Паничен грип А (121 КР)

30.04.2021 11:24
Паничен грип А (121 КР)

Сите заболени од долго најавуваниот, а сепак некако ненадејно распламтениот грип отпрво беа примани на Клиниката за инфективни болести, но по неколку дена, нивниот број ги прерасна просторните можности на Клиниката. Другите одделенија од Болницата набргу попуштија пред притисокот на заразените од грипот, така што болните кои престојуваа таму поради други причини се растурија и исчезнаа во општата грвалица. Пандемијата се ширеше и натаму и, како резултат на неверојатно брзиот подем на бројот на оние што беа опфатени од заразата, оградата на Болницата беше прегазена и целиот главен град стана една голема Клиника за инфективни болести. Имаше обиди за бегства, но авионските летови беа навреме укинати, а граничните премини затворени. Некои помали гратчиња во внатрешноста, во кои грипот речиси и не се појави, отпрво даваа отпор, но тоа не траеше долго: во нивните здравствени установи пристигнаа колони на заболени од главниот град, ги затрупаа постелите, помошните простории кај што дотогаш се чуваше преслеката, ходниците. Речиси прекуноќ и таму ја снема границата помеѓу болничките чекални и градските улици – сите одеа во истуткани и изветвени пижами без копчиња, со коса залепена на челото во пот, држејќи термометар во устата и пронесувајќи го блескавиот жар на трескавичната состојба во очите.

Но што стана со оние кои, сепак, останаа здрави?

Тие беа затворени во еден логор кој беше чуван од војската и околу кој беа преземени мерки на строга изолација. Беше сфатено, на крајот, дека тие се најопасни. Без нив грипот ќе беше сосема нормална состојба.

(Седмата страна на коцката, 2010 г.)

Сликa: Paulus Furst of Nuremberg, Doctor Schnabel von Rom, 1656

 

ОкоБоли главаВицФото