Богатиот Запад ја пропушти приликата да ги подели дозите

03.05.2021 02:45
Богатиот Запад ја пропушти приликата да ги подели дозите

Кон крајот на минатиот месец беше пријавен еден патент за изум стар пет години, потфат на молекуларни инженери кој лежи во срцето на најмалку пет најважни вакцини против ковид-19. А контрола над овој патент ќе има владата на САД.

Тој овозможува - а некои ќе додадат: последна голема шанса - да се притиснат фармацевтските компании кои произведуваат вакцини и да се натераат да го олеснат пристапот на помалку богатите земји.

Но прашање е дали американската влада ќе преземе нешто.

Брзиот развој на вакцините против ковид-19, кои стигнаа во рекорден рок, најмногу благодарение на јавното финансирање во САД, Европската унија и Британија, е симбол на големиот триумф над пандемијата. Владите се здружија со произведувачите на лекови, издвоија милијарди долари за материјал и ресурси, ги финансираа клиничките тестирања и ги опремија фабриките. За да се пазари готовиот производ се издвоија дополнителни милијарди.

Но овој успех на Западот има и друга страна на паричката, онаа што зборува за нееднаквоста. Жителите на побогатите и средно богатите земји засега добија околу 90 проценти од речиси 400 милиони досега испорачани вакцини. Според сегашните проекции, многу од помалку богатите и помалку среќните со години ќе мораат да ги чекаат дозите.

Сè поголемиот број здравствени службеници и невладини организации ширум светот апелираат западните влади да ја искористат својата агресивна моќ - онаа што ја користеа ретко или никогаш - да ги натераат компаниите да ги објават рецептите за вакцините, да го споделат своето знаење и да го зајакнат производството. Стручњаците за јавно здравје молат за помош, а администрацијата на Бајден официјално беше замолена да го искористи патентот кој би можел да донесе поширок пристап до вакцините.

Досега, владите одолеваат. Со тоа што се здружија со фармацевтските компании, западните лидери го купија својот билет за првиот ред. Но тие во исто време ги игнорираа годините предупредувања и експлицитните повици на Светската здравствена организација во договорите да се вметнат одредби со кои би се гарантирале дози за сиромашните земји и би се охрабриле компаниите да ги споделуваат своите знаења и патенти.

„Тоа изгледаше како трката за тоалетна хартија“, вели Грег Гонсалвец, епидемиолог од Универзитетот Јеил. „Сите сакаа да дојдат до последната ролна“. Ете, така се туркаат земјите за дози.“

Мошне веројатното сценарио според кое милијарди луѓе со години ќе мораат да чекаат на вакцинација, претставува здравствена закана и за најбогатите земји. Еве пример: во Британија, каде веќе се поделени голем број вакцини, здравствените службеници се соочуваат со варијанта на вирусот која пристигна од Јужна Африка, каде нема многу вакцини. Таа варијанта би можела да го намали ефектот на вакцините, што значи дека можат да заболат дури и вакцинираните лица.

Западните претставници велат дека никогаш немало план да се исклучат другите. Но бидејќи во нивните земји бројот на смртните случаи е огромен, се фокусираа на себеси. Велат дека споделувањето на патентите едноставно никогаш не било предмет на разговори.

„Ова беше америцентрично, а не антиглобално“, вели Монсеф Слауи, до неодамна главен научен советник во операцијата „Ворп Спид“, програма на администрацијата на Трамп од која се финансираше потрагата по вакцини во САД. „Сите се сложивме дека кога Америка ќе се снабди со вакцини, тие ќе одат и во другите земји“.

Претседателот на Америка, Џозеф Бајден и Урсула фон дер Лајден, челничката на извршното крило на ЕУ, се колебаат да го променат курсот. Бајден вети дека ќе ѝ помогне на една индиска компанија да произведе околу милијарда дози до крајот на 2022 година, а неговата влада испрати дози во Мексико и Канада. Но јасно истакнаа дека се фокусирани на својот дом.

„Прво ќе се погрижиме да им помогнеме на Американците“, рече Бајден неодамна. „Но потоа ќе се обидеме да му помогнеме на остатокот од светот“.

Јужна Африка и Индија ѝ се обратија на Светската трговска организација, во обид да се тргнат рестрикциите од патентите поврзани со вакцините за ковид-19.

Русија и Кина во исто време ветија дека ќе ја исполнат оваа празнина. Московскиот Институт Гамалеја влезе во партнерство со производителите од земји како што се Казахстан и Јужна Кореја. Творците на кинеските вакцини имаат договори со Обединетите Арапски Емирати, Бразил и Индонезија.

