1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
Со повеќе од 50 милиони Американци барем делумно имунизирани против коронавирусот и со милиони луѓе кои примаат вакцини секој ден низ целиот свет, многу важно станува прашањето: кога можам да ја фрлам маската?
Тоа е многу подлабоко прашање отколку што се чини на прв поглед, затоа што тоа е одговорот на прашањето за враќање во нормала, за тоа кога вакцинираните луѓе ќе можат да ги прегрнат своите најблиски, да се дружат со пријателите, да одат на концерти и ресторани без да стравуваат дека ќе се заразат со коронавирус.
Многумина високи претставници на власта во државите се подготвени за тоа сценарио, но пандемијата уште не е завршена и научниците препорачуваат претпазливост.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (CDC) неодамна издде нови упатства според кои луѓето кои се целосно вакцинирани можат меѓусебно да се дружат во затворен простор, без маски или физичка дистанца. Агенцијата соопштила дека и оние што се вакцинирани можат да одат на гости кај невакцинирани луѓе во едно домаќинство, доколку никој од невакцинираните нема ризик од тешки заболувања.
Но кога вакцинираните луѓе ќе смеат да ги тргнат маските во јавност најмногу ќе зависи од брзината со која ќе паѓа стапката на заразеност и од тоа колкав процент од населението ќе остане невакцинирано.
Зошто? Научниците сè уште не знаат дали вакцинираните луѓе можат да го пренесуваат вирусот на оние кои не примиле вакцина. Иако сите вакцини против Ковид-19 се спектакуларно добри во заштитата на луѓето од сериозни тегоби и смрт, сè уште нема посеопфатно истражување за тоа колку ефикасно тие го сопираат вирусот да не се вгнезди во носот на имунизираната личност и натамошното потенцијално ширење на заразата.
Не е невообичаено вакцината да ги спречи потешките заболувања, но и не и самата инфекција. Инокулациите против грипот, ротавирусот, детската парализа и голема кашлица, исто така се несовршени на овој начин.
И сега варијантите на коронавирусот кои успеваат да го измамат имунитетот ја менуваат оваа пресметка. Некои вакцини се помалку ефикасни во превенцијата на инфекција со одредени варијанти и би можеле да дозволат ширење на вирусот.
Досега достапното истражување за тоа колку вакцините го спречуваат пренесувањето е прелиминарно, но охрабрувачко.
„Уверени сме дека постои редукција. Не ја знаеме точната магнитуда, но таа не е сто отсто“, вели Натали Дин, биостатистичарка од Универзитетот во Флорида.
Сепак, дури и 80 отсто пад на трансмисијата би можел да биде доволен за имунизираните лица да ги фрлат маските, велат експертите - особено кога поголемиот дел од популацијата е вакцинирана и кога ќе падне стапката на случаи на хоспитализација и на смртни случаи.
Но мнозинството луѓе и понатаму се невакцинирани, а на светско ниво за еден ден умираат повеќе од 8.700 луѓе. Токму затоа што не се знае со сигурност за начинот на пренесување на вирусот, дури и луѓето што се вакцинирани, носејќи маски мора да продолжат да ги штитат другите, објаснуваат експертите.
„Тие треба да носат маски сè додека не докажеме дека вакцините го спречуваат пренесувањето на вирусот“, вели др. Ентони Фаучи, директор на Националниот американски институт за залергии и заразни болести.
На 8 март, американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (CDC) ги соопшти резултатите на истражувањето според кое луѓето што се целосно вакцинирани „потенцијално помалку го пренесуваат вирусот кој предизвикува Ковид-19 кај другите луѓе“.
Како што стојат работите во моментот, единствено експертите ќе одлучуваат што е дозволено, а што не е во однос на бројот на случаи во одредена заедница.
Колку е поголем бројот на случаи, толку е поизвесно дека вирусот ќе се шири и дека вакцините ќе мора да бидат поефикасни за да се сопре ширењето.
„Ако бројот на случаи е нула, не е важно дали вакцините штитат 70 или 100 отсто“, вели др. Зои Мекларен, експертка за јавно здравје од Универзитетот Мериленд во Балтимор. Прописите за маските ќе зависат и од процентот на невакцинирани луѓе во една популација.
„Многу луѓе мислат дека маските се првото нешто од кое ќе се ослободиме“, вели Зои Мекларен. Всушност, вели таа, маските ни даваат уште поголема слобода, овозможувајќи ни да патуваме или да одиме на шопинг дури и ако има невакцинирани луѓе околу нас.
Маските се облик на граѓанска одговорност. „Не е важно дали носите маска за да се заштитите од сериозни случаи на ковид, или затоа што се грижите за јавното здравје. Важно е да мислите и за заедницата, а не само за себе“, велат научниците.
Извор: New York Times