Пусто незгодно

04.05.2021 11:53
Пусто незгодно

не знам да кажам дали ти е црвено лицето и дали ти горат ушите. не знам да кажам на кого личи детето. не знам колку години имаш. ај, погоди! не знам. погоди! дај, со шо да гаѓам?

Не ме бидува за купување подароци. не знам да одберам, ме фаќа трема. облека никако! што ми донесе? ништо. на гости често одам со празни раце, просто не ми текнува дека треба да однесам нешто. неважно ми е. ако некогаш однесам, значи ми текнало, така ми дошло, од убаво, не дека така требало. ако некој ми рече дека не се оди со празни раце, ме фаќа инает. ни од гостите не очекувам нешто да ми донесат, требало не требало. ако ми донесат, се радувам. лукаш еднаш ми донесе лубеница, ја м’кнел од радишани.

ни за честитање не ме бидува. добро, за родендени понекогаш знае да се погоди убавото, ама за нови години и празници ич! не се јавувам по роднини за да кажам христос воскресе и за многу години! кога честитам јавно, терам на хумор. знам, поарно е ич да не честитам, шо мајка барам да честитам, ама па зошто да пропадне шегата, зошто да оди фира кога веќе ми текнало, може некому ќе му биде смешно. кому иде!

на погреби не купувам цвеќиња и икебани на кои пишува од кого е последниот поздрав. гиш еднаш ми рече: ај, не биди лицемерен, лиле од глаа ќе ти го акнеше цвеќето. ме осети дека фолирам од незгодно. за на свадба не ми е важно да се дотерам, важно ми е да ми се погоди орото, да го бидува тапанџијата. подарок? пари во плико. чиста работа.

зошто го пишувам ова? за да си објаснам што е работава, за да направам список, за да се оправдам, за да ми биде помалку незгодно. незгодно ми е? ептен! подвижно чувство на вина. пусто незгодно повеќе од пусто турско. дали ова што го пишав горе е баш така како што сум го пишал? секако дека не е. дали сум фин? најчесто. дали е секогаш искрено? секако дека не е. дали ќе помине немирот откако го напишав ова? привремено. дали можам да пишувам уште на темава и да барам други примери? можам до утре. дали ќе прекинам тука и сега. да! три, кроз прозор, четири – сад!

Слики: DabsMyla