Четири наслови препорачува... (6)

06.05.2021 14:23
Четири наслови препорачува... (6)

Кадар од филмот „Water“ од Дипа Мета


Елена Пренџова
(писателка/слемерка, англистка) препорачува 4 (-1+1) омилени уметнички дела. 

Филм: „Water“, Дипа Мета
(2005 г.)
- Третиот филм од трилогијата „Трилогијата за елементите“; еден од малкуте филмови според кој е напишан роман (наместо обратно): „Вода: романот“ од Бапси Сидва, 2006 г.; Драма за животот на вдовиците на возраст од осум до осумдесет години во ашрам во Индија; Дејствието се случува во 1938 година. Според традицијата столетија стара; според истите обичаи што се практикуваат и денес; филм за: детските бракови, проституцијата, човековата нечовечност, но и добрината и љубовта; филм за институционализираната опресија над жената; одоговор на шовинистичкото прашање: „Што ќе ви е феминизмот (во денешно време)?“

Книга: „Франкенштајн; или Модерниот Прометеј“, Мери Шели
(1818 г.)
- Готски роман од периодот на романтизмот кој според некои книжевни критичари и критичарки треба да биде вброен во научнофантастичната литература; Во една од студените дождливи ноќи за време на аристократските резиденцијални престои на имотите во природа, односно на село, пријателите и писатели Лорд Бајрон и Перси Б. Шели се обложуваат кој ќе ја напише најстрашната приказна за време на викендот. Со нив е и идната сопруга на Шели, Мери. Неа, како жена, ја изземаат од облогот. Таа се изборува за својот удел во облогот и ја пишува скицата за романот „Франкенштајн“. Што мислите, кој/а го добил/а облогот? Епистоларен роман, пишуван во наративната техника кадрирање и низ гласот и очите на повеќе наратори, навистина и денес останува едно од најоригиналните, најиновативните и најхрабрите книжевни дела некогаш напишани.

Плоча: „La novia“ (OST), Умебајаши Шигеру
(2015 г.)
- Насловната песна на саундракот, „Dice la nostra novia“ („Вели нашата невеста“), ја пее Ванеса Мартин. Филмот претставува екранизирана верзија на трагедијата „Крвава свадба“ од Федерико Гарсија Лорка. Музиката прецизно ги преточила сите силни емоции на приказната во ноти. Призвукот на етно – „убиствен“ зачин во мали, а доволни дози. Слушањето на саундракот претставува возбудливо, благопријатно напнато и интензивно сетилно и внатрешно доживување кое лесно навлекува на рипит.

Изложба: ретроспективна изложба на акварелите на Ли Даоши
(Национална галерија, Ченгду, провинција Сечуан, Народна Република Кина, август 2019 г.)
- Ли Даоши е современ акварелист од провинцијата Ченгду во Кина. Неговите акварели се џиновски, го пополнуваат просторот на целиот ѕид. Неговите акварели се и минималистички од аспект на употребата на бои. Имено, Даоши слика со црна боја на бело платно, а најчесто сликите ги врамува во бела рамка, некогаш црна. Доколку во неговите акварели се забележува некоја боја, тогаш употребата на бои ја ограничува само на една по слика, на пример, зелена, или црвена, сина, или, пак, некоја ненападна нијанса на жолто; секако, во комбинација со црната. Неговите акварели се и тематски едноставни: слика природа и пејзажи – преубавата селска идила со куќичките за одмор во парковите и со светите пагоди, кинеските планини со потоци и високи, бујни шуми, расцутени цветови и шумските птици песнопојки. Сосема поинаку и контра раскошот од бои, цртички и точки на западноевропското сликарство; Од неговите дела се шири некоја зен-смиреност и, просто неверојатно како во ниту еден момент човек не се чувствува загрозен/а од џиновските размери на делата.

Театарска претстава: „Човекот кој зборуваше змиски“, театарот Ванемуине
(Тарту, Естонија; сезона: септемви 2019 г.)
- „Човекот кој зборуваше змиски“ е претстава правена по истоимениот роман на естонскиот писател и драматург Андрус Кивирик, кој за романот добил национална награда за најдобра научнофантастична книга. Претставата е долга, со паузи – скоро 3 часа. На почетокот ја следев со титлуван превод на англиски јазик, но бидејќи ми беше многу незгодно ем да го читам преводот од таблетот ем да следам што се случува на сцената (а претставата има бајаги текст), се откажав од преводот, па се внурнав во визуелната магија на театарската сцена. Многубројниот актерски ансамбл, неговата извонредна кореографија, белата надреалистична костимографија како и минималистичката и еколошка, исто така сета во бело, мошне раскошна сценографија одлично ја претстави атмосферата на замислениот митски свет во кој се одвива дејството. Во моментот кога ја гледав претставата, атмосферата на претставата и сетингот ме потсети на „Сон на летната ноќ“ од Шекспир. Отпосле кога го прочитав романот ми се разјасни логиката на дејството. Навистина реткост да следам долга претстава со многу текст на јазик кој не го разбирам и при тоа да не ми попушти концентрацијата.

Извор: Култур Шог

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото