Сида, еурека и флизелин

26.04.2021 12:34
Сида, еурека и флизелин

Нашата Ѓулче Астор ги вика моите сеќавања приказни од временска дистанца. Е па еве уште една таква. Се надевам и вас ќе ве потсети на нашето детство, на мајките, тетките и бабите. Календарски сега е пролет, ама тука многу студи, битолчани би рекле, „куче да врзиш не седи“. А и секако си седиме дома, ковид ситуација.

Правото име веројатно ѝ беше Персида, мајка ми и пријателките ја викаа Сида, чумата од болест која ја викаме и AIDS, уште не постоеше. Сида беше шнајдерка, мајсторка по кроење. Не се сеќавам дали имаше деца, мажот ѝ се беше обесил во момент на алкохолно лудило. А 60-ите, па и 70-ите, немаше толку конфекција, па овие социјалистички другарки кои беа вистински дами мораа да ги шијат своите облеки.

Сида ќе дојдеше кај нас, ќе седеше две до три недели, ќе се распостелеше на нашата трпезариска маса, ќе кроеше костими, палта, кошули, а за мајка ми секогаш авангарда - панталони и јакни, бермуди и шорцеви, во зависност од сезоната. Обично доаѓаше два до три пати годишно, им земаше мерка и на пријателките на мајка ми и кроеше за пет-шест жени.

Откако ќе си заминеше, мајка ми и другарките почнуваа да прекројуваат и прешиваат. „Што ја викате кога не ви погодува?“

„Па од што да живее кутрата, нема пензија“, велеше мајка ми. „Тука дур седи, овде јаде, а си оди дома со пари, сама е, уште нешто ако поправи, полна капа. Зимава пак ќе дојде.“

Така, со Сида, ги научив кројачките изрази: карфици и парамани, паспули и подоѓиро, канаваца, плисе и рипс свила, твид и жакар, фирц и рибина коска. Како ли ќе живеев без овој богат шнајдерски вокабулар? Немаше да можам да се вклопам во друштво.

Еднаш, сите три, сосе тетка ми, бараа нешто низ веќе скроените штофови и здиплените ткаенини, кога мајка ми извика „еурека!“ вадејќи некаква кесичка од купот. Сида почна слатко да се смее велејќи: „де бе Веро, не се вика така, флизелин се вика“.

Ете, толку за Сида, за еурека и за флизелин.

Колаж: Han Cao
 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото