Се затвора дуќанот на светот

23.04.2021 18:13
Се затвора дуќанот на светот

 

МОРЕ ВО УШИТЕ

 

Ушите ми се полни море

како да ги исчистам?

Земи школка и нож

пробај да ја отвориш

ќе успееш - но само

ако ја убиеш

Така и ти - ќе го искорнеш

морето од ушите

само ако од ушната школка

слухот ти истече

Чуј си ја тогаш шуплината

полна бучаво море.

 

 

ОСТРОВ НА КОПНО

“…the Republic of Macedonia is a landlocked country…”

 

Кој вели дека сме немале море?

Го немаме сега да ни шлапка пред прагот

но еднаш сме го имале во дворот

па секнало, остатокот ни го зеле

сосе бродовите и нас, бродоломниците...

Кај сме можеле без море!

Изгонети длабоко во копното, останавме (дур не остинеме)

со него во дослух (со папочна врска?) и преку 300 планини...

Што ако сега (како и некогаш) се вика(ло): бело, црно, сино,

тоа си е везден исто и различно: на утро, пладне, вечер...

Важно сè уште е тука, иако заклучено во пештери и потони –

приливот ни татони во сонот, одливот нè заринка во стварноста

сушата му е солта, синевината - шир без хоризонт и дно...

Ние сме, всушност, остров заостанат од Потопот на копно,

глечер меѓу карпи што копни од копнежи

по првобитниот Океан, со траги прекубројни во нас,

од неговото дишење во пулсот од нашите жили,

најодзади - и зошто не? - солената ни крв...

Казна од гревот источник што сме се напиле братска крв –

затоа до ден-денешен морето не се ни пие.

 

ЕРЕТИК БОГОМИЛ

 

Откако Бог ги растури ѕвездите ко зарови

небото сè така страда од ужасна симетрија

што создава корабоскрушени и светци

без да ги спаси трнливиот венец на заборавот.

Пеколниот казан врие, испарува и повраќа гад

и од манџата срка и бојар и поп и питач

но никој нема толкава лајца

да го изгребе од дното загорениот Спас.

Ние, браќа, го дупнавме дното

и со преџваканиот оган фрливме нова коцка

врз небесниот календар. Ѕвезденото ништо

ни ги вее платната од сите страни

како ветрецот што ја тера мувлата

од нашите прости откриени гробови.

Од нашето ништо ќе се роди ново соѕвездие

како во вашата вера што се роди црвот.

 

 

КАРАЃУЗЕЛ

 

1.

Тишина!

Да ги накитиме коњите

за тивкиот мегдан на убавината

Мегдан ли?

Јас сум мегдан.

2.

На врвот од копјето

креснува ѕвезда

Срце крадечко

Друго срце нема

не постои

О војно на ѕвездите

што ги крадам.

3.

’Ржењето ги урива темелите

небото се дави

Коњу однеси ме од овде

дур е време.

 

БДЕЕЊЕ

 

Завршува уште еден ден.

Макар што никој не ме тера

да се вратам дома

небото се затвора ко утроба

што се отворила предвреме

а решетките на хоризонтот слушам

како се слушаат со чкрипот.

Се затвора дуќанот на светот.

Вечерта ме магнетисува со умор

и алкохол. Корка лебец и пепел.

Денот го продолжувам со бессоница.

Одеднаш огништето се запалува

или некое полноќно сонце

и јас се гледам како чекорам

по одредената врвица

од пустината на мојата дланка.

 

 

ТВОИТЕ ПЕТ МИНУТИ

 

Постојат пет минути во некој час

што не можеш да ги издржиш, а мораш –

би излегол надвор, би врескал, би се смеел

но не смееш поради другите или поради себе

место тоа седиш в училница грицкајќи нокти

чекаш на ред, маршираш во строј спиејќи

се возиш во автобус како во вселенска кабина

палиш уште една цигара на некој состанок

а тој се одолжува зад таа цигара и другата

и петте минути стануваат цел час

часот ден, денот месец, година итн.

дур не ти се убие желбата да врескаш и плачеш

а кога конечно ти успева да излезеш незабележано

во тебе сепак сите одеднаш се вртат

како да си излегол од нивните животи

а не само од својот.

Слики: Alex Roulette

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото