Варварите во Делос

28.04.2021 10:06

На Кавафи

Го зазедовме градот по долга опсада,

го запаливме сосе старците-скелети

– и пак ништо. Вистина,

паднаа покривите и од ѕидовите малтерот

но каменот остана камен.

Цела седмица, на пример, само ги уривавме

(речиси голораки) столбовите од главниот храм,

толку цврсто ба заглавени еден во друг

небаре природно никнати грамади

(можеби исто толку време и ним им требало

за да ги вглават со своите машини).

И тогаш си реков: Што ако сме храбри на меч

кога не знаеме ваков да делкаме камен –

не можеш да го изместиш

од човечки засеченото лежиште!

Барем да оставеа одред војска, да ја истепаме.

Вака – бесот не ни стивна

а неразрушливиот камен нè разјари уште повеќе.

Им ги опоганивме бунарите, каналите и цистерните

па отпловивме ко ала по друг грабеж.

Паметам, ни плочките со кои беше насликан

нивниот Аполон како јава на два зауздени делфина

не можевме сосема да го ископаме.

Оттогаш остана претчувството: и ако не го обноват

ваквиот полуразурнат камен град

ќе трае повеќе од еден осилав народ.

Делос, 20 септември 1971

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото