1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Климатските промени се мошне комплексно прашање и за нив често се зборува од најразлични аспекти: еколошки, политички, енергетски, економски... Меѓутоа, ретко ги доживуваме како здравствено прашање, но сепак бројни податоци покажуваат дека можеби би требало.
Светската здравствена организација во 2015 година климатските промени ги нарече „најголема здравствена закана во 21 век“. Додека новото истражување објавено во февруари годинава во престижното медицинско списание The Lancet Planetary Health покажа дека исполнувањето на целите поставени со Парискиот договор покрај спречувањето на климатските промени имаше и огромни здравствени бенефити, најмногу благодарение на помалото загадување на воздухот, поздравата исхрана и поголемата активност на луѓето.
Климатските промени влијаат на здравјето на луѓето на два начини. Директно, преку последиците од промените на климата и индиректно, заради разните активности кои придонесуваат за климатските промени и истовремено му нанесуваат штета на нашето здравје.
Директното влијание на климатските промени врз здравјето
Главна последица од климатските промени е порастот на температурата и почеста појава на силни топлински бранови, а нивното влијание на здравјето на луѓето е добро документирано.
Рекордниот топлински бран кој во текот на летото 2003 година го зафати западниот дел од Европа доведе до голем број смртни случаи (проценките се движат од 30 000 до 70 000 починати), додека во Белград за време на топлинскиот бран во 2007 година беше забележано зголемување на смртноста од дури 76 проценти кај постарите лица.
Покрај тоа, поплавите и силните бури кои стануваат сè почести заради климатските промени по правило ги следат и големи здравствени кризи, а одредени делови од светот страдаат од недостаток на храна заради неповолните климатски услови. Климатските промени го нарушуваат здравјето и со загадувањето на воздухот кое се создава заради почестите шумски пожари, а оваа година се посвети големо внимание и на нивното можно влијание на избивањето некои идни пандемии.
Како активностите кои придонесуваат за климатските промени негативно влијаат на здравјето?
Освен директните последици од промената на климата, активностите кои придонесуваат за создавање на климатските промени исто така имаат мошне неповолно влијание врз здравјето на луѓето. Едно неодамнешно истражување покажа дека во светот годишно умираат над 8,5 милиони луѓе од последици предизвикани од загадувањето на воздухот со ПМ 2,5 честички кои се создаваат со согорување на фосилните горива.
Нездравата исхрана во голема мера придонесува за појава на разни болести, а последниве години сè повеќе се објавуваат детални студии кои покажуваат дека, генерално, прехранбената индустрија придонесува во глобалната емисија на гасови со ефект на стаклена градина од 21 до дури 37 проценти. Во овој контекст најголемо влијание на климатските промени има производството на месо (особено говедско) и млечни производи, додека емисиите кои се создаваат со одгледувањето овошје и житарици се многукратно помали.
Затоа се очекува дека со префрлање на поздрава исхрана би се унапредило здравјето на луѓето и истовремено би се намалило влијанието на животната средина.
Покрај наведените фактори, и модерниот начин на живот, односно помалата физичка активност, исто така неповолно влијае на здравјето. Затоа мерките кои промовираат алтернативни видови транспорт како пешачењето и возењето велосипед наместо возењето автомобил, би имале значително поголеми здравствени бенефити, додека истовремено би ги намалиле емисиите на јаглерод диоксид кои се создаваат за време на возењето.
Потсетуваме, покрај производството на струја и храна, транспортот е меѓу водечките причинители за климатски промени.
Со исполнување на целите од Парискиот договор кон зачувување на здравјето и животот на луѓето
Во споменатото истражување кое неодамна беше објавено во списанието Lancet Planetary Health, научниците истражувале какво влијание на здравјето на луѓето би имал поинтензивниот труд во решавањето на прашањата на климатските промени.
Предмет на истражување во оваа амбициозна студија биле девет големи земји: Кина, САД, Бразил, Германија, Велика Британија, Нигерија, Индија, Индонезија и Јужна Африка. Овие држави заедно емитуваат 70 проценти од глобалната емисија на јаглерод диоксид, а покрај тоа во нив живее една половина од светската популација.
Во истражувањето преку рамковни проценки е моделирано колкави би биле здравствените бенефити до 2040 година, доколку споменатите држави би се придржувале до целите од Парискиот договор. Како репер за мерките кои треба да се спроведат земено е „сценариото за одржлив развој“ кое го разви Меѓународната агенција за енергетика, а кое на светот му дава голема шанса порастот на глобалната температура да го ограничи на 1,8 степени целзиусови.
Резултатите од истражувањето покажаа дека спроведувањето на мерките во наведените девет држави би довело до јасни здравствени бенефити и зачувување голем број животи. Со поголема климатска амбиција и придржување до мерките пропишани во Парискиот договор, проценките се дека во овие држави би се спречиле над 8 милиони предвремени смртни случаи годишно до 2040 година, и тоа:
-околу 1,18 милиони смртни случаи заради решавање на проблемот со аерозагадувањето;
-околу 5,86 милиони помалку смртни случаи заради поздрава исхрана;
-и околу 1,15 милиони смртни случаи заради решавање на проблемот со физичка неактивност и користење поодржливи видови транспорт;
А каде се Србија и Западен Балкан во целата приказна?
Целиот регион на Западен Балкан има голем проблем со аерозагадувањето и тоа е нешто на што секојдневно сме сведоци во зимскиот период од годината. Тоа во голема мера влијае и на високата стапка заболувања и смртност како последица од загадениот воздух. Во овој регион, кој воедно е и енормен емитер на загадувачки честици, годишно умираат десетици илјади луѓе.
Од друга страна, уште сега се забележливи промени на климата во овој регион. Тоа најдобро го илустрира податокот дека штетата од екстремните временски настани поврзани со климатските промени во последните 20 години во Србија изнесува над 7,5 милијарди евра.
Она што е проблем со нашиот регион кога станува збор за климатските промени, е недоволната заинтересираност на државните органи и политичарите да се занимаваат со оваа тема, сметајќи дека тие кај нас не влијаат во голема мера. Меѓутоа, мерките со кои би се влијаело на намалување на загадувањето на воздухот исто така би ја намалиле и емисијата на јаглерод диоксид, со што нашиот регион истовремено би работел на решавање на двата големи проблеми кои се присутни.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Thukral & Tagra
Извор: https://klima101.rs/