Внуките на Чаплин прават документарец за неговото ромско потекло

29.04.2021 15:28
Внуките на Чаплин прават документарец за неговото ромско потекло

 
  Во документарниот филм „Чарли Чаплин. Човек на светот, сестрите Кармен и Долорес Чаплин истражуваат за ромското потекло на нивниот дедо. Дел од првите видеа за филмот неодамна ги претставија на Филмскиот фестивал
BCN во Барселона.

Ова е прв пат семејството на Чаплин да придонесе до овој степен во филм за Чарли Чаплин, и како актери и како продуценти. Тие велат дека документареџот „радикално ја реинтерпретира работата на Чаплин од ромска перспектива, и низ таа призма, го истражува прогонот на Ромите.“

Документарецот се фокусира на ромските корени на филмската легенда Чарли Чаплин, околностите во кои се родил и неговото детство, и како неговиот ромски идентитет влијаел врз неговата уметност. Филмот нуди и нова, уникатна перспектива на животот и филмовите на Чаплин и ја слави ромската култура.

Во својата автобиографија, самиот Чаплин не го криел фактот дека и мајка му и татко му биле полу-Роми. Немал извод на раѓање, но веројатно бил родел на 16 април 1889 во Лондон, Англија.

По неговата смрт во 1977, било пронајдено едно писмо на неговата ноќна масичка, адресирано до него од испраќач со ромски идентитет. Во него била опишана ноќта кога Чаплин наводно бил роден во ромски караван во Сметвик во централно-западна Англија.

Писмото било откриено од ќерката на Чаплин, Викторија. Брат ѝ Мајкл изјавил: „Татко ми примил илјадници писма од целиот свет. Зошто би чувал некое ако не му значело.“

„Тој беше многу свесен за своите ромски корени и им раскажуваше на татко ми и на останатите свои деца за тоа. Беше горд, но светот тоа го игнорираше“, изјави внуката на Чаплин на филмскиот фестивал Сан Себастијан во 2019, каде сестрите објавија дека го прават документарецот.


Двете сестри признаваат дека идејата да се направи документарецот произлегла од „неговата страст да ги пронајде своите ромски корени“, што го пренел на нивниот татко, Мајкл Чаплин. Иако Мајкл го напуштил домот на 16 години, сиот живот задржал силни чувства за својот татко.

„Дедо ми бил роден во Викторијанското време, додека татко ми израснал сред атмосферата на шеесеттите. И покрај нивното различно образование и двајцата беа заинтересирани да ги пронајдат своите ромски корени. Тоа беше заразно“, се присеќава Долорес Чаплин, објаснувајќи дека „документарецот ги истражува ромските корени на семејството Чаплин преку сведоштвото на Мајкл, и тоа е она што ја создава обединувачката наративна линија на филмот“.

Останатите браќа и сестри на Мајкл Чаплин исто така зборуват во филмот. Во него ќе бидат приакжани досега необјавени фотографии од семејната архива како и одредени реинтерпретации на делото на Чаплин.

Внуката Кармен, која е режисерка и со-авторка на сценариото, верува дека ромските корени на дедо ѝ, заедно со други фактори, го објаснуваат чувстото на идентитет на Чарли Чаплин и создавањето на неговиот најпознат лик – скитникот, како и неговиот отпор кон Хитлер: „Ако на некој Ром му речеш дека Чарли Чаплин бил Ром, ќе ти одговори: па, очигледно. Тие тоа го препознаваат во неговата смисла за хумор, во начинот на кој раскажува приказна, во трагикомедијата на неговите филмови и музиката.“

Кармен, на фестивалот во Барселона, исто така изјавила дека дедо ѝ „е еден од генијалците на кинематографијата; тој бил таму која сѐ започнувало и го збогатил филмот со бројни пристапи кон режирањето и драматургијата, со експресивни и технички ресурси - како специјалните ефекти, на пример“. Додава и дека „неговиот начин на раскажување приказни претставува огромен придонес за филмот“. Според сестра ѝ Долорес, Чарли Чаплин инспирирал многу уметници и неговите филмови никогаш не стареат бидејќи остануваат прилично модерни и безвременски, што го докажуваат реакциите на публиката што се смее и плаче и денес додека ги гледа „Модерни времиња“ или „Клинецот“. 

Одличен пример за неговата безвременост, според Долорес, е дека „завршниот говор во Големиот диктатор е една од најбараните сцени што документаристичките филмаџии ги вклучуваат во сопствените филмови.“ Кармен Чаплин додава: “Неговите филмови се нешто што ги обединува луѓето во време кога сепаратизмот и национализмот преовладуваат во светот. Тие се неми, но зборуваат преку емоции и хумор, што е универзално.“

Превод: Ф. К.

Извор:
Romea