Фиока

01.05.2021 10:33
Фиока

Во секоја нормална куќа има барем една интересна фиока за буричкање. Полна со предмети кои можеби никогаш никому нема да затребаат, ама не се баш за фрлање во ѓубре. Никогаш не се знае.

Денес е мојот ден на искреност и сé ќе ви признаам. Сите мои фиоки се сега такви, исти, преполни. Мајка ми велеше дека болеста ми створила проблем со фиоки. Изразот е црковен ама јас неа ја викав „моето лично спасително домостројство“. Никој како неа не знае да среди шифоњери и фиоки. Спастрено и строено под конец. Попис на инвентар само во една фиока, а сите се слични.

Почнувам: дрвена штипка за алишта, истрошени упаљачи (а дома нема плин), поткршени пластични пенкала, потрошени пенкала кои се можда позлатени, сат без батерија, даљински управљач од одамна фрлен телевизор или видео марка Панасоник, недопиени антибиотици со важечки рок на траење (за недајбоже), стари мобилни телефони во случај да рикне новиот, платени сметки, читач на лични карти, друг читач за банковни картици, фотографии за пасош, неплатени сметки кои чекаат прва, втора или дури трета опомена (сé во зависност од висината на сметката), голема сребрена шнола со потпис Alexander платена ѓавол и пол која чека да биде исчистена и подарена некому со долга бујна коса како мојата пред сто години (јас тоа веќе Не); измешани стари и нови батерии оти е изгубен тестерот, а можда е тука негде, тефтерче во кое се допишувале Пепе и Ивана, агенда со докторски прегледи со измешани датуми, лакови за нокти кои никогаш нема да ми видат нокти, четка за коса на склапање погодна за патување и која никогаш не ја наоѓам кога треба да патувам, скршен прстен кој треба да однесе на лепење, два пара исти наочари од кои на едните им фали стакло а на другите рачка, па чекаат да им дојде редот да бидат споени, метално ланче со преубав медаљон за кој досега немало прилика, коцкици за јамб, туба Волтарен, две направи за виткање цигари, тутун за луле (уште да си го најдам лулето) рецепт за некаков колач запишан од ТВ со ракописот на мајка ми, нараквица со лажни бисери, кожна нараквица на која ѝ фали клик затварач, лекови, лекови...

Има уште, ама веќе ве уморив. И јас се уморив. Голема фиокава. И другите фиоки се скоро исти, па нема да ги попишувам. Сите освен една. Таа е наизглед празна. Сосема на дното има само една, не многу голема кутија. Ја отворам понекогаш, најчесто на празници. Од неа црпам енергија, здравје, воздух. Ја мирисам кутијата па го наоѓам вкусот на животот. Оној што беше. Мотив да се движам без штака. Најчесто не ја ни отворам кутијата, само фиоката, оти содржината ја знам напамет. Копчиња за манжети на кошула и една кравата од татко ми, ракавици од мајка ми, еден каиш на Јане кој го носевме Весна па јас, една марама на Весна подарок од Мими Талеска, привезок за клучеви на Пепе. Толку. Како за Василица. Со убава вест, паричката ѝ се падна на Ивана, а мене ми падна да ги средам фиоките во Среќната Нова 2020.


На сликите се прикажани скулптури на францускиот уметник ARMAN

 

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Јавни простори / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото