Тито е сè уште најпопуларен политичар на просторите на екс Jугославија, зошто е тоа така?

04.05.2021 16:03
 Тито е сè уште најпопуларен политичар на просторите на екс Jугославија, зошто е тоа така?

Поминаа повеќе од четири децении, а поголем дел од граѓаните во сите земји од поранешна Југославија сè уште мислат дека во минатата држава се живеело подобро отколку во сегашните национални ентитети.

Овој тренд во континуитет го покажуваат сите анкети и испитувања на јавното мислење, и наспроти генералната перцепција дури и луѓето во Словенија и Хрватска веруваат дека порано било подобро од сега. Овој интересен феномен наметнува две прашања, дали тогаш навистина било подобро, или сега сме толку лоши што носталгијата за минатото ни го замаглува расудувањето.

Босанскиот публицист Абдулах Сидран ќе каже: „Да била Југославија и илјада пати полоша, пак би била подбра од денешните држави”, и можеби тоа е метафоричка симплификација на незадоволството од сегашноста, но секако со тоа мислење сепак би се согласило мнозинството.

Друг интересен феномен е што Тито го сакаат и генерации кои немале никаков допир со него, ниту со Југославија, или тогаш го поминувале само детството. Веројатно е дека тие помлади генерации ја добиле перцепцијата од своите родители, баби и дедовци, но не треба да се запостави и чувството на незадоволство и немоќ од корупцијата, криминалот, безидејноста и безперспективноста и љубовта кон ликот и делото на Тито во овој случај се само одраз на пркос.

Но токму за тие помлади генерации треба да им се објасни, зошто постарите со таква носталгија се сеќаваат на СФРЈ, иако и таа држава беше во константна криза и транзиција, работите беа далеку од совршени, но очигледно за луѓето биле подобри. Кога зборуваме за економијата на СФР Југославија, тоа беше релативно либерален принцип, каде беше дозволен и облик на приватна сопственост. Тито и Југославија имаа добри односи со Исток и Запад.

Додека во другите источноевропски држави луѓето можеа само да сонуваат да пијат кока-кола или да пушат Марлборо, тоа во Југославија не беше сон. Југословените можеа слободно да патуваат, без визи во речиси целиот свет. Бившите комунистички земји околу Југославија доаѓаа во земјата да купуваат роба која кај нив беше недостапна, а интересно е дека русите доаѓаа во Унгарија да купат шверцувана роба од Југославија.

Доколку се вратиме скроз наназад, на почетоците после Втората светска војна, Југославија беше земјоделско и прединдустриско општество. Во 50, 50 и 70 – тите години од минатиот век земјата забрзано се индустријализира со помош на евтини кредити од запад, како и суровини од Блискиот исток и Африка, кои земјите ги истураа кон титова Југославија која се факторизира како мост меѓу истокот и западот. Да не заборавиме дека меѓу постоењето на два блока, НАТО и Варшавскиот пакт, Тито заедно со Насер и Нехру го создадоа “Движењето на неврзаните” кое дефакто стана трет светски блок.

Со овој потег всушност Тито го заштити остатокот на светот од советското влијание, за што беше добро награден од западот, а уште повеќе почитуван од истокот. Југословените брзо достигнаа добар животен стандард и се создаде силна средна класа, а луѓето од Чехословачка, Романија и Полска ја гледаа Југославија онака како што денеска ги гледаат САД, Канада или Австралија.

Бесплатно здравство, бесплатно школство, работа за сите, одмори за сите, самоуправување за работниците, улици без криминал, криминалци во затвор, силна држава, тоа беше Титова Југославија. Кога подобро ќе се размисли зошто луѓето копнеат по таа држава, вусшност се заклучува дека тие жалат по југословенскиот систем, жалат по предвидливоста, безбедноста и сигурноста на животот.

Жалат што денеска секој неписмен криминалец вреди повеќе отколку одличен студент, а тоа не беше случај во поранешната држава. Со оглед дека засега нема знаци дека работите ќе се сменат на подобро, или дека стандардот на луѓето драматично ќе се подобри, слободно можеме да кажеме, Тито е мртов – да живее другарот Тито.

 Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото