Кратка историја на читањето

06.05.2021 13:47
Кратка историја на читањето

Жолтите книги, Винсент Ван Гог

Читањето туѓ текст носи чувство на континуитет и солидарност, и тоа се засилува штом научиме како читаат другите. Она што го читаме и начинот на кој ни влијае може да се одрази на нашата личност и на индивидуалните искуства. Историјата на читателите и на читањето може да понуди значаен увид во историјата и природата на општеството како целина.

Практични почетоци

Во 4-от милениум пне., со напредокот на земјоделието и со зголемувањето на комплексноста на општествените структури, во Месопотамија започнале да се развиваат урбаните центри. Таму непознат човек го променил текот на човековата историја длабејќи криви линии на глина за да претстави коза и овен. Заедно со концептот на пишување - претставување на изговорените звуци користејќи визуелни знаци - едновремено се родило и читањето. Пишувањето првично се користело за чување записи за комплексни трансакции. Најстарите познати глинени табли претставуваат листи на стоки обележани со сликовни знаци.

Околу 2600 пне., се појавило клинестото писмо и пишувањето станало поразновидно. Тоа се користело за документирање закони и за раскажување за кралевите. Во клинестото писмо секој слог е претставен со различен знак, а карактерите што човек морал да ги научи за да чита се броеле во стотици. Постоел развиен систем за образување млади писари од рана возаст. Древните пионери на пишувањето и читањето биле свесни и воодушевени од потенцијалот на оваа нова форма на комуникација. Во древната месопотамска култура, птиците ги сметале за свети бидејќи трагите од нивните стапала на влажна земја наликувале на клинестите симболи. Шаблоните што ги правеле додека чекореле ги сметале за пораки од боговите кои требало да се дешифрираат.

Како што древните писатели постепено ја откривале својата моќ да ги создаваат и менуваат митовите и историјата, биле напишани и првите книжевни дела. Најстариот познат именуван автор бил жена - акадската принцеза и висока свештеничка Енхедуана, која компонирала религиозни химни околу 2300 пне. Таа си го потпишувала своето име на глинените табли на кои ги впишувала делата. Отприлика во тоа време писателите започнале експлицитно да му се обраќаат на отсутниот „драг читател“ во своите пишувања со конкретно споменување на читањето како форма на интервременска комуникација.

Глинена плоча на која е испишан дел од епот за Гилгамеш на акадски

Читањето како изведба

Најраните напишани текстови биле наменети да се читаат на глас. Карактерите биле слеани и искусниот читател при гласното читање требало да ги разбива. Интерпункцијата за прв пат била употребена околу 200 пне. Народните маси се’ уште биле неписмени па до нив пишан материјал доаѓал само преку јавни читања. Јавни читања се одржувале во кралски дворови и во манастири. Жонглерските и раскажувачките изведби биле во мода во 11 и 12 век. Читањето книга се сметало за пријатна забава при вечера, дури и во поскромните домови, од римските времиња па до 19 век.

Во 5 век пне., славниот грчки историчар Херодот ја користел Олимпијадата како платформа за да ги презентира своите најнови дела. Во Рим, читањата од авторите претставувале општествена конвенција уште од првиот век. Можеби ентузијазмот на јавноста за овие читања опаднал низ вековите, но традицијата и денес постои. Оваа традиција популарните автори ја прифатиле во различен степен - од внимателно планираните читања на Чарлс Дикенс до неинтересните, монотони читања на други автори. За некои, како Жан Жак Русо, чии дела биле забранети од страна на предреволуционерните француски авторитети, читањата во куќите на пријатели биле единствениот начин да дојдат до публика.

Дури и кога образованието станало широко распространето, гласното читање претставувало важен начин за разонода и стекнување знаење, особено за жените. До доцниот 19 век жените биле охрабрувани да стекнуваат само минимално образование и на нивните научни амбиции било гледано со неодобрување. За жените било прифатливо да им читаат членови на семејството и пријатели, и тоа им ја хранело љубопитноста и гладта за приказни. Штом основното образование станало подостапно и поприфатливо помладите членови во семејството им читале на постарите.