Светската здравствена организација минатата година оформи технолошки пул, за да ги охрабри компаниите да го споделат своето знаење со фабриките од земјите со помали приходи.

Д-р Барни Греам

Но ниедна компанија не ѝ се придружи на оваа иницијатива.

Нивните директори неодамна во Европскиот парламент побараа побрзо да добиваат дозволи за своите вакцини, но дека барањето партнери кои имаат соодветна технологија е голем предизвик.

„Тие немаат добра опрема“, рече извршниот директор на Модерна, Стефан Бансел.

Но произведувачите од Кина до Бангладеш го тврдат спротивното: можеме да направиме вакцини, порачуваат тие, само ни недостасуваат договори за патентирање.

Речиси сите патенти се во сопственост на фармацевтските компании, и тие веројатно богато ќе заработат од вакцините. Еден клучен исклучок е оној патент од почетокот на текстот: откритие кое помогна во манипулацијата со клучниот протеин на коронавирусот, а кој го финансираше американската влада.

Ова беше постигнато уште пред неколку години во лабораторијата на Националниот институт за здравство, во која научникот Барни Греам се обиде да го најде клучот за универзална вакцина. Кога се појави новиот вирус, научниците можеа само да му го изменат генетскиот код и брзо да ги направат вакцините.

Кога во 2016 година работеше на Блискоисточниот респираторен синдром (МЕРС), тој со колегите разви начин да се заменат неколку аминокиселини во шилецот на протеинот на коронавирусот. Сфатија дека тоа парче молекуларен инженеринг би можело да се искористи за развој на ефикасни вакцини против кој било коронавирус. Владата со партнерите поднесе барање за патент.

Д-р Греам веќе соработуваше со Модерна за вакцина за еден друг вирус, кога новата епидемија во Кина ги инспирираше да се преориентираат.

„Само се насочивме кон коронавирусот и си го поставивме прашањето: 'Колку брзо можеме да го направиме ова?“, се присетува д-р Греам.

За неколку дена на Модерна ѝ ја испратија шемата за генетиката на новиот вирус, за да започне производството. До крајот на февруари минатата година, Модерна веќе имаше доволно вакцини за почеток на клиничките испитувања.

Сега е јасно дека неколку денешни вакцини - вклучувајќи ги оние на Модерна, Џонсон и Џонсон, Новавакс, КјурВак и Фајзер-Бионтек - се темелат на изумот од 2016 година. Од сите овие компании, само Бионтек ѝ плати на американската влада за дозвола за користење на оваа технологија. Патентот беше издаден на 30 март.

Здравствените стручњаци, но и експертите за правата на патентите, велат дека и другите компании ќе мора да влезат во преговори со американската влада или да се соочат со сосема извесна тужба.

Тоа значи дека администрацијата на Бајден го има главниот збор и дека може да ги принуди компаниите да ја споделат својата технологија со светот, воедно зголемувајќи го производството, вели Кристофер Мортен, професор по право на Универзитетот во Њујорк.

Националниот институт за здравје, одби да коментира, но наведоа дека не учестуваат во спорот околу кршењето на правата на патентот.

Уште минатата пролет, кога вакцината на Модерна беше во почетната фаза на клиничкото испитување, СЗО апелираше владите во договорите за лекови да вклучат клаузули со кои би се гарантирала еднаквост во распределбата. Но, наместо тоа, американската влада користеше необични договори во кои беше изоставено нејзиното право да ја преземе интелектуалната сопственост или да влијае на цената и достапноста на вакцините. Тие договори не ѝ дозволуваа на владата да ги натера компаниите да ја споделат технологијата. И британската и владите на земјите од ЕУ направија слични отстапки.

Неколку месеци претходно, САД и ЕУ го блокираа предлогот во Светската трговска организација за откажување од интелектуалните права за вакцини и лекови против ковид-19. Тој предлог се удави во сослушувањата.

„Секоја минута која ја поминуваме во преговори, умираат луѓе“, вели Мустаким де Гама, јужноафрикански дипломат кој учествува во овие разговори.

Администрацијата на Бајден понуди други отстапки: ветија дека ќе издвојат четири милијарди долари за Ковакс, глобална алијанса за вакцини. Европската унија досега даде речиси една милијарда долари. Но оваа година Ковакс ќе може да вакцинира вкупно 20 проценти од луѓето од најсиромашните земји во светот и се соочува со недостаток од две милијарди долари, дури и да го спроведе тоа.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report