1017 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Нед, 16.02.2025 07:59
Телото отсекогаш било место на контрола, отпор, дисциплина и непослушност, и меѓу другото простор каде се вежбале и истражувале родовите улоги. Промислувањата на телото и телесноста се потпорни точки на фестивалот Прво па женско. Позајмувајќи ги зборовите на Лис Иригаре го поставивме Ова тело кое не е едно за основа и поттик на она во коешто веруваме, во идејата за отфрлање на концептот за еднаквост во онаа смисла во која тоа подразбира статусни натпревари и манипулации и бескомпромисно преземање на атрибути на успешниот со цел изедначување со Другиот. Иригаре нѐ потсетува дека сите сме различни во родовиот аспект и дека онаа еднаквост која постојано ја застапуваме би требало, всушност, да биде заедничкото здружување без хиерархија. Подруготнувањето (Е. Шелева) во ниту еден случај не подразбира подеднаквување, туку суштинско разбирање на различностите кои првенствено ги препознаваме во нас, однатре она наше тело кое не е едно.
Иригаре ни укажува на тоа дека женската сексуалност и тело биле отсекогаш општествено и културно обликувани врз основа на параметрите на машкиот род, во една бесмислена споредбена релација на образец и копија. Затоа, се обидуваме да се спротивставиме на таквото восприемање на телото и воочуваме дека телата за кои зборуваме и мислиме се секогаш во множина и се создаваат под влијание на различни, често неповторливи искуства.
Програмата на Прво па женско вообичаено опфаќа повеќе аспекти од третманот, сликата, идентификувањето и восприемањето на телата, без разлика дали тоа подразбира релација во која е воспоставена институционалната моќ, влијанието од акутните социо-културни динамики или, пак, индивидуалното доживување на себеси. Низ програмските единици имаме можност да дознаеме и да размислуваме за старото/младото, грдото/убавото тело во македонската народна култура. Ќе зборуваме за женското здравје, за задоволството, но и за болката и неприпаѓањето. Ќе зборуваме за тоа каква е сликата за телото во кибер просторот, обременета со сите стереотипи и стигми и како тоа влијае врз јавното мислење.
И за крај, дали по логиката на Иригаре за écriture féminine, ќе создадеме сопствено гето (Е. Баковска) или ќе целиме кон поседување на сопствена соба (В. Вулф), е прашање кое ќе го оставиме да лебди и наместо да се обидеме да го одговориме ќе се стремиме кон тоа да отвориме простор каде ќе ги промовираме неконвенционалните, различни тела кои му пркосат на патријархатот. Феминистичкиот фестивал Прво па женско, низ контрадикторно и конфронтирачко соединување се обидува да создаде едно колективно тело од мноштво различности.
Слики: Christine Kim