За децата, уметноста и вистината

30.04.2021 11:28
За децата, уметноста и вистината

Како никогаш до сега човекот има шанса кристално јасно да ги воочи разликите меѓу лагата и вистината, убавото и грдото, злото и доброто. Сè ни е на дланка, сè ни е на располагање, сè ни е ставено под лупа. Нo наместо да се просветлиме, животите ги најмивме за улоги во колективниот виртуелен филм на неколку интернет продуценти. За малку ќе помислевме дека науката предничи кога е во прашање вистината, но откако постмодернизмот ни соопшти дека е сè релативно, дека нема апсолутни вистини и дека секој може да ја толкува реалноста како што сака, и да се претставува како сака, науката замина во пензија. Во ова виртуелно „Бардовци”, уметноста сè уште ѝ пркоси на лагата, иако постмодернизмот и неа полека ја меле, реконструира, деконструира, соџвакува. Но, за нашите деца виртуелното лудило стана нормално секојдневие. Тоа е нивниот нов топол дом.

Вистината никој не сака да ја види, да ја живее, да ја носи на грб. Вистината за себе, за сопствените незнаења, немоќ, несреќа, мизерност, кршливост запечатена како врело жезло од семејствата од каде излегуваме. Вистината дека сме несовршени и дека наместо да создаваме одговорни генерации, ние му ги препуштаме на интернетот. Вистината дека немаме светилник и дека сме потонати во мрак. Интернетот е најсилниот имунитет на лагата. Тоа е новото семејство на децата. Тука се раѓа лажно окуражениот млад интелектуалец, кој незнаењето го заменува со борба за (социјална) правда, квази-феминизам, пароли и „мимови”, кои сами по себе се пострашни и од самата вистината што ја коментираат. „Фаст фуд” правдата на интернет стана виртуелен чадор за најкревките кои идентитетот го менуваат како чорапи. Еден „мим на инфлуенсер”, влијае повеќе од книгата - основи по биологија, а родителското – „остај го детето”, носи непоправлива штета на иднината на младиот човек и неговото опкружување.

Да не се разбереме погрешно – интернетот е наша иднина! Но тој е и платформа на лажна демократизација. Таму денес секој може да оспори нечиј живот, дело, труд, жртва, наука, со децении создавани факти, за неколку минути! И може да возвиши лага, глупост и зло до небото - за секунда. Во виртуелниот простор секојдневно умира по една вистина. Реобмислување и реконструирање на светот, науката и општеството, онакво какво ни е потребно за да опстанеме, нема да дојде преку интернет. Повеќе сум од сигурна дека животите ќе ни се сведат на распаднати ќошиња од мали соби, во кои мириса на мемла од минатиот век, во кои ќе светат само екрани од телефоните и компјутерите. Ќе живееме во два света. Како од филмовите. Виртуелен и мемлосан. Свет на борба за кликови и свет во кој ќе се тепаме за капка вода. Свет на илјадници идентитети, а на една дехидрирана уста. Свет во кој нема смрт, и свет во кој итаме во гроб. Свет во кој за лагата ќе се наплатува дебело, и свет во кој ако не си лажел во првиот, ќе умреш од жед!

Уметноста ни ја приближува вистината. Доживувањето и препознавањето на уметноста оди преку емоционалното и интелектуалното доживување – како доказ дека сме човечки битија. Не знам што точно луѓето подразбираат под уметност. Не сум теоретичар на уметност за да носам дефиниции за нешто што од една страна подразбира неограничена слобода на креативен израз, а од друга искуство, знаење и дарба. Постмодернизмот веднаш ќе ја оспори оваа моја мисла, зашто уметноста како што вели Тарковски - е стремеж кон вистината. А постмодерниот тренд вели дека нема таква?! Но тежнеењето на уметникот останува да опстои како порив да се допре вистината. Уметничкиот живот е проколнат, зашто создавањето уметност бара жртви и откажувања. Удобноста и уметноста не одат заедно. Уметникот времето го замрзнува во форма на вечност, ослободена од материјалното и земното. Има ли поголема и пострашна вистина од оваа!

Образованието може да отвори врата на вистината кај децата преку допир со уметноста. Мислам на ликовна, музичка, драмска уметност. Уметноста отвора интерес кон науката, човекот и природата. Креативноста го ослободува умот, пред да биде заробен од шеми, програми и агенди на интернет борци, папагалски ископирани од странски програми и уште попагалски пренесени од даскали, и родители што плачат за петки. Опкружени сме од подучени и приучени бирократи, наместо со луѓе посветени на вистината. Децата се уметници пред да тргнат на училиште. Училиштето од нив прави послушници, а родителите миленици. Од овој двоен ужас тие бегаат во трет – интернетот. Сосем е логично да бараат и менуваат идентитети во виртулениот простор. Само таму тие стануваат тоа што сакаат, зашто во стварноста се заморчиња на образовен и општествен систем во распаѓање. Виртуелната слобода е бескрајна. Да, лажна е, но е слобода на дофат на прстите. Никако не мислам дека децата треба да живеат без интернет, туку дека треба да бидат добро подготвени пред да влезат во него. Децата треба убаво да се чувствуваат прво дома, кога ќе се разбудат наутро, кога ќе излезат на улица, кога се дружат со родителите, и со другарите во училиште, пред да почнат да креираат профили на интернет.

Не знам како би можеле да ги воочуваме разликите меѓу лагата и вистината, освен ако не тежнееме кон невозможното и без секојдневно да придонесуваме овде, во реалниот свет, со реални дела и постапки, долгорочно, видливо и опипливо. Да бидеме со децата постојано и да им даваме можност да ја истражуваат сопствената замисла, желба, приказна, да откријат дека се важен дел од универзумот и негови креатори, да го поттикнуваме нивниот талент и одговорноста и да им дадеме крилја. Да се врзат за природата, реалниот свет, вистината, пред да почнат да бараат одговори во виртуелното. Уметноста е една од алатките за тој процес, но нашето општество за жал, нема капацитет за таква мисија. Доколку допирот со реалниот свет отсуствува како контратежа на интернетот, децата ќе продолжат да бегаат во виртуелниот лавиринит. Мојот оптимизам како учител, тука престанува. Останува да ме следи уште оптимизмот на мајката во мене, зашто првото сознание за вистината кај децата е во очите, срцето и умот на родителот. Сознание дека - без градење одговорност, свесност, совесност и чесност нема иднина. Сознание дека вистината е единствениот светилник на човекот.

Карикатури: Marian Kamensky