Читање во себе

Со оглед на тоа што раните текстови биле замислени да се слушаат а не да се гледаат, тивкото читање или „читањето во себе“ претставувало куриозитет. Во 330 година пне., кога Александар Македонски читал во себе писмо од мајка му пред неговите војници, тие луѓе кои веќе биле воодушевени од него, се вџашиле од неговата натчовечка способност. Многу подоцна, во неговите Исповеди, напишани во 4 век, Св. Августин се воодушевува на тоа како неговиот ментор Св. Амброуз успевал да го разбере текстот додека „гласот му беше тивок а јазикот мирен“. Првите правила според кои научниците морале да работат во тишина во манастирските библиотеки датираат од 9 век. Дотогаш античките и средновековните библиотеки, а веројатно и доста потоа, многу се разликувале од модерниот концепт на тивко место за учење. Следниот пат кога ќе мечтаете за читање во библиотеката во Александрија или во онаа на Целз, не заборавајте да го вклучите и елементот на бучавата од многу гласните проучувања околу вас.

Кога се зголемило нивото на писменост, се подобрила интерпункцијата и се зголемила достапноста на книгите за општата публика со вклучувањето слики или со поедноставуањето на јазикот, читањето во себе станало норма. Се’ повеќе читачи започнале да создаваат лични врски со пишаниот текст, без нечиј туѓ глас или интерпретација да им служат како посредници. Читањето во себе го направило читањето приватна активност. Чосер во 14 век препорачувал читање в кревет, Мери Шели се залагала за читање на отворено, додека Хенри Милер и Марсел Пруст ја преферирале целосната самотија во бањата.


Гутенберговата Библија

Печатачка револуција

Најраната печатачка технологија потекнала од Кина, Јапонија и Кореја. Империјална Кина создала многу принтани материјали, со триење хартија од дрвена подлога премачкана со мастило. Знаењето за печатачката технологија пристигнала во западниот свет околу 13 век, а печатењето на дрвени подлоги стекнало широка популарност до 15 век. Леснотијата со која сега можеле да се произведуваат книги со печатење, отпорноста на финалните производи во споредба со рачно пишаните ракописи, и постојано растечката побарувачка за книги, довеле до развој на нови печатачки техники. Во 1430-ите, Јоханес Гутенберг го развил првиот механички печатач во Стразбур, Германија. Печатачот почнал да се користи во Mајнц до 1450-ите и печател примероци од она што подоцна станало познато како Гутенбергова Библија.

Штом претстојната сеприсутност на печатењето и читањето станала очигледна, црквите низ Европа го започнале потфатот да ги образуваат масите и писменоста растела преку воспоставувањето селски училишта. Продавачите на книги печателе примероци на популарни балади и народни песни за да привлечат читателство. Патувачките продавачи продавале мали, ефтини изданија како памфлети со популарни приказни во Англија и во Франција. Периодични изданија започнале да се објавуваат во раниот 18 век, натаму зголемувајќи го бројот на посветени читатели. Во тој период во Франција и Англија бил зачнат и романот како книжевна форма. Кога во 1849 Документите Пиквик од Чарлс Дикенс почнале да се објавуваат во продолженија во списание, привлечноста на романот била комбинирана со достапноста на списанијата и читателите можеле со месеци да живеат во приказната.

Библиотеки

Асирскиот владетел Ашурбанипал составил библиотека од глинени табли во Нивенех (денешен Ирак) во 7 век пне. Збирката била собрана во врвниот период од асирската империја, главно преку кражби. Библиотеката содржела оригинални табли кои датирале уште од вториот милениум пне., и вклучувала дела напишани и на сумерски и акадски. Биле ангажирани специјализирани писари за производство на копии на познати дела. Ашурбанипал, жестоко посесивен кон својата збирка, секому кој ќе ги изместел книгите му се заканувал со ужасна судбина. Векови подоцна, во 331 пне., Александар Велики го основал градот Александрија во Египет. Александрија набрзо прераснал во мултикултурен град со комплексна бирократија. Наследникот на Александар, Птоломеј I, ја основал библиотеката во Александрија, со краткорочната цел да ги организира големиот број документи складирани во градот, и со долгорочната цел да го собере сето знаење на светот. За таа цел, бродовите кои запирале во Александрија морале сите книги што ги носеле да ги предадат да бидат препишани (или задржани) во библиотеката.

