1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 10:59
Бугарските пчелари се закануваат со поставување шатори пред тамошното Министерство за земјоделство и храна, бесни заради недостатокот од мерки кои (не) ги презема земјата за да се запре поморот на пчелите. Протестот следеше откако пчеларите пресметаа дека на некои места дури и до 80 проценти од пчелите не успеале да ја преживеат зимата, откако почетокот на 2020 година се чинеше ветувачки за успехот на пчелите на кои им одговараше карантинот и намалениот сообраќај на патиштата. Спротивно на очекувањата, во периодот од мај до јули е забележан масовен помор на пчелите кој се припишува на употребата на пестицидот тиаметоксам, кој е нелегален во ЕУ.
Ова е трет масовен помор на пчелите во Бугарија во последниве три години, а за првиот во првостепената пресуда беше обвинета најголемата бугарска земјоделска компанија Октопус со приходи од 150 милиони евра годишно, за со вториот да биде поништена првата пресуда, а поморот на пчелите се прошири од еден регион на друг, а во моментов третиот помор ги зафати сите региони. Оваа компанија добива дури 11 милиони евра субвенции европски средства и сè уште користи забранети пестициди и покрај дополнителните забрани. Тоа е докажано со анализи на изумрените пчели во приватни лаборатории, бидејќи државата не ги заштити пчеларите. Меѓутоа, заради високата цена на таквите анализи, бројот на приватни тужби на пчеларите против Октопус беше низок.
Имено, Бугарија во последниве 5 години од земја со минимален број изумрени пчели се претвори во земја во која итно е потребно нешто да се преземе, бидејќи годинава зимскиот помор на пчелите изнесуваше во просек од 50 до 70 проценти, во зависност од регионот. За нештата да бидат полоши, вистинските размери на поморот се кријат зашто пчеларите за плашат од губење на субвенциите ако ги откријат вистинските бројки. Прегледот на состојбата на теренот годинава им беше дополнително ограничен на научниците заради забраната за патување, така што зависеа од „науката на граѓаните“ односно од можностите на населението да излезе на терен и тие да бидат нивните очи на теренот.
Да потсетиме дека пчелите се прогласени за „најважни битија на Земјата“, зашто од нивното опрашување зависат 70 проценти од храната што ја јадеме. Без пчелите, од 100 најважни намирници што ги јадеме, ќе исчезнат 70. Притоа треба да се земе предвид дека бројот пчели на планетата веќе е значително намален и дека се работи за загрозен вид. Но, освен 70 проценти од нашите намирници, без пчелите радикално би се намалил и биодиверзитетот, односно екосистемот би колабирал, бидејќи се работи за систем на поврзани садови. Ако не беа пестицидите, епидемиолошките мерки ќе го заштитеа животот на пчелите. Имено, помалото ниво на издувни гасови на патиштата на пчелите им го олеснува наоѓањето храна (во близина на кошниците) зашто загадувањето на воздухот го ограничува досегот на мирисни пупки, и нивната трајност, разбивајќи ги молекулите на мирисот кој го емитуваат растенијата, што на пчелите им го отежнува наоѓањето храна. Затоа често мораат да летаат подалеку во потрага по храна, а кога се враќаат издувните гасови и пестицидите дополнително ги зашеметуваат, па понекогаш не ни успеваат да се вратат во кошницата. Падот на учеството на озонот (60 делови во милијарда) во атмосферата е доволен за да предизвика хемиски промени кои ги збунуваат пчелите и предизвикуваат глад и зашеметеност. Преживувањето на пчелите зависи од бројни фактори - како што се загадувањето, состојбата на матиците, произведувањето нови матици, но најмногу пестицидите.
На пример, вкупните проценти на загуби на пчелите во зимскиот период од крајот на 2018 и почетокот на 2019 година, измерени во 31 земја (во Европа) беа најголеми во Словенија изнесувајќи 32 проценти, додека најниската стапка беше во Бугарија со вкупно 5,8 проценти изумрени пчели. Една година претходно, Словенија исто така се наоѓаше на првото место, а зад неа следеа Србија (25,4 проценти), па Шпанија, Хрватска, Иран, Грција и Португалија. Но една година претходно Србија имаше една од најниските стапки на помор на пчелите. Генерално, земјите од западна Европа имаа помала стапка на помор од земјите од источна Европа, што последнава година најмногу им одговара на трендовите на најзагадените градови. Ситоста на народот во источна Европа зависи од успехот на посевите кои зависат од пчелите, кои, пак, зависат од чистиот воздух, кој го нема заради термоелектраните и инерцијата на земјите да донесат еколошки закони, кои ги нема не само заради ограничувањата на капиталот и современата технологија, туку како што видовме од примерот со Октопус и заради корупцијата и негрижата на властите во однос на екологијата, зашто задирањето во штетните деловни практики е ставање рака во осило. ЕУ предупредува токму за ваквите практики кога вели дека источна Европа ќе биде најпогодена од климатските промени, зашто не станува збор само за ударите на природата, туку и инерцијата на политиката да ги митигира проблемите.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.bilten.org/