Песната за единство што ги подели преведувачите

29.04.2021 12:15
 Песната за единството што ги подели преведувачите


Хадија Харуна-Елкер, црна новинарка, тукушто го уреди германскиот превод на песната
The Hill We Climb од Аманда Горман за „слабичкото црно девојче“, песна која за многумина претставува врв на инаугурацијата на претседателот Џозеф Бајден.

Песната ја преведе и Кибра Гумушај, германска книжевница со турско потекло.

Како и Уда Стретлинг, преведувачка, која е бела.

Книжевниот превод главно е осаменички потфат, но германскиот издавач на овие песни ангажирал тим на писателки кои треба да се погрижат песната – долга само 170 зборови – да не биде само верен приказ на гласот на Аманда Горман. Три книжевници добиле задача многу јасно да го пренесат политичкото и општественото значење на оваа поема, но и да избегнат јазик кој би можел да ги занемари луѓето со сите бои на кожа, луѓето со попреченост, жените и другите маргинализирани групи.

Речиси две недели тие книжевници полемизирале за изборот на зборови, повремено пишувајќи ѝ мејлови и на госпоѓицата Горман која би им ги разјаснила недоумиците. Но додека работеле на својата задача, на други места во Европа започнувала расправа за тоа кој има право да преведува поезија на еден поет или поетеса – меѓународна дебата за идентитетот, јазикот и диверзитетот во гордиот, иако често запоставен, сегмент на книжевниот свет.

Започна во февруари кога холандската издавачка куќа Meulenhoff соопшти дека преводот на песната на Аманда Горман на холандски го доделиле на Марикe Лукас Рејнефелд чиј дебитантски роман минатата година беше овенчан со меѓународната Букерова награда за книжевност.

Рејнефелд се идентификува и како маж и како жена и Meulenhoff оцениле во своето соопштение дека е „идеален кандидат“. Сепак, многу кoрисници на социјалните мрежи не се сложиле со таквата оценка. Се насобирале прашања зошто бел книжевник е избран за превод кога читањето на Аманда Горан на инаугурацијата беше значаен културен момент за црната заедница.

Три дена подоцна, Марике Лукас Рејнефелд се повлече.

Набрзо потоа, каталонскиот издавач на песната се откажа од Виктор Обиола, бел преведувач, кој изјави дека таа издавачка куќа му соопштила дека „неговиот профил не е прикладен за проектот“.

Марике Лукас Рејнефелд

Оваа дебата разоткри затворен свет на книжевни преводи во кои нема расен диверзитет.

„Не можам да се сетам на ниедна преведувачка контроверза која на ваков начин, како олуја, го растресе светот“, вели Ерон Робертсон, црн преведувач од италијански на англиски. Неодамна во дебатата се вклучи и Американското здружение на книжевни преведувачи.

„Прашањето дали треба индентитетот да има клучна улога во донесувањето одлука кому му е дозволено кого да го преведува е лажно претставување на вистинските причини за кои тука станува збор“, наведе здружението во соопшението објавено на нивниот сајт.

Вистинскиот проблем кој лежи зад оваа контроверза е „недостатокот на црни преведувачи“, се додава во соопштението.

Минатата година ова здружение спроведе анкета за диверзитетот. Сѐ на сѐ, два проценти од испитаниците од 362 преведувачи одговориле дека се црни, наведе портпаролката на ова здружение.

Главната задача на еден преведувач е да ги пренесе сите нијанси на јазикот, а повеќето преведувачи сега побрзаа да полемизираат за тоа како верно да се преведе дело за луѓе кои се сосем различни од нив.

„Ниеден добар преведувач не одрекува дека во текстот внесува и свое искуство“, смета Робертсон.

Во видео интервјуто, членките на германскиот преведувачки тим истакнаа дека полемизирале за такви нешта со цел нивниот превод да биде верен на духот на Аманда Горман.

Тие минале многу време размислувајќи како да го преведат зборот skinny (слаба), а да не содржи негативна конотација за жени со помалку килограми, објаснува Кибра Гумушај. Исто така дискутирале околу тоа како родовата инклузивност на песната да ја пренесат на германски јазик во која повеќето зборови – како и сите луѓе – се во женски или машки род.

„Непрекидно се вртите околу политика и композиција“, вели Уда Стерлинг.

Секоја членка на тимот донесе поинакви нешта во групата, вели Хадија Харун-Елкер. Повеќе од боја на кожата, додава: „Се работи за квалитети, за вештини кои ги имате, и за перспектива.“

Но додека германските книжевници успешно преговараат околу текстот, остатокот од Европа е фрустриран од прашањето кој воопшто треба да се бави со оваа работа.

Нурија Бариос која е задолжена за шпанското издание е бела и таа за магазинот El Pais напиша дека повлекувањето на Марике Лукас Рејнефелд од проектот е „катастрофа“: „Тоа е победа на политиките на идентитетот над креативната слобода“.

Додала и дека не сака свет во кој „само белци ги предводат белците, само жени ги предводат жените и само транс-лица ги предводат транс-лицата“.

Сведувањето на дискусијата на такви рамки е „навистина лудо“, смета Џенис Деул, црна новинарка од Холандија и активистка која на 25 февруари напиша колумна за холандскиот весник De Volkskrant во кој изборот на Марике Лукас Рејнефелд за превод го нарекува „несфатливо“.

„Овде не се работи за тоа кој смее да преведува, туку за тоа кој добива можност“, истакнува Џенис Деул.


Но Џон Меквортер, лингвист и професор по англиски јазик на Универзитетот Колумбија во Њујорк, во мејлот наведува дека „постои имплцитна идеја дека треба особено да н
ѐ загрижува „прикладноста“ на идентитетот на преведувачот/преведувачката кога се работи за бојата на кожата“.

Други разлики помеѓу писателот/ката и преведувачот/ката – како класниот статус или политичките ставови – никогаш не поттикнувале вакви дебати, додава Меквортер кој исто така е црн. „Наместо тоа, нашето поимање на диверзитетот е многу потесно од она што самиот збор го имплицира: се работи исклучиво за боја на кожа.“

Мислењето кое во сето ова недостига е впрочем она на Аманда Горман. Нејзината портпаролка не се одзива на прашањата на медиумите.

Не е разјаснето дали Аманда Горман учестувала во изборот на преведувач/ка, но таа – или нејзиниот агент кој ги застапува авторските права на превод – очигледно има овластување да го направи тоа.

Ејлин Ламори–Салцман, уредница на германското издание за издавачката куќа Hoffman und Campe, наведува дека сопствениците на авторските права морале да се согласат на изборот а дека избраните преведувачи морале да бидат од профил сличен на Аманда Горман.

Наспроти тоа, катонскиот издавач кој се откажа од Обиолс, наведе во соопштението дека преведувачот е избран „без знаење или одобрување од страна на агентот или поетесата“.

Ирене Христополу, уредница во грчката издавачка куќа Psichogios која ќе биде задолжена за грчкото издание на песната, сѐ уште чека одобрување за својот избор на преведувач. Избрана е бела „поетеса во подем“, навела Ирене Христополу во мејлот. „Поради расниот профил на грчкото население, нема преведувач/ка од друга боја на кожата кој/а би можеле да го/ја ангажираме“, додава.

Хадија Харуна-Елкре вели дека е разочарувачки тоа што дебатата во Европа по сврте вниманието од самата порака на песната на Аманда Горман.

Превод: Ф. К.

Извор: New York Times International