Макробиотика

06.05.2021 13:38
Макробиотика

Не знам колку беше во право ама за најздравата храна ‒ oсобено макробиотската ‒ мајка ми викаше: „Ха, макробиотика, од тоо го умреа Стив Мек Квин“.

„На болен чоек исцеди му цвекло, меси му некој зелник, напрај му кило телешко, така издинстано, некое чкето, свеж спанаќ со јагнешко... Појачај му ја крвта со говедска чорба и ринфлајш. Тој ослабен како пиле, ти му даваш просо и соја, некакви семки, еми таков ослабен организам а крвта направена како вода од тие силни хемо терапии, нема сила да се бори.“

Од денес решив да ја кодошам. Го намрази Грујо, Заев не го засака ама ич. Велеше, нема капацитет за лидер и за високи политики. „Види Милче, ти како сакаш мисли си, овај покажа храброст со бомбите ама мене не ми влева доверба. Му фали речник, јак израз на добар политичар.“

И ми рече: „Оди овајпат сама во Брисел, сврши работа, изнагушкај се со Ивана и со Пако и назад си. Ќе се вратиш за една недела. Јас тука ќе те чекам, и ако се секираш дека сум сама, речи ѝ на Виолета да дојде“.
Дојде Виолета, жена му на Јане, јас отпатував смирена дека е во сигурни раце, вечерта се јавува Иван, вели: „Милче, одма назад, попладнево Јајака умре“.

А ми вети дека ќе ме чека, како куќен праг, како клуч под чергиче, расположена, во топ форма. И ако мислеше дека ќе ме поштеди од болка, се излажа. Не ѝ успеа. Затоа ја искодошив, дека ме излажа. А од мали нè учеше дека мајките никогаш не лажат. Ако некогаш ме излажала тоа било само дека постои Дедо Мраз. Толку. Уште сум ѝ малку лута.

Колаж: Han Cao

 

 

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото