Конзервирани импресии (3)

30.04.2021 10:44
Конзервирани импресии (3)

 

57.
И така, понекогаш, душата удира крвнички по телото. Сака да се прошири.

 

59.
Ние двајцата вечерва наоѓаме посебно задоволство во тоа што намерно седиме на сосема спротивни страни од овој бучен, зачаден стан, полн со луѓе и ниту се погледнуваме, ниту покажуваме знаци на меѓусебно распознавање иако пред само неколку часа бевме во ист кревет. Одвреме навреме, со лесно принесување чаши кон усните и одвај видлива насмевка ја потврдуваме тајната.

 

60.
Со надмоќна скромност и цинична насмевка, спокојно чекам да видам што ќе речеш по повод сите овие длабокоумни мисли што лежерно ти ги нафрлив, а кои ти ги ислуша со голем интерес и подзината уста. Тишина. Пауза. Велиш дека ти се пие боза.

 

62.
До пред малку го држев в раце бебето на моите пријатели, сега горди родители. Им го вратив здраво и живо, ништо не му се случи додека беше кај мене. Тие и не помислуваа дека нешто може да му се случи. Еве, ако повторно го побарам, ќе ми го дадат без збор.

75.
Да можам некако да ја заборавам оваа сурова и непобитна вистина, но така некако што да се сеќавам дека сум ја заборавил, па во тоа да наоѓам оддишка.

 

76.
Нема помрачно задоволство од она кога некој искрено се израдувал што сме му подариле нешто кое одамна не ни било потребно, па за малку ќе сме го фрлеле.

 

83.
Постојано се документираме себеси. Пополнуваме споменари, пишуваме дневници, собираме фотографии. Како да ќе полагаме некоја конечна сметка пред бога.

 

91.
Бевме гневни на еден друг човек, па гневот го истуривме врз еден што случајно ни се најде во близина. Малку ни олесна, но сега овој случајниов не разбира што ни стана. Работата е така фино комплицирана.

 

99.
Најмногу сакам да мијам филџани од кафе. Од една страна прават многу бербат, па се чини дека вршам којзнае каква работа, а од друга страна се мијат без остаток, не се мрсни. Да може така со гревовите.

 

101.
Околу мене предавства и убиства, палежи, колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства. Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.





 

Извор: Горан Стефановски, Конзервирани импресии (Темплум, трето издание, 2020)
Корици на книгата, варијанти: графичко студио КОМА

 

ОкоБоли главаВицФото