Кејнзијанизам па неолиберализам... Дали влегуваме во нов период?

28.04.2021 11:17
Кејнзијанизам па неолиберализам... Дали влегуваме во нов период?

Во рамки на дискусијата за автоматизацијата и технолошкиот напредок кои би требало одреден број работни места да ги направат излишни и да им ги „делегираат“ нашите колективни работни и мисловни капацитети на машините, алгоритмите и вештачката интелигенција, често се заборава дека тоа може да се направи и без технолошката димензија. Доволна е онаа идеолошката, подмачкана со случувањата во политичко-економската сфера. Така, последниве четириесетина години, ние кои му припаѓаме или барем тежнееме кон таканаречениот западен свет, одлучивме да си го олесниме животот. За секој проблем од општествена или економска природа веќе не наоѓаме решение ние, туку пазарот. Или кажано со разни фрази: најдобро е да му се препушти на пазарот; тоа е однос на понудата и побарувачката; пазарот ќе исправи и ќе регулира сè. Она што притоа се забораваше и овозможуваше учинок сличен на оној на автоматизацијата е дека пазарот е сочинет од луѓе. Тие секако се подложни на одредени законитости, но ни тие не се паднати од небо туку се обликувани од човечката пракса.

Меѓутоа, „автоматизацијата“ која се заснова на доверливоста на општествените метафори како онаа за саморегулирачкиот пазар, не е неповратен процес. Кога тогаш повторно мора да ги впрегнеме нашите интелектуални и имагинативни капацитети, да ги разбудиме старите социјални конфликти и да ги активираме политичките инструменти кои речиси ги заборавивме. Судејќи според сè, тоа време дојде и поттикна нови дискусии: дали влегуваме во нова политичко-економска фаза или станува збор само за пандемиска аномалија? Ако станува збор за нова фаза, тогаш дали таа бара промени во историската периодизација или станува збор само за нова варијанта на досегашниот период? Ако бара промени, тогаш како да ја наречеме и како да ја интерпретираме? Можеби се работи за предвремени „судбински“ прашања кои произлегуваат од вообичаената интелектуална љубопитност или заситеност од постоечките концепти, поими и карактеризации, но помалку ќе ги изгубиме ако ги ставиме во распоредот отколку историската динамика да нè фати неподготвени. Барем во интелектуална смисла, политички е мошне извесно дека ќе бидеме неподготвени.

Преку приказната за пазарот на почетокот веќе ја сугериравме вообичаениата периодизација на економската историја на таканаречените развиени земји после Втората светска војна. До крајот на седумдесеттите траеше периодот кој се нарекува кејнзијански, социјалдемократски или доба на државата на благосостојбата. Крајно поедноставено, овој период го обележуваше значајна улога на државата во економијата, било преку макроекономски инструменти или преку сопственички удели, планирање, класен компромис и високо ниво на работнички права и социјална заштита преку институциите на државата на благосостојба. После турбулентните кризи трендот доживеа пресврт и пазарот стана одговор на сите прашања, што подразбираше отстапување на економската улога на државата и елиминација на класниот компромис. Новиот период главно се нарекува неолиберален. Значи, денес сме соочени со прашањето: дали сме сведоци на крајот на овој период и ако е така, што нè чека ново?

Прашањето не е арбитрарно и се заснова на неколку воочливи промени во политичко-економското управување. Ако не нужно промена, тогаш секако детабуизирање на одредени инструменти на управувањето. Како што забележа италијанскиот социолог Паоло Гербаудо, последниве неколку години доведени се во прашање четирите клучни принципи на неолиберализмот. Монетарната политика уште од кризата во 2008 година ги напушти поставките на школата на монетаризмот и прибегна кон одреден вид „печатење пари“ преку квантитативно попуштање. Пандемијата ги суспендираше и стравовите на фискалниот конзервативизам: долговите никогаш не биле поголеми, а правилата како оние мастрихтшките стандардно се заобиколуваат. Слободната глобална трговија сè почесто им отстапува место на разни протекционистички идеи, без разлика уште колку каскаат со реализација. Најпосле, ниските даноци веќе не се стандардна опција. Сè повеќе земји го сметаат за неизбежно оданочувањето на капиталот и приходите.

Дополнителен поттик за размислувања во таа насока даваат потезите и идеите на новата американска администрација. После обемниот стимулативен пакет, од Вашингтон пристигнува нова идеја и тоа од глобална природа. Нејзина централна застапничка е новата министерка за финансии Џенет Јелен, до неодамна гувернерка на ФЕД, американската централна банка. Таа предлага воведување минимални даночни стапки на корпоративната добивка на глобално ниво. Според нејзините зборови, на тој начин би запрела глобалната трка кон дното која се заснова на привлекувањето инвестиции со пониски даноци. Со воведување на стапката од предвидените минимални 12 проценти никој не би имал значајна „предност“ која впрочем често резултира со крајно неповолни учиноци како што се запуштена инфраструктура и понизок животен стандард. Исто така, на тој начин би се елиминирале и даночните оази и значајно би се поправиле приходните страни на буџетите. Сè уште не е сосема јасно како би изгледала имплементацијата на оваа идеја и дали таа е воопшто можна на глобално ниво, но самата циркулација на идејата е многу значајна.

Без оглед на проценетото значење на овие промени, ако ги сметаме за специфична фаза на неолибералниот период или посилен пресврт, клучно е прашањето за мотивацијата: зошто баш сега? Пандемиските предизвици очигледно послужија како своевидна инспирација. Со оглед на недостатокот на притисок од работничкото движење и левицата, „враќањето на државата“ не можеме да му го припишеме на компромисното однесување, но мошне е веројатно дека електоралната нестабилност која се прелева и на економијата послужи како одреден вид предупредување. Секако, не е исклучено ни дека кинескиот модел, барем во одредени аспекти, не понуди идеи кои се чинат поотпорни и поефикасни. И покрај сè што споменавме, се чини дека одредена фракција на капиталот во тандем со управувачката елита „спозна“ дека пресвртот кон покоординирани и „поколективни“ политики носи конкурентска предност. Или со зборовите на Џенет Јелен, оданочувањето не е игра на нулта сума со компаниите на една, а државата на другата страна. Тоа може да им донесе предности на двете страни.

Новите ветришта сигурно не значат враќање во педесеттите години од минатиот век: ниту профитните стапки се толку високи, ниту постои социјалистички блок, ниту постои силно работничко движење. Но, сигурно ќе донесат одредени промени, ако не и одреден хибриден модел. А тие промени веројатно најпосле ќе нè научат дека ниските даноци, елиминацијата на државата и незаштитените работници не се „природен“ рефлекс на капиталот и управувачите туку повеќе стратешки договор во одредени историски периоди, диктирани од интересите на разни фракции, глобалната конкуренција и нивото на класна борба.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Biran Stauffer

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото