Молк на радиото „Канал 103“ - протест и барање да му се врати фреквенцијата

01.05.2021 09:42
Молк на радиото „Канал 103“ како протест да му се врати фреквенцијата

Независното музичко радио „Канал 103“, кое денеска (1 мај) одбележува 30 години постоење, својот роденден ќе го помине во молк. Стотројкашите велат дека одлучиле да го исклучат радио-стримингот во времетраење од 24 часа во знак на протест, барајќи „Канал 103“ веднаш да се врати на ФМ скалата.

Во продолжение, ја пренесуваме интегрално реакцијата од редакцијата на „Канал 103“:

ЈА ПРЕКИНУВАМЕ ПРОГРАМАТА, СЛЕДУВА ВАЖНО СООПШТЕНИЕ…

На 1 мај, пред точно 30 години, започна да зрачи Канал 103 – музичко радио создадено во рамките на јавниот медиумски сервис, но со поинаков звук, поинаков вкус и поинаква визија за светот околу нас. Со својот неконвенционален, храбар и бескомпромисен пристап, радиото набргу стекна специфична медиумска позиција, огромна популарност и култно следбеништво главно кај младата прогресивна популација во земјава, како и сосема заслужен статус на „искра светлина во мрачните лавиринти на МРТ“. Секако, ова ќе беше невозможно без фанатичната посветеност на екипата и комплетно независна уредувачка политика. Во услови на бесконечна транзиција, брутална корупција, комплетно деградирање на сите општествени вредности и ужасна партизација на медиумите, Канал 103 остана недопрена оаза на независноста, интегритетот и непоткупливоста, како и вистински дом на македонската алтернативна музика и сцена воопшто. И сето ова е резултат на чистата љубов, искреност и ентузијазам на луѓето што ја креираат програмата еве веќе три децении, БЕЗ НИКАКОВ ФИНАНСИСКИ НАДОМЕСТ. Феномен без преседан на овие простори.

Пребродувајќи ги успешно сите искушенија, сопки, навреди, понижувања, обиди за исклучувања, политички влијанија, но и внатрешни превирања, Стотројка е сè уште тука затоа што е неверојатно пргава, жилава и затоа што има мисија. Благородна, културна, едукативна, цивилизациска, општествена задача која не само што не е завршена, туку, се чини, никогаш не била понеопходна. Покрај промоцијата на добриот вкус, радиото ја препозна европската идеја уште одамна, далеку пред тоа да стане излитена флоскула. Во моментов, има свои „музички дописници“ од Лондон, Порто, Палермо, Остин (Тексас), Софија и Брисел, а вмрежено е и во две меѓународни радио платформи.

Од друга страна, Канал 103, за жал, е и културно наследство во опасност, нерегистрирано, непрепознаено и заборавено од страна на институциите. Пред околу две години радиото беше исклучено од ФМ етерот како нелегално, продолжувајќи да функционира исклучиво онлајн. И покрај сите ветувања од надлежните (МРТ и Владата) дека проблемот набргу ќе биде решен, враќањето на 103-та фреквенција никако да се случи, да дојде на дневен ред.

Затоа, на денот што го означува 30-годишното постоење на Канал 103, се одлучивме гласно да замолчиме. Ќе го исклучиме радио-стримингот и ќе емитуваме молк во времетраење од 24 часа во знак на протест против глупоста, културната неписменост, глувоста и игноранцијата на оние што се повикани и одговорни да ги одржуваат и негуваат докажаните културни и медиумски вредности во државата. Завршете си ја својата домашна работа, Канал 103 мора да се врати на ФМ скалата, веднаш!

Редакција на музичкото радио - Канал 103

 

Слични содржини

Општество / Култура / Настан
Активизам / Култура / Око

ОкоБоли главаВицФото