Историјата на каталогизирање или организирање на пишаниот материјал е постара од првите формални библиотеки. Во древниот сумерски јазик, оние кои ги чувале записите биле нарекувани „свештеници на светот“. Првиот каталог на книги бил оној на египетската „Куќа на книги“ и датира од 200 година пне. Библиотеката во Александрија била лабораторија за многу рани експерименти во библиотекарската наука, главно низ делата на Калимахус од Сирена, кој ја каталогизирал библиотеката во Александрија во 2 век пне. Тој ги подредил насловите во листи според категориите: драма, лирска поезија, легислатива, историја, медицина, философија и друго. Тој бил и првиот библиотекар во историјата кој користел азбучен ред за подредување на книгите во овие жанрови. Иако библиотеките останале високо ексклузивни места со векови после овие настани, достапни и корисни само за привилегираните и искусните проучувачи, концептот на прегледен библиотечен каталог бил бесценет за читателите кои трагале низ полиците на овие складишта на информации во потрага по знаење.

Праксата на позајмување, или циркулаторни библиотеки, придружена со напредокот на нови печатачки технологии, било промена што го револуционизирале читањето за обичните луѓе. Во 18 век дошло до раст на овие институции и во Европа и во Северна Америка. Читателите ги користеле услугите на библиотеките индивидуално и колективно во читачки групи и клубови.


Читањето како бунт

Како што видовме досега во оваа кратка историја на читањето, моќта на пишаниот збор, која се префрлува на неговите читатели, била одамна препознаена. Оттаму не изненадува дека фигурите на авторитет низ историјата се обиделе да им забранат пристап до материјал за читање и дури и до писменост на луѓето под нивна опресија. За овие маргинализирани групи читањето, во многу опасни ситуации, претставувало храбар чин на бунтовност и отпор.

Поробените народи, и во британската империја и во двете Америки, со векови не смееле да читаат. Сепак, тие успеале да научат, честопати ризикувајќи си ги животите во тие напори, користејќи и некои многу инвентивни методи на учење. Книжевноста која притоа ја читале и пишувале станала потентно оружје во битката против ропството и опресијата.

Читателските и интелектуалните амбиции на жените биле обесхрабрувани, честопати насилно, и покрај тоа што некои од најраните поети и автори биле жени. Сепак, во голема мера отсечени од надворешниот свет и присилени во рутината на домашниот живот, генерации жени биле самоуки читателки и пишувачи. Пишувале обемни текстови за сопствените искуства, многу од кои го издржале тестот на времето и денес се препознаваат како класици. Жените во Кина и во Јапонија измислиле сопствени дијалекти кои ги користеле единствено за меѓусебна, женска комуникација. Во Индија, Рашсундари Деви, авторката на првата автобиографија на бенгалски, самата се научила да пишува чкрткајќи букви во пепелта од огнот после цел ден напорно готвење. Во француската книга за средновековни верувања на жените, Les Evangiles des Quenouilles, уште во 15 век биле споменати читачки клубови само за жени каде се дискутирало книжевност од женски аспект.

Тоталитарните владетели отсекогаш ја препознавале важноста луѓето да бидат неуки со цел да се задржат понизни кон експлоатирачки режими, и поставувале забрани за книги кои се спротивставувале на нивната верзија на реалноста. Делата на Протагора биле палени во античка Атина, кинескиот император Ши-Хуанг Ти сакал да изгори се’ напишано пред неговото владеење за историјата да започнува со него. Во 1559 Римската католичка црква започнала да одржува Индекс на забранети книги. Во нацистичка Германија владината пропагандна машина направила спектакл од горење книги, со тоа што секоја изгорена книга добивала свој епиграм. Колонијалните владетели се обидувале да ја забранат и превенираат циркулацијата на печатени материјали што го ставале под прашање легитимитетот на нивното владеење во колониите низ светот. Моќта на пишаниот збор исто така била користена во погрешни цели, што се’ уште се случува, за ширење лажни информации и омраза.

Извор: Bookriot

ОкоБоли главаВицФото