Вчера се виде дека веќе утре може да „биде“ 27 април

26.04.2021 13:42
Вчера се виде дека веќе утре може да „биде“ 27 април

Главната порака што беше испратена написмено – ама затоа беше демонстрирана јавно, и со слика и со тон – од вчерашниот протест пред Владата и пред Собранието е дека уште утре (не само календарски) може да ни се повтори 27 април, најкрвавиот и најсрамниот ден во историјата на македонската демократија. Злосторникот се врати на местото на злосторството, сосема слободно, демократски. Демонстрантите ги почитуваа протоколите за организирање настани и собири на јавно место и, според нивните способности, ги симнаа маските, ги покажаа скриените намери и држеа дистанца, огромна дистанца, од здравиот разум, од елементарната логика и од смислата за правда и општиот интерес.

Како ништо да не се сменило од кобниот „крвав четврток“ пред четири години. Оваа држава, овој партиско-политички, пазарџиски амбиент остана исполнет со насилство, со омраза, со закани, со уцени… Со се, само не со разбирање, со демократија, со каква било визија за заедништво и за развој на земјата.

Единствениот напредок од 2017 до сега е забележан во проценката што е тоа тероризам. Тогаш таа квалификација важеше за „тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор од најмалку десет години“ (според член 313 од Кривичниот законик). Сега за терорист се прогласува тој што ќе влезе во Собранието со скафандер, болен од ковид и донесен со Брза помош, со намера да гласа за пакетот-мерки со кој работниците и фирмите ќе добијат пари за да преживета во пандемијата, создавајќи чувство на несигурност и страв кај пратениците, ќе добие кривична пријава и, следствено, соодветна казна, најдобро затворска (според членови на опозициските партии, посебно на ВМРО-ДПМНЕ).

Ако сè уште има такви кои веруваат дека македонските организации од Европа, канада и Австралија се вистинските организатори на протестот, тогаш заслужуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно да им го организира системот, општеството и, се разбира, личниот живот.

Ако сè уште има такви кои навистина веруваат дека тие што се организираа и што влегоа насилно во Собранието за да тепаат пратеници (патем и да убијат некого како Села) може да се наречат уставобранители (не се знае според кој член на Уставот е дозволено такво нешто), тогаш му нема спас никому, не само на Уставот.

Ако сè уште има такви кои веруваат дека вчерашните демонстранти навистина се залагаат Македонија да биде демократска, што значи држава во која се почитува Уставот и законите, тогаш е повеќе од сигурно дека таа засекогаш ќе остане тоталитарна, заробена, диктаторска.

Ако сè уште има такви кои веруваат дека демонстрантите се борат за нешто друго или за некој друг, освен за враќање на власт – со сите расположливи средства – на речиси истата гарнитура која десет години ја газеше државата и сè што не беше за нив и со нив, тогаш заслужуваат да им повтори историјата, не како фарса, туку како уште поголема трагедија.

Ако сè уште има такви кои мислат дека времето на Никола Груевски, најголемото зло што ѝ се случило на Македонија од 1945 година до сега, организаторот на крвавиот четврток од Виена и поддржувачот на протестната недела од Будимпешта, не само што не е минато свршено, туку дека допрва доаѓа, тогаш навистина сме стадо кое не заслужува ништо друго освен Пастир.

Ако сè уште има такви кои мислат дека оние кои вчера демонстрираа се вистинските патриоти и претставници на македонскиот народ, како што се прикажуваат, тогаш не знаат дека нивниот патриотизам е последното прибежиште на националистите и дека тие секогаш го претставуваат само „нивниот“ народ.

Ако сево ова помине „незабележано“, тогаш само прашање на ден е кога ќе ни се случи 27 април.

Монтажи: Свирачиња - Кожата во која живеам
Извор за текстот: Слободен печат