Промоција на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик

05.05.2021 11:58
Промоција на Толковниот речник на македонскиот јазик

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како дел од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик - 5 мај и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески го промовира електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик.

Речникот е дело на 21 автор, главно научници од Институтот за македонски јазик. Електронското издание на Толковниот речник ќе може бесплатно да го користат сите граѓани и сите проучувачи на македонскиот јазик. „Ова е подарок од Владата на Република Северна Македонија, од Министерството за образование и наука, од авторите и од Институтот за македонски јазик за граѓаните“, се наведува во најавата на промоцијата.

Со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија на 5 мај, пред 76 години македонската азбука е прогласена за официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со службен статус на територијата на Македонија. Македонската абука се заснова на кирилицата со одредени измени приспособени на македонскиот гласовен систем. Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои правописни знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.

Македонскиот јазик користи кирилична азбука која има долга вековна историја. Развојот на денешната македонска азбука датира уште од појавата на глаголицата, па со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. 

Слика: Зоран Кардула