Koпаничарството во Македонија - Нестор Алексиев Мирчевски

05.05.21 14:41

Нестор Алексиев Мирчевски (Осој, Дебарско, 25 март 1873 - Скопје, 17 јули 1969) е македонски копаничар со меѓународна слава и последен од големата тајфа на вакви уметници во Македонија.

Зад себе оставил дела во резбарските иконостаси во Македонија и во други балкански земји, а познат е како уметникот што го изработил саркофагот на Гоце Делчев.

„Нестор Алексиев Мирчевски бил генијален мајстор на тридимензионално прикажување на сите делови на резбата, устабашија и наставник во Уметничкото училиште во Скопје. Во својот осумдесетгодишен работен век, оставил голем број дела во дрво и мермер не само во Македонија туку и во седум држави на европскиот континент. Тој го одбележал континуитетот, одделните творечки достигнувања, како и залезот на резбата во Македонија. Оттука, не е претенциозно ако се каже дека Нестор е Микеланџело на македонската резба. На Светската изложба во Берлин во 1938 година го освоил првото место и бил одликуван со Орден за посебни заслуги и со диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклор од својот крај. Негови подвизи се спасувањето на иконостасот од црквата „Свети Спас“ во Скопје во 1944 година од грабежот на Бугарите и изработувањето за 21 ден на саркофагот во резба во 1947 година со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија.

Според историчарите на уметноста, во Македонија постојат три резбарски центри: Охридски, Прилепско-слепченски и Мијачки резбарски центар. Од долгиот список мијачки резбарски тајфи, кои во текот на 18, 19 и 20 век работеле речиси по сите меридијани на европскиот континент, позабележителни родови биле: Рензовци, Филиповци, Фрчковци, Станишевци, Мирчевци и други.

Посебен белег со својата резба низ Европа оставил родот Мирчевци од селото Осој, во Мала Река. Последни претставници од овој род се синовите на Нестор, Борис Несторовски и Миле Сирма кои го практикувале резбарскиот занает“, се вели во документарниот филм во продукција на Македонската телевизија.

 Извор: youtube.com

Слични содржини

Технологија / Уметност / Око
Фотографија / Наука / Око / Историја
Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око
Музика / Око
Живот / Филм / Око

ОкоБоли главаВицФото