
На денешен ден во Рим почнувале Флоралиите (лат. Floralia) - игри во чест на Флора (од лат. flos ‘цвеќе’), божицата на цвеќињата, вегетацијата и плодноста. Флора е многу древно италско божество, едно од најстарите во римската религија.
На Флоралиите се прикажувале театарски претстави - комедии и мимови, се одржувале ритуални трки со зајаци и кози и гладијаторски претстави во кои жени, како од мајка родени, танцувале и се бореле. Шест дена, колку што траеле Флоралиите, насекаде низ Рим летале зрна грашок и грав, кои се сметале за симбол на плодноста. Светониј пишува дека во 30 година, кога идниот император Галба бил претор, за време на Флоралиите била приредена дотогаш невидена претстава - слонови што одат по жица.
Слика: Флора, фреска од Помпеи, Археолошки музеј на Наполи
Извор: ΑΡΓΩ