитно: „да се светува значи да се согорува“.

Не е мал бројот на песните во кои Ѓузел ги презентира своите авто-поетички рефлексии и преокупаци – тематизирајќи го самиот настанок или раѓањето на песната; дилемите околу тоа каков и кој би требал да биде нејзиниот оптимален израз/реторика/стил; конечно, кои/какви треба да бидат нејзините исходишни точки и појдовни пунктови. Некојпат, во самите наслови на поетските збирки експлицитно може да се прочитаат самите програмски елементите или слоганите на темелно дефинираната поетова „програма“ : „Стварноста е се’“; „Опстанок“; „Гол живот“; „Мрак и млеко“. Гледано од оваа перспектива, се чини, дека составните делови на неговата авто-поетика постапно како да ги испишувала токму неговата лична етика, не помалку самата негова и тоа како трнлива, но достоинствена (лична и семејна) егзистенција.

„Мојот совет е рибарете по стварноста/што може да се откачи од јадица/што сега гувее во водена самица“, вели тој, во една од таквите програмски песни, кои откриваат дека Ѓузел најмалку припаѓа на групата поети – ескаписти, особено, ако се потсетиме и на неговата програмска, по малку парадоксална молитва, директно упатена до стварноста како кон (анти)божество: „о, стварност моја, не напуштај ме...мој посран дел од Балканот, моја љубов...доме пригушуван и ослушкуван“.

Од друга страна, во реторичко-стилските премрежија и потраги, Ѓузел исто така одбира жесток, непомирлив израз: „тежок сум на зборовите пердувести/глаголот треба да е вечно напнат пенис/што ќе удира, но и ќе гали...именката да е сексуална двоцевка“. Сексуализацијата на глаголот и именката не е случајкно направена или одбрана, таа треба да потенцира, да подвлече, да озакони – дека поезијата не е млака работа за лигави раце и души, напротив, таа е нешто диво, нескротено, опасно, ризично – како во стиховите „лавицата на песната/одбива да седне на столицата/и скока врз мене“ – а, дури и самиот молив, средството за запишување на песната треба да е „тежок како револвер“.

Во пресудна мера, песната е сојузнички штит во борбата за опстанок, која е жилава, беспоштедна, непрестајна, крвожедна – кога прашањето, според Ѓузел не е и не смее да биде само тоа, како да се преживее, туку и тоа, „како да се надживее/ со сите денови зад себе... една естетика на отпор од очај“.

Прометејството, еретичноста, бунтот, непокорот – се неизоставни поетски теми, ставови, позиции, кога станува збор за поет како Богомил Ѓузел – чијашто поетика, уште на почетоците, ќе биде именувана како поетика на спротивстваувањето, од страна на неговиот генерациски сопатник, поетот и критичар Влада Урошевиќ. За него, не само како за автор, но и за неговиот личен, животен став, е неприкосновено и витално значењето на пркосот, непокорноста, резистентноста, „исконското Не“, оти „секој е врзан како Прометеј за карпата – постоење“. Човештвото како целина со векови го носи врз себе мрачниот товар на прародителскиот грев „ макар родени по грешка/гревот изговорен останува наш вистински татко“.

Мотивот на пра-родителскиот грев е индикативен и трајно проникнат во поезијата на Ѓузел, каде се врзува за повеќе различни контексти, од кои библискиот е секако појдовниот и најуниверзалниот, но не и единствен. Во македонската поезија, тој ќе остане запаметен по сосема уникатниот пример, и во неговата семејна историја автентично да се преплетуваат (а тој како поет и во делата да ги тематизира) најтрагичните елементи од овој исконски мотив.

„Цел живот згрчен

во кујнското ќоше крај огништето

во домот претрупан со предмети, во сокакот од маалото

од малата татковина, без ничија освен татковата вина

и мајчината што таму те родила“ (од песната „Човек во себе згрчен“)


За прв пат во македонската литература употребената хомонимија меѓу зборовите „татковина“ и „татко – вина“, на особен и незаборавен начин, ја посведочуваат потресната сила и проникливоста на Ѓузеловиот талент, на Ѓузеловиот редок дух. Оваа хомонимија на прегнантен начин трајно ја впишува и во самата песна ја монументализира, најпрвин личната трагика на поетот, чијшто татко Димитар Ѓузелов, инаку, првиот македонски доктор по филозофија, кој бил сурово погубен (и оставен без гроб) после Втората светска војна. Покрај оваа несомнена, исповедно-анегдотска семантика, песната, од друга страна, го содржи и крикот на еден припадник на „мала татковина“, крик којшто одекнува и во стиховите на великиот Блаже Конески, кој ја опеа болката, маката поради своето „смачкано племе“.

Комплексот на наследната вина, проклетството на потеклото или потеклото како проклетство самото по себе, но и потрагата по своите корени, по Домот (со големо д) – остануваат суштински показатели за поетскиот светоглед на Ѓузел. Поезијата за него не е идилична дејност, која се изведува, удобно завален „во скутовите“ на куќата, татко-Вината, историјата. Напротив, поезијата е мачна духовна преобразба, себе-соголување до голото (рентгенско) дно, до она што биолозите со огромен респект денес го нарекуваат ДНК (базичен генетески запис) – кога драмата само на Еден човек, воедно станува драма на Сето човештво (како што отсекогаш и било).

„Мојата прва гимназиски незавршена проза/почнуваше со насловот „Како да се убие својот татко“ - ќе додаде Ѓузел, овојпат, активирајќи го, покрај семејниот, воедно и митско-архетипскиот мотив на таткоубиството, поточно Едиповиот злостор како ултимативна задача на творецот. Или, подобро, како индивидуална бунтовничка катарза, пред сеништето на секогаш-веќе мртвиот оти секогаш-веќе Виновен Татко.

Исклучително значаен за самосвојниот „епски“ модел на пеење (експлицитно посочен со манифестот „Епското на гласање“), како и за самиот виновничко-престапнички предтекст на однапред проколнатото човештво е мотивот на универзалното Зло, некојпат олицетворено во фигурата на волкот, со кое (зло) поетот води трајна, жолчна, секогаш на штрек и за мегдан подготвена полемика: „зарем ќе дозволиме тој да ни се раскомоти во домот/со гладот во утробата и омразот во градите/а ние да припкаме по назабените плочници/од неговата ебана волко-јабана?“

Реторички „пис“ на јазикот, и овојпат Ѓузел ја подвлекува сопствената будност и нерамнодушност кон епохалното Зло, кое душка околу нас, неговите современици, употребувајќи при тоа еден луциден инвентивен збор, кованката „волко- јабана“ – за да го именува духот на нашето време како јабанџиско, туѓинско, попрво волчјо, одошто човечко според својот лик и облик.

И така, сè до (за сега) последната книга „Песочник“, Ѓузел опстојува на нему својствената, до срж сурова, против-лирска, горчливо машка љубопитност и, без остаток, ги отвора и одново ги раскопува големите егзистенцијални рани, без кои поезијата не би имала право на Збор. Во неговата исказна интонација, доминира ’ржењето, тој звучен со-брат на непомирливоста, гордото и стоичко поднесуваљње на судбината и нејзините цинични заплети. За автор како Ѓузел, стиховите не смеат да бидат ништо помалку од разорен, отворен мегдан со бесмислата, со неистината, со безимотноста, со нељубовта, со искушенијата од овоземен (историски), но и од оноземен (мета-историски) карактер. Постоењето, живеењето, дури и самото творештво, лирскиот субјект ги споредува со „каменување“, кое подеднакво вклучува изложеност на суровите удари на судбината, како и вградување на Каменот и преземање на камено-битијноста во себе како принцип на нескршливост, стаменост, отпорност. Затоа, еднаш кога бил соочен со „отсуството на нејзиното тело врз постелата“, тој за самотијата не говори како за проклетство, ами како за царство, до кое горделиво се држи „вон грчот и грижата за љубов“. Во песната „Оглас за стан“, лирскиот субјект се обраќа кон морето и неговиот суверен домовен принцип, каде „живеалиштето макар и од кал/секој си го носи со себе и самиот си е свој сопствен имот, проточен капитал“.

Во песните на Ѓузел генерално гледано е воочлив еден фундаметален парадокс на припадноста и отпадништвото: многу често, самото име (идентитет) е доживотна стигма „сопственички жиг“ на делегираната вина (на претците), клаустрофобично доживување на малиот простор (собата, куќата, татковината), априорно прогонство, чувство на неизлечлива отуѓеност во сопствениот дом, јазик, свет.

Да се биде „свој сопствен имот, проточен капитал“ и да се прогласиш себеси за „камен отфрлен од градителите и сирак на вдовицата – првобитна материја“ – тоа го може само еден, по природа, нескротлив дух и ахасферски поет/скитник низ вековите и културите, од своето мало историско-поетско ќоше директно загледан во космичките „соопштенија“.

Богомил Ѓузел е автор, чиишто стихови остануваат длабоко загледани во отровниот коктел на минатото, сегашноста и иднината, будејќи до некаде темно, но темелно задоволство кај читателите; но и автор, чијашто моќна и слоевита поезија, проникната со раскошна ерудиција, на убедливи автентичен начин, ја инаугурираше поетиката на пост-модернизмот и интертексуалноста, во рамките на македонската книжевна сцена.


Фотографии: Brendon Burton

Извор на текстот: Предавање одржано на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид, 2